Медиумски фонд, со пари од медицинскиот канабис!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Се говори дека значителна сума од два милиони евра годишно можат да бидат обезбедени од данокот од извозот на цветот од медицински канабис. Од оние 10 проценти екстра данок што оваа индустриска гранка ќе ги дава кон државата  ќе се подржат лекувањата на лицата со ретки болести, како и проекти од културата, спортот и граѓанскиот сектор.

На секоја држава и народ и требаат јавни кампањи, заради јавно добро и во тоа не треба да има дилема. Промовирање на демократски вредности, предноста на вакцините пред погубноста на вирусот, штетата на лажните вести, промовирање на правата на граѓаните и други хуманистички пораки, се нужност во секојдневието на нашиот живот.
Проблемот настанува или настанал кога тие пари, кои се потрошени за кампањите, се употребени за корупција, за пропаганда од најдолен вид, за збогатување на само одредени медиуми, кои потоа од петни жили, по секоја цена ја бранат власта и нејзините погубни политики, кога стануваат закана за безбедноста на граѓаните, кога се злоупотребуваат за замолчување на вистината и јавно искажаниот збор, кога се користат за анатемисување на опозицијата, за пропагирање ретроградни вредности кои предизвикуваат насилство и т.н.
И тоа навистина беше така, во значителна мерка.
Но ако еднаш си се изгорел од врело млеко не значи дека за секогаш треба да дуваш во јогурт.
Оттаму, не го сфаќам толкавиот априорен отпор на ЗНМ, МИМ, на Синдикатот и сите други здруженија кои се противат на укинување, или на измени на членот 102 од Законот за медиумски услуги, кој забранува владини реклами, само затоа што тие, за време на шарената револуција, биле за негово донесување.
Разбирливи се стравовите дека историјата може да се повтори и дека некој нов Никола Груевски ќе ги злоупотреби државните, народните пари за свои потреби. Точно е и тоа дека не се знае каде и во кои џебови ќе завршат тие пари, за кои сега најмногу се острат медиумите.
И тука има еден парадокс, Владата сака да преговара со ЗНМ и Синдикатот, а парите од јавните кампањи да им ги даде на „медиумите“. Што под „медиуми“ подразбираат тие? Кога на медиум ќе му дадеш пари, тие стигаат во фирмата на име на газдата на фирмата.
Но медиумите не се само газдите. Прашањето е што од тоа освен газдите ќе добие новинарската класа и работниот процес. Токму за тоа треба да се разговара. Основната надлежност на ЗНМ и Синдикатот треба да се тие аспекти од разговорите со власта, затоа што засега, во оваа фаза ние ги гледаме како најзасегнати само менаџерите на медиумите кои веројатно во име на сопствениците, или пак заради свој интерес, постојано плачат дека медиумите пропаѓаат поради недостиг на средства, иако Владата и досега постојано издвојувала за нив.
Единствена синтагма што ја турка Владата, а од која организациите на фелата се оградија, а што се однесува на медиумските работници е Медиумскиот фонд.
Она што не е јасно, или сеуште не е јавно, е со кои средства Владата ќе ги финансира јавните кампњи и Фондот, иако се говори дека значителна сума од два милиони евра годишно можат да бидат обезбедени од данокот од извозот на цветот од медицински канабис за финасирање на Фондот. Од оние 10 проценти екстра данок што оваа индустриска гранка ќе ги дава кон државата  ќе се подржат лекувањата на лицата со ретки болести, како и проекти од културата, спортот и граѓанскиот сектор.

Целата процедура ќе биде низ строга регулатива согласно ЕУ стандардите, велат владини претставници.
Ако новинарската фела во принцип се залага за политички договор меѓу власта и опозицијата и инсистира на разговори по спорните прашања, зачудува што истиот принцип не го применува кога станува збор за своите интереси и не влегува во разговори со „другата“ страна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот