Јато од 700.000 птички преселници прелетаа од Икс на Блускај
Експертите за социјални мрежи објаснуваат дека Блускај нуди алтернатива на Икс, пред сѐ поефикасен систем за блокирање на проблематични корисници и навредливи пораки
По победата на партнерот на Илон Маск на претседателските избори во САД, стотици илјади корисници масовно ја напуштаат Икс и мигрираат кон сродните социјални платформи на кои построго се филтрираат лажни вести и навредливи пораки.
Миграцијата на корисници главно е насочена кон Блускај, чиј симбол е сина пеперутка и многу прилега на Твитер – социјалната платформа Икс пред да ја преземе Маск. За само една недела по изборите во САД Блускај доби 700.000 нови корисници. На оваа платформа масовно се регистрираат и нови корисници од Обединетото Кралство. Блускај во септември имаше 9 милиони корисници, а сега се приближува до 15 милиони.
Експертите за социјални мрежи објаснуваат дека Блускај нуди алтернатива на Икс, пред сѐ поефикасен систем за блокирање проблематични корисници и навредливи пораки.
– Таа стана засолниште за луѓе што сакаат искуство како она што своевремено го нудеше Твитер, без агресивниот екстремно-десничарски активизам, без малинформации, без говор на омраза, без ботови и сѐ друго. Полибералните твитерџии бегаат од таму и се чини дека масовно се селат на Блускај – објаснува за „Гардијан“ аналитичарот Аксел Брунс.
Блускај се развил како внатрешен проект во Твитер и се издвоил како посебна компанија во 2022 година. Првиот бран на ширење на платформата се поклопи со времето кога Илон Маск го купи Твитер за 40 милијарди долари и кога под негови инструкции социјалниот медиум прекина со строгата филтрација на омразата, навредите и лажните вести од пораките. Во периодот кога Маск го ребрендираше Твитер во Икс, платформата изгуби милиони корисници, а сообраќајот на социјалната мрежа за седум месеци се намали за 20 отсто.
Секој пад на Икс создаваше подем на Блускај. Кога Бразил во септември го суспендираше Икс, Блускај за една недела доби 3 милиони корисници. Уште 1,2 милион мигрираа за два дена откако Икс најави дека на корисниците ќе им дозволи да ги следат објавите на корисниците што ги блокирале.
– Возбудени ги пречекуваме сите овие нови луѓе – изјави претставничката на Блускај, Емили Лиу.
Задоволни се и корисниците. Историчарката Рут Бен-Гијат, професорка на Њујоршкиот Универзитет, вели дека имала 250.000 следбеници на Икс, но само на првиот ден на Блускај добила 21.000 следбеници.
– Сѐ уште сум на Икс, но по јануари, кога Икс ќе биде во сопственост на де факто член на администрацијата на Доналд Трамп, таа ќе функционира како пропагандна машина на Трамп и ќе се забрза екстремната десничарска радикализација – вели професорката Бен-Гијат.
Независната платформа Блускај сѐ уште се развива. Новите корисници имаат на располагање „почетни пакети“ – групи луѓе со слични искуства и интереси.
– Почетните пакети му го даваат на Блускај она што го ценев на Твитер, информирани објави на тема од различни гледишта – вели историчарката.
Александрија Окасио-Кортез, демократска конгресменка од Њујорк, се пофали дека се вратила на Блускај.
Нејзината порака: „Фала Боже, убаво е да се биде во дигитален простор со други реални човечки суштества“, 27.000 луѓе кликнале дека им се допаѓа.