Јапонските ресторани ја бришат дамката од невкусните шеги на суши-терористите

Храната повеќе не е толку безбедна - Фотографија ЕПА, Наронг Сангнак

Модерните јапонски ресторани, кои сервираат храна на бескрајни ленти, најавија дека темелно ќе ја сменат политиката на услужување на гостите по виралното ширење на снимки на плукање врз туѓи оброци.

Јавноста со згрозување реагираше на снимките на пакосни млади луѓе што лигават заедничко шишенце за соја сос, лижат чинии и чаши или тријат плунка врз оброци што поминуваат покрај нив на бескрајна лента. Друга крајност се примерите на крадење суши од туѓи порции или зачинување туѓи оброци со „експлозивна доза“ васаби или со средство за дезинфекција.

Изразот „суши-терористи“, искован од медиумите, им прилега, бидејќи реално го загрозуваат здравјето на случајни луѓе и со споделувањето снимки предизвикуваат гнасење и страв меѓу Јапонците што уживаа во рестораните со специфичен начин на служење на оброците – каитенѕуши.

Рестораните итно реагираат за да ја спасат репутацијата, да ги задржат клиентите и бизнисот што во 2021 година им донесе 740 милијарди јени (околу 5,4 милијарди долари). Инцидентите ја спуштија вредноста на акциите на „Суширо“ чија мрежа на каитенѕуши е најразгранета.

Синџирот „Чошимару“ објави дека до април во своите 63 ресторани низ Токио ќе ги запре бескрајните ленти за служење храна, кои му ја донесоа популарноста.

Сопствениците истакнаа дека се принудени да ангажираат келнери, ризикувајќи да останат без клиентите привикнати на брзо сервирање на храната.

„Суширо“ најави дека ќе ги задржи бескрајните ленти, но ќе воведе технолошки новитети што ќе ги спречат гостите да бидат во допир со туѓа храна. „Кура суши“ објави дека ќе монтира камери опремени со вештачка интелигенција за да ги обесхрабри суши-терористите.

– Многу гости се жалат дека повеќе немаат доверба во храната послужена на бескрајна лента. Низ криза поминува целата индустрија – изјави Хиројуки Окамото од „Кура суши“ за весникот „Маиничи шимбун“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот