Извештајот на ЕК со препораки до Владата: Kонечно, заштитете го Охрид и намалете го загадувањето!

Охрид, / Фото: Драган Митрески/Слободен печат

ЕК ѝ сугерира на Владата да ја преиспита својата одлука да продолжи ги субвенционира тарифите за откуп на струја од малите хидроелектрани на кои, како што се вели во Извештајот, „или не им треба финансиска поддршка или имаат негативно влијание врз животната средина“.

Аерозагадувањето и натаму е причина за загриженост, дивите депонии и отпадот сѐ уште се акутен проблем, а со спроведување на мерките за заштита на Охридскиот регион, препорачани од УНЕСКО, сериозно се доцни. Ова е само дел од содржините на кои се осврнува Европскиот извештај за напредокот на РС Македонија кон членството во ЕУ во сферата на животната средина и заштита на природата.

Европската комисија излезе со неколку клучни препораки: Македонија да ја подобри соработката меѓу институциите што се грижат за квалитетот на воздухот и да го подобри финансирањето во оваа област, да воспостави регионален систем за управување со отпад, но и да го спроведе Парискиот договор што подразбира донесување стратегија и закон за справување со климатските промени, кои ќе бидат во согласност со рамката наречена ЕУ 2030.

Користењето на обновливите извори на енергија е оценето дека е во согласност со важечките закони и стратешки зацртани цели, но ЕК ѝ сугерира на Владата да ја преиспита својата одлука да продолжи со субвенционирани тарифи за откуп на струја од малите хидроелектрани на кои, како што се вели во Извештајот, „или не им треба финансиска поддршка или имаат негативно влијание врз животната средина“.

Сѐ уште не се донесени ниту законот за инспекција во животната средина ниту, пак, законот за индустриски емисии, се констатира во Извештајот. Станува збор за два важни закона, кои ги регулираат праговите на загадувањето од индустријата, обврските на загадувачите и мерките што против нив треба да се преземаат и за нив ЕК секоја година во своите извештаи предупредува дека е неопходно да бидат донесени. Недоволната примена на начелото на одговорност на загадувачот, се вели во Извештајот, спречува создавање ефикасен систем за превенција од појава на инциденти на индустриско и хемиско загадување.

Посебно се нагласува дека донесената законска регулатива за третман на отпадот е добар чекор, но недоволен, во услови кога сѐ уште не се спроведува регионалниот систем за третман на отпад и се толерираат дивите и нестандардни депонии во државата. Во Извештајот се наведува дека при изработка на оценките за влијание врз животната средина и стратегиските оценки за влијанието на инфраструктурни, енергетски и други типови објекти, треба да се подобри процесот на консултација со засегнатата јавност, бидејќи нетранспарентноста во тие процеси и несоодветното информирање на граѓаните и натаму претставува сериозен проблем.

Извештајот на Европската комисија посебно се осврнува на состојбата со заштитата на природата. Иако ги препознава позитивните чекори како што е прогласувањето на Шар Планина за национален парк, напорите за ставање на Охридското Езеро со Студенчишко Блато на списокот на Рамсарската конвенција, Извештајот потсетува дека доцни прогласувањето на Националниот парк Маврово за заштитено подрачје.

Посебно се нагласува дека е сериозно доцнењето на спроведувањето на препораките на УНЕСКО за заштитата на природното и на културното наследство на Охрид. Ова, се вели во Извештајот на ЕК, бара сериозно внимание на надлежните.

Осврнувајќи се на тоа како земјата се справува со климатските промени, Извештајот заклучува дека постојните домашни закони не се усогласени со регулативата на ЕУ и државата ниту вложува доволно пари ниту вработува квалитетен кадар за оваа проблематика. Допрва е потребно да се донесе закон и долгорочна стратегија за климатска акција, се заклучува во Извештајот на Европската комисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот