Измените на Законот за македонскиот јазик меѓу приоритетите на Министерството за култура

Бисера Костадиновска Стојчевска - министерка за култура / Фото: „Слободен печат“

Измените на Законот за македонскиот јазик е една од најголемите иницијативи што ја подготвува Министерството за култура за наредната година и се фокусирани на употребата на јазикот и формирање на Инспекторат како тело кое ќе ја контролира неговата правилна употреба.

Јазикот, како што вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, е заштитено нематеријално културно наследство.

– Овој закон ја унапредува примената на македонскиот јазик и во него е предвидено задолжителното вработување на лектор во секоја институција, задолжително лекторирање, што ќе биде привлечно и за нови работни места. Друга новина е воведување на работата на Инспекторатот, област во која има одредби кои се усогласени со новиот Кривичен законик. Овој закон ќе овозможи одредени измени во Законот за основно, средно и високо образование, рече Костадиновска-Стојчевска на брифинг со новинарите.

Таа додаде дека е задоволна од видливите резултати во сите дејности, богатството и разноликоста на уметнички содржини, инвестициите во инсфраструктурата, кои, според неа, во 2024 година ќе бидат уште поатрактивни за граѓаните и за корисниците, а ќе продолжат да бидат актуелни и привлечни за медиумите.

Додека Министерството за Култура активно се вклучува во напорите за воведување на лектори и нови стратегии за унапредување на културата, исто така, се разгледуваат и предлози за промени во законот за културно наследство. Овие промени ќе имаат значаен удел во запазувањето и заштитата на богатото културно наследство на Македонија во иднината.

Во однос на одржувањето на културното наследство, Министерството за култура, вели таа, активно работи на враќање на украдените дела на уметност, вклучувајќи ги иконите од манастири и цркви во Македонија. Исто така, документите за Универзалната сала, конечно Град Скопје му ги предаде на Министерството за култура.

Како едни од главните успеси на Министерството ги посочи претставувањето на новата Национална установа за џез оркестар и Камерниот оркестар во Битола, институции кои ќе создадат нови платформи за изразување и уживање во музиката.

Во рамките на Националната опера и балет, Министерството за култура предвидува осовременување на просториите што ќе можат да ги користат театрите и институциите од областа на културата, што претставува значителен чекор кон подобрување на културните содржини ширум земјата.

Дополнително, се пофали дека буџетот за културата во однос на минатата година забележа раст и достигна до 4,6 милијарди денари, што е доказ за инвестирањето на државата во културните сектори и нивната важност во формирањето на идентитетот на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот