Изложбата „Рудименти“ на Владимир Симоновски беше поставена во Центарот за култура во Битола

Во просторот на Нова сцена во НУ Центар за култура Битола, во текот на празниците, беше поставена самостојната изложба „Рудименти“ на академскиот скулптор Владимир Симоновски.

Изложбата содржеше седум скулптури и еден објект изработени со специфична техника во дрво и метал,кои заедно прават уникатна целина. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика на моќни симболички форми.

Како рефлексија на средновековната иконична претстава „Слегувањето на Христос во адот“, публиката учествуваше во симнување во подземен простор во кој се согледува себеси низ скулпторски форми на раѓање, детска игра, духовен пад и преобразба.

Во каталогот за изложбата, историчарот на уметност и графичар, Владо Ѓорески, напиша: „Владимир Симоновски … дантеовски тргна во потрага по семиотиката на изгубената цивилизација, по светлината на Богочовекот, кој се спушта во нашиот нов свет, во нашите подруми, и повторно се распнува низ вкрстените порти. … Тоа се порти што преку смртта и повторната преобразба во светлина нè воведуваат брзо (затоа што навистина немаме време и дефинитивно сме изгубени во безизлезен вртлог) во трансцедентното, водуховното, давајќи ни храброст да ја погледнеме смртта в очи, оти подобро е да се биде мртов човек одошто бесмртен робот. … Владимир Симоновски ни ја фрла вистината пред нас, поставена на црниот крст на нашето распаѓање, наспроти левитирачките порти низ кои може да помине само оној што верува, но не во лажните пророци, не во лажните спасители, душогрижници за нашето ’здраво‘ опстојување.

Во малиот, темен простор тој ги поставува суштинските остатоци од секој нас и нè раслојува во една поетска метаморфоза, во еден детски еквилибриум, во една решетка на сите наши заробени слободи, отсекаде и засекогаш, во една лажна светлина на сите машински зборови што се замена за некогашните говорења. Конечно, тој ни ги остава клинците на сите наши распетија – љубовни, мечтателни, творечки, едноставни, скромни во сите сегменти на животот што сме го заборавиле.“

Владимир Симоновски е академски скулптор од Битола. Завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, во класата на професорот Беди Ибрахим. Учествувал на повеќе групни, а реализирал и самостојни изложби во Прилеп, Кавадарци, Битола, Скопје (КИЦ) и Струга. Претседател бил на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) од 2010 до 2014 година.

Соработувал како сценограф со режисерот Лука Кортина (2009) и како костимограф на ТВ серијата „Седум приказни за свршувањето“ (2001). Автор е на дизајнот (сценографија, костимографија, плакат) на претставите „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје (2016), „Буре барут“ на Драмски театар – Скопје (2016) и „Дух“ на Охридскиот театар. Ја добил наградата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ воПрилеп во 2017 година, за најдобар визуелен материјал за претставата „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје, како и наградата „4 Ноември“ на ДЛУБ во 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот