Излезе новиот роман на писателот Томислав Османли со наслов „Заборав“

Фотографија: колаж

Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ ја објави најновата книга на Томислав Османли, романот насловен „Заборав“. Книгата на Османли говори за Алцхајмеровиот синдром во ова време на патолошки амнезии.

Тоа е проза фокусирана на суштествените проблеми на современоста, од интимните до општествените аспекти на заборавот како битно својство на ова, и локално и универзално, сѐ подехуманизирано време. Тоа гледиште му овозможува на писателот, познат по длабоките книжевни нурнувања во проблемските аспекти на историјата и на современоста, да изгради ново, жестоко видување на современото општество, низ сплет од впечатливи приказни што се случуваат кај нас и низ светот.

– „Заборав“ е роман на смел, ангажиран и критички, често и духовито интониран поглед врз ова време во кое системите на моќ и пари го потиснуваат обичниот човек, нашиот современик, но и на нашиот сограѓанин. Сочувствен кон многубројните ликови на својата прозна книга, Османли пишува роман за доминирањето на егоизмот, отуѓеноста, техницизмот и за тивките драми на неговите книжевни јунаци, осамените единки што тонат во лични, но и во различни видови, колективни заборави. Низ дејствувањата на живи, ововремени карактери и низ мноштво, живописно доловени ситуации, романот „Заборав“ говори за изумирањето на сочувственоста на психолошко, како и на либералните етички и на традиционалните вредности на општествено рамниште; за ништењето на социјалните ангажмани и нивните замени со лажни, потрошувачки дефокуси, создавајќи реалност на неразбирливи хибриди и збунувачки контроверзии. Низ сложен и возбудлив фабуларен пристап, Османли во својата најнова прозна книга говори за цивилизациската морална регресија и за глобално активираниот системот на произведување севозможни видови заборави – стои во предговорот на книгата.

Романот „Заборав“ е проследен и со содржаен предговор на Глигор Стојковски, издавач, писател и книжевен критичар. Станува збор за петтиот роман на Османли, одново сосем различен во темите и во пристапите од претходните дела.

Дизајнот на кориците на книгата е на арх. Славчо Данаилов, а компјутерската обработка на Методија Ачевски и „Спринт студио“. Објавувањето на романот е поддржано од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот