Изјавите за притисоци без име и презиме се пресуда за рејтингот на судството

Заклетва на судии во Судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Судии, обвинители, членови на Судскиот совет често во јавноста даваат изјави дека врз судиите и обвинителите се вршат притисоци од политичките и од бизнис-круговите за да се донесе или да не се донесе определена одлука или пресуда, ама никој не ги пријавува притисоците во Јавното обвинителство за да се истражат и казнат сторителите на ваквите кривични дела. Според познавачите, давањето на општи изјави без конкретизирање кој врши притисок, врз кој судија или обвинител и за кој кривичен предмет, создава перцепција кај граѓаните дека сите судии се или корумпирани или под притисок и дека „им слугуваат“ на политичарите и на елитите наместо да ја направат правдата достапна за секого. Затоа и паѓа довербата во судството.
Од Судскиот совет повикаа судиите да ги пријават притисоците, но засега освен во анонимни анкети делителите на правдата во Македонија не проговоруваат кој ги застрашува, уценува или на друг начин им влијае врз одлуките.

Политиката го „држи“ судството

Судиите се должни да пријават притисок од политичко бизнис елити бидејќи тој притисок е незаконски, вели адвокатот Јанаки Митровски за „Слободен печат“.

– За поздрав е пргавоста и отпорот на претседателката на Врховниот суд, но го делам мислењето дека треба да се именуваат оние кои прават притисок. Многупати сум кажал дека најголемиот дел судии се стручни, но се виновни затоа што молчат и се супер приемчиви на политички притисок. Не треба да престанат ваквите изјави, но да не бидат половични односно без да се именува оној кој незаконски влијае – вели Митровски.

Аналитичарот Иво Ранѓеловиќ смета дека врз судиите има реални притисоци кои потекнуваат од политичките и бизнис кругови и дека самата политика го корумпира правосудството.

– Недовербата во судството е резултат на очигледните притисоци врз правосудството. Јавноста точно знае кој врши притисок – спрегата помеѓу политичката и бизнис елита – и затоа е цврста во изливот на недоверба. Неисправно е да констатираме дека сите судии се корумпирани, а притоа сме сведоци како системот им оневозможува лесен излез од таквото лимбо. Тоа не ја оправдува корупцијата во правосудството, само го дијагностицира проблемот. Тешката рака на политиката врз судството ја прави судската пракса безвредна, а корупцијата неизбежна. Доколку, хипотетички, се изнајде решение за правосудниот систем објективно да профункционира, во Македонија ќе треба да згасне и политиката онаква каква што ја познаваме – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев за општите паушални констатации за притисок врз судството и штетата што ја нанесуваат врз довербата вели дека треба да се спроведе едно вистинско истражување, без, како што вели „рекла-казала“ и перцепции.

– И довербата врз правосудството од граѓаните е само погрешна перцепција базирана врз она што се пласира во медиумите – вели Калајџиев.

Многу изјави, малку пријави

Последна таква изјава која крена многу прав е на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми која пред два месеци во интервју рече дека мешањето на политиката ја нарушува независноста на судството и дека постојат обиди за директно мешање на политиката и на другите власти поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото. Рече дека политиката има потенцијал да користи влијанија на различни начини и секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд. Судскиот совет потоа ја покани на разговор да каже кој точно притиска, но таа не дојде, а сега Советот за неа води постапка за разрешување.
Неодамна, „звучна“ изјава даде обвинителката Ленче Ристоска дека членови на Советот на јавни обвинители на кандидатите за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за да бидат избрани, што покажува дека Советот е извор на тргување со влијание во Обвинителството, а подоцна изборот креира клиентелистички однос. Потоа Советот на ЈО ја испрати оваа изјавата до Етичкиот совет при ЈО, а на Ристоска и беше порачано дека „ако има такви членови треба да ги изнесе тие податоци“.
И двете екс преседателки на Судскиот совет, Павлина Црвенковска и Весна Дамева по заминувањето од претседателските места изјавија за притисоци и влијанија од политички и бизнис елити, но Судскиот совет не ги истражи овие изјави, а Црвенковска и Дамева не беа транспарентни до крај.
Исто така, на контролата на Судскиот совет во судот во Струга судиите тврделе дека не трпеле притисоци од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко или од други лица. Контролата се случи откако Мерко се најде на т.н. црна листа на САД, меѓу другото, и поради влијание врз правосудните органи.
Анкетата на ОБСЕ за проценка на ризиците од корупција во правосудството објавена неодамна покажа пораст на обидите да се влијае на судиите од страна на нивни колеги од повисок ранг и извесно намалување кај обидите за влијание од претставниците на извршната власт. Анкетата на 212 судии и 83 обвинители покажа и дека три од четири судии не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност, а над половина обвинители не веруваат дека Советот на јавни обвинители ги донесува одлуките самостојно и независно.
„Податоците откриваат причина за загриженост бидејќи речиси 46 отсто од анкетираните судии навеле дека искусиле некоја форма на притисок или обид за влијание од своите колеги, додека 42 отсто навеле дека искусиле сличен притисок или влијание од судиите од повисок ранг, како што се претседателите или судиите од повисоките судови. Иако повеќето испитаници посочиле дека ваквите практики не се случуваат често, оваа статистика треба да се смета за знак за предупредување дека судиите се предмет на различни форми на хоризонтални или вертикални влијанија во своите редовиа“, се вели во анкетата на ОБСЕ.
Според резултатите над една третина од судиите пријавиле дека искусиле некој вид на влијание или притисок од извршната власт (36 %), од претставници на политичките партии (37 %), од адвокати (35 %), од претставници на деловниот сектор (35 %) и од членовите на Судскиот совет (32 %).
По оваа анкета претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев ги повика судиите кои имале притисоци или влијанија од претседатели на судови и од членови на Советот да пријават или во Судскиот совет или во ЈО, затоа што покажуваат дека немаат храброст ако тоа го тврдат во анонимни анкетите, а не го пријавуваат и со тоа се доведува во прашање самиот интегритет на судиите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот