Издавачот „Бункер“ го објави графичкиот роман „Стармен“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст

Во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, издавачот „Бункер“ го издаде седмиот графички роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст.

Графичкиот роман „Стармен“ раскажува за подемот и падот на, веројатно, најпознатото алтер-его во музичката историја. Во него, авторот Рајнхард Клајст ги преплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена до борбата со својата креација на врвот од славата.

Зиги Стардаст е измислен лик создаден од англискиот музичар Дејвид Боуви (1947-2016). Името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го забележал додека патувал со воз. Тој е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење.

Раѓањето на овој рокенрол месија, чии провокативни настапи на Дејвид Боуви му го донесоа статусот на водечка светска музичка ѕвезда, е означено во 1972 година. Зиги Стардаст беше нов, свеж концепт, кој визионерски ја одреди иднината на светската поп-рок музика.

– Воден од желбата преку својата музика, или подобро, преку својата уметност да му пружи рака на непознатиот пред себе, Боуви многу рано ја сфаќа потребата од појавување на некој што не е од овде, потребата од оној Другиот, Непознатиот, кој може да нѐ спаси од осаменоста во овој свет. Има нешто заводливо во привлекувањето на изгубените души под своја закрила, оние што не се задоволни од себе и од околината, а чувствуваат дека имаат потенцијал. Ним им треба ѕвезда водилка, светлина преку која ќе сфатат дека се поинакви, и дека нема потреба да се срамат од тоа, напротив. Во тој момент на сцената стапнува Зиги – „месија вонземјанин што со својата музика го навестува спасот на човештвото. Пророк од светло, шминка и секс. И неговиот бенд, Пајаците од Марс“ – напиша Игор Анѓелков во предговорот на овој фантастичен графички роман.

Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор. На своето најново остварување – графичкиот роман „Стармен“, кој претставува круна на неговата досегашна кариера, работел повеќе години. Долго очекуваната светска премиера на германски јазик беше на 30 ноември 2021 година, а „Бункер“ меѓу првите во светот ги откупи правата и го објави ова извонредно дело.

Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с.

Издавачот „Бункер“ веќе 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот