Избричените глави на притворените за Вања се од безбедносни и психолошки причини, а не за да бидат „жигосани“

„Не се жигосани, туку одземено им е правото на избор“. Со овие зборови, директорот на истражниот затвор Скопје, Филип Андов, за „Слободен печат“ го објаснува вчерашниот начин на спроведување во суд на четворицата осомничени за грабнувањата и ликвидациите на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74 – годишниот Панче Жежовски. Осомничените Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски пред судија на истражна постапка беа донесени под најсилно полициско обезбедување, но и со забележително променет личен опис – главите им беа избричени, немаа брада, носеа затворски комбинезони, со наведнати глави.

Директорот на затворот Скопје, Филип Андов во разговор за „Слободен печат“ се согласува дека оваа глетка не е честа, но причината е што не се чести ниту ваквите сомнежи за кривични дела.

– Ние како затвор Скопје, имаме домски бербер кој што е во постојан работен однос на Затвор Скопје. Правилникот за осомничени за вакви монструозни дела го носи директорот, односно јас лично. Јас сум тој што дава насоки за чување, распоредување, користење на дозволени предмети, поволности, физички изглед и користење гардероба. Досега во Македонија не се забележани вакви грозоморни дела, па затоа не сте можеле ни да бидете запознаени со ваквите уредби и насоки на затворот, а можеби и некој мој претходник не ги спроведувал. Меѓутоа, додека јас сум директор, онаму каде што ќе има тежок криминал од обликот на тешко насилство, тероризам и кривични дела од тежок облик на казнивост, ќе се запознаете и ќе видите ваков пример на носење притворени лица. Причините за бричењето на главите се хигиенски, но и безбедносни, за полесно прегледување на повреди ако се нанесе повреда. Не се жигосани, туку одземено им е правото на избор да носат фризури или брендирана гардероба, рече Андов.

Безбедноста на притворените лица е осигурана и со тоа што се во посебни ќелии. Никој со никого не може да се види, ниту пак да знае каде е.

За тројца од осомничените, „Слободен печат“ има информации дека кобната ноќ пред да ја грабнат и убијат Вања, ја поминале во седиштето на политичката партија на која биле членови, заедно со првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо кој е лидер на партијата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на синоќешната прес-конференција на која што соопшти дека Палевски е фатен во Турција и ќе биде екстрадиран за да одговара пред законот, кажа дека оваа политичка партија треба да биде дерегистрирана, поради тоа што е гнездо на криминалци со анти-европски ставови.

И возачот на Палевски, Стефан Димковски осомничен за помагање по извршување кривично дело е очигледен фан на Палевски и член на „Десна“ барем на социјалните мрежи каде се фотографирал додека го возел на автопатите. Тој со бел луксузен „ленд ровер“ го превезувал Палевски низ цела Бугарија и го внел во Турција, каде Палевски го продолжил бегалскиот поход сам.

Изнајмил евтин мотел во градот Баликесир, но директен оперативен извор на македонската полиција го лоцирал и известил дека Палевски има намера да тргне од Баликесир кон Истанбул. Палевски изнајмил такси за да оди во Истанбул, сакал да ги измами безбедносните структури и симулирал заминување кон Истанбул, а на половина пат се вратил назад. Уапсен е додека се движел пешки по еден од автопатите.

При претресите во Скопје пак, најдени се два пиштоли за кои ќе се вештачи дали се оружјето од кое е пукано во Вања и Панче. Пронајден е и мобилниот телефон на Вања. Завршени се обдукциите и извршени се погребите. Но, Обвинителството нема да каже официјално какви се обдукциските наоди, затоа што тој доказ ќе го чува и ќе го изведе на самото судење. Министерот Спасовски вчера на прес-конференцијата кажа дека Вања не била задушена, туку починала од прострелна рана.

Љупчо Палевски – Палчо е првоосомничен за најгрозоморното злосторство во поновата историја во кое што беа убиени беа 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Нивните безживотни тела биле пронајдени во гробови, кои што ги посочиле двајца сведоци, кои што ги гледале егзекуциите и го посочиле Палевски како нивен извршител односно како човекот што испукал од пиштолот.

Вања ја немаше на ниедна од 70-те обезбедени снимки од камерите, затоа што била грабната во влезот од зградата каде живеела, била врзана за рацете и нозете, ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек. Потоа била убиена во атарот на селото Орман. Јавниот обвинител Гаврил Бубевски рече дека најверојатниот мотив за убиството на Вања е тоа што мајка ѝ продала стан и така се здобила со поголема сума пари, која што групата сакала да ја изнуди од неа, а информациите за движењето на Вања на осомничените им ги давал нејзиниот таткo.

Според досегашните податоци, групата од пет осомничени убиството го извршила непосредно по грабнувањето, односно околу 10 часот утрото во понеделникот, затоа што нешто „излегло од контрола“. Според исказите на осомничените, тие се исплашиле што истрагата напредува, полицијата истражува на највисоко ниво, па решиле да ја убијат Вања, а парите да ги бараат отпосле. Но, утврдувањето на мотивите уште трае и не е потврдено дека се токму овие.

Според Обвинителството, убиениот Панче Жежовски од Велес пак, му должел 500 евра на еден од осомничените, па откако бил убиен, неговото возило било украдено и им служело на петтемина за да ја грабнат Вања. Потоа возилото го запалиле, а има материјален доказ на која бензинска го купиле горивото за таа намена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот