Изборот на Јовески за уставен судија повторно на дневен ред пред пратениците

Љубомир Јовевски / Фото: МИА

Предлогот за избор на републичкиот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија денеска повторно ќе се најде на дневен ред во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, откако на претходните продолженија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со филибастеринг се обидуваа да спречат тој да добие зелено светло од ова собраниско тело.

Според агендата во Собранието, оваа комисија за денеска има закажано две седници. Првата треба да започне во 11 часот, но на дневен ред за неа има само две точки  утврдување предлог-одлука за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ и втора точка разно“.

Половина час подоцна, пак, е закажано продолжение на седницата на која Комисијата расправа за предлозите за уставни судии, конкретно за утврдување на предлогот Јовески да пополни едно од испразнетите места во Уставен. Меѓутоа, дали денеска ќе дојде до гласање е неизвесно, со оглед дека опозицијата на последните продолженија одолговлекуваше со процедурални забелешки и долги излагања на пратениците, како што беше, на пример, десетчасовниот говор на пратеничката Бети Стаменковска-Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ на 15 септември.

Ваквото однесување, пак, од СДСМ го оценија како неодговорно и несовесно. Пратеничката Марија Георгиевска, која е и претседателка на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пред десетина дена на прес-конференција рече дека тие ќе ги искористат сите механизми што им се на располагање во Собранието за да се изберат уставни судии и да се овозможи Уставен да работи во полн состав. Таа ги критикуваше колегите од опозицијата дека се обидуваат на секој можен начион да го блокираат изборот што, оцени пратеничката, е типично за ВМРО-ДПМНЕ да опструира и да се заканува секогаш кога се носат одлуки важно за правниот систем.

Јовески е последниот од деветте кандидати за кои треба да расправа Комисијата. Него го предложија пратениците од СДСМ, исто како и кандидатите Татјана Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и Фатмир Скендер, кој е актуелен судија во Апелациониот суд во Скопје. Васиќ-Бозаџиева и Скендер беа поддржани од мнозинството во Комисијата, кое го има власта.

Останатите шест кандидати, пак, како предлози од ВМРО-ДПМНЕ, не добија зелено светло од собраниското тело. Стануваше збор за: универзитетскиот професор, Саво Климовски; обвинителот Тодор Витларов од Вишото јавно обвинителство во Штип; судијата во пензија Бранко Секуловски; Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид; судијката од Управниот суд Весна Јовановска; и професорката од Правниот факултет во Скопје Родна Живковска.

Поранешниот претседател на Уставен Суд Трендафил Ивановски за „Слободен печат“ неодамна коментирајќи ја работата на собраниската комисија за избори и именувања и потешкотиите околу предлозите на опозицијата и на власта околу предлозите за нови уставни судии, истакна дека доколку во следните недели во Собранието не се изнајде решение, државата ќе се соочи со уставна криза, а потоа тоа може да доведе и до системска парализа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот