Иван Штрпка, лауреат на „Златен венец“ на СВП: Немаме потреба да докажуваме дека не сме мали
Меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ во своето 64-то издание се одржува од 21 до 25 август со учество на 70 поети од Словачка, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и од регионот.
Препорачано
Поетскиот фестивал во Струга традиционално почна со садење дрво во Паркот на поезијата и прес-конференција со лауреатот на највисокото признание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Иван Штрпка.
Директорот на фестивалот Никола Кукунеш посочи дека Струга по 64-ти пат ги отвора своите врати за поезијата. „Годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво. Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почувствувал репресијата на системот“, истакна Кукунеш.
Уметничкиот директор Мите Стефоски нагласи дека годинава, преку Штрпка е наградена словенската литература, која преку изборот на поезија во тријазичното издание на лауреатот ќе овозможи поширока рецепција во македонската книжевност. „Наградуваме една словенска литература, која и досега имала големи претставници. Дојде денот кога треба да наградиме еден голем и значаен поет, претставник на една извонредна генерација поети, член на групата ’Осамени бегачи‘. Со изданието ќе овозможиме поширока рецепција во македонската книжевност, но и во светската. Веруваме дека покрај оваа награда ќе следуваат и други интернационални награди. Творештвото на Штрпка со сигурност заслужува таков однос“, додаде Стефоски.

Добитникот на Златниот венец Иван Штрпка изрази задоволство што Фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.
– Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за „мали јазици“, но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали – рече Штрпка.

Свеченото отворање на фестивалот се одржа на 21 август со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската песна „Т’га за југ“ на Константин Миладинов во Домот на поезијата во Струга. Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во своето обраќање ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.
На свеченото отворање присуствуваше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Настанот продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое настапија поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фестивалската сценографија ја оживеа и ѝ даде нова димензија, преку современо визуелно обликување.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 295, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.8.2025)


