Италијанскиот парламент едногласно го призна фемицидот како посебно кривично дело
Италијанскиот парламент вчера едногласно гласаше за признавање на фемицидот – убиство на жена мотивирано од полот – како посебно кривично дело казниво со доживотен затвор, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Со симболичен потег, законот беше одобрен на денот посветен на елиминацијата на насилството врз жените ширум светот.
Идејата за закон за фемицид беше дискутирана во Италија и претходно, но убиството на Џулија Чечетин од страна на нејзиното поранешно момче беше трагедија што ја шокираше земјата.
Кон крајот на ноември 2022 година, 22-годишната девојка беше избодена до смрт од Филипо Турета, кој потоа го завитка нејзиното тело во вреќи и го фрли во езеро.
Изјавите на сестрата на жртвата ја шокираа Италија: сторителот не беше чудовиште, туку „здрав син“ на длабоко патријархално општество. Нејзините зборови предизвикаа илјадници Италијанци да бараат промени.
Законот го предложи италијанската премиерка Џорџа Мелони и беше поддржан од нејзината конзервативна десничарска влада, како и од опозицијата.
Отсега па натаму, секое убиство на жена мотивирано од нејзиниот пол ќе се класифицира како фемицид.
„Фемицидите ќе бидат класифицирани, ќе бидат проучувани во нивниот реален контекст, ќе постојат“, рече судијката Паола ди Никола, една од авторките на новиот закон.
Таа беше член на комитет од експерти кој испита 211 неодамнешни убиства на жени барајќи заеднички карактеристики, а потоа го изготви законот.
„Зборувањето за злосторства вкоренети во прекумерна љубов или интензивна љубомора е искривување, со користење романтични, културно прифатливи термини“, рече судијата.
„Овој закон значи дека ќе бидеме првите во Европа што ќе ја откријат вистинската мотивација на сторителите, а тоа се хиерархијата и моќта.“
Италија, заедно со Кипар, Малта и Хрватска, се земјите членки на ЕУ кои воведоа законска дефиниција за фемицид во своите кривични законици.


