Истражување открива: Интензивните тренинзи за викенд имаат исто влијание врз срцето како и редовното вежбање

Фото: Pexels/ Elina Fary Tale

Едно неодамнешно истражување покажа дека редовната умерена до интензивна физичка активност во текот на неделата има сличен ефект врз кардиоваскуларното здравје како и умерената до интензивна физичка активност концентрирана во текот на еден до два дена – обично за време на викендот, пишува „Медикал њус тудеј“ („Medical News Today“).

Резултатите од студијата покажале дека, помал ризик од срцев удар, атријална фибрилација, срцева слабост и мозочен удар е забележан и кај „вежбачите за викенд“ и кај оние кои редовно вежбале во текот на неделата.

Физичката активност е несомнено корисна за кардиоваскуларниот систем, но со оглед на денешниот брз начин на живот, веќе е сè потешко поединците редовно да се занимаваат со некоја активност во текот на работната недела.

Истражувачите потсетија дека препораката за физичка активност е околу 150 минути умерена до енергична физичка активност неделно.

Тие со ова истражување сакаа да откријат дали има разлика во здравствените придобивки на две групи вежбачи – луѓе кои практикуваат умерена до енергична физичка активност во два дена во неделата (т.н. вежбачи за викенд) и оние кои ја распределуваат својата физичка активност порамномерно низ неделата.

Фото: Pexels/ Aandrea Piacquadio

Со цел да се направи прецизна споредба, студијата опфатила и група вежбачи чија физичка активност била помала од 150 минути неделно. Оваа група не го достигнала препорачаниот неделен праг на вежбање и затоа се сметала за неактивна.

Во истражувањето учествувале речиси 90.000 луѓе со просечна возраст од 63 години. Сите учесници носеле акцелерометри на зглобовите една недела за да го забележат нивото на физичка активност.

Врз основа на нивото на активност, истражувачите ги класифицирале учесниците како вежбачи за викенд, оние кои редовно вежбаат во текот на неделата или неактивни.

Групата викенд-вежбачи ја сочинувале околу 42 отсто од испитаниците, 24 отсто биле во групата што редовно вежба, а 33,7 отсто биле оценети како неактивни. Кога ги анализирале податоците, научниците ги земале предвид факторите како возраста, степенот на образование и пушењето.

По шестгодишно следење на учесниците во студијата, се покажало дека ризикот од развој на срцев удар, во споредба со физички неактивните луѓе, е 35 отсто помал кај дневно активните луѓе и 27 отсто помал кај вежбачите за викенд. Слични резултати биле пронајдени кај луѓе кои вежбале во просек околу 230 минути неделно.

Авторот на студијата, д-р Шаан Куршид од Центарот „Демулас“ за срцеви аритмии во Општата болница во Масачусетс, вели дека резултатите ни откриваат дека „и шемата на активност на вежбачите за време на викендот и поконзистентната шема на активности во неделата се поврзани со слично намалување на ризикот од срцев удар, слабост на срцето, атријална фибрилација и мозочен удар во споредба со неактивни лица. Целокупната активност, а не тајмингот, се чини дека е важна за подобрување на кардиоваскуларното здравје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот