Истражување со поддршка на ЕУ: Најголем дел од средношколците и пола од студентите се гледаат надвор од Македонија

Фото: МИА

Невработеност, проблеми со слобода на изразување, недоверба во опкружувањето и институциите, недоверба во политичките партии како и емиграција, се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите во нашата држава. Oва беше посочено на денешната презентација на наодите од истражувањето за социјален капитал на младите во државава.

Од МОФ појаснуваат дека целта на истражувањето е да се изготвио документ во кој ќе бидат содржани сите проблеми на младите на кои институциите ќе треба да се фокусираат. Во рамки на истражувањето биле опфатени 1.960 средношколци и 1.833 студенти од јавните високообразовни установи.

– Декларацијата е документ кој беше инспириран од искуствата со младите кај кои забележавме дека во последните неколку години се провлекуваат постојано исти проблеми, исти недостатоци и потешкотии во образованието, во младинската невработеност, во слободата на изразување и во животна средина, информираше Ѓорѓи Божиновски.

Истражувањето покажа дека младите луѓе кај нас се најчесто зависни од своето семејство и дека ретко кој е подготвен да се одвои и живее сам. Средношколците од друга страна се соочуваат со проблем во слобода на говор во образовните институции поради страв од намалување на оценката. Исто така, наодите покажуваат дека младите за своите проблеми се обраќаат само кај семејство, она што останува непроменето е емиграцијата кај студентите и средношколците.

Според Марија Димитровска, едма од учесничките во истражувањето, споредбата со претходните години дава јасна слика за трендот на иселување.

– Средношколците во најголем процент ја гледаат својата иднина надвор од државата, што значи речиси две третини од одговорите на средношколците се дека тие не се гледаат тука. Ова не е нов податок, но доколку ги споредиме со претходните години постои значителна тенденција за емиграција на средношколците, додека пак, речиси повеќе од половина од студентите би заминале, а една третина сакаат да останат во средината во која живеаат, објасни Марија Димитровска. 

Додава дека повеќе од две третини од младите сметаат дека државните функционери воопшто не се грижат за интересите на младите.

На презентацијата учествуваа, министерката за образование Мила Царовска, како и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.

Министерката нагласи дека најголем проблем е во делот со слободата на изразување кај младите во образовните институции поради стравот од санкција.

– Најзагрижувачки сегмент за мене беше дека учениците се плашат да го кажат своето мислење за тоа што оценката ќе им биде намалена, тоа како да го отсликува нашето секојдневие дека секое кажано мислење кое што е различно од мислењето на оние кои што се со поголема моќ во даден момент може да биде санкциониран. Тоа генерално треба да се менува во општеството, а особено тоа да се промени во нашето образованието, изјави министерката за образование Мила Царовска.

Таа нагласи дека е важно да се работи на зголемување на критичкото размислување кај младите.

– Во моментот сè уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување. Затоа е значајно да минеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството, рече министерката во своето обраќање.

Според амбасадорот Гир, пак, овие проблеми се пракса и во другите држави во Европа.

– Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата. Овие проблеми може да се слушнат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции, како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки, а со цел да се слушне нивниот глас, потенцира амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

Од Агенција за млади и спорт (АМС) сметаат дека е потребно да се креираат услови за секој млад човек, со цел да му се дадат причини да остане во државава. Најавија формирање на Совет на млади со претставници на младински организации и институции и дека наодите од истражувањето ќе ги земат предвид за понатамошно креирање на политики.

– Премногу сме во транзиција и после ни бегаат младите. Па ќе бегаат затоа што им е преку глава од се и од образование што не им дава можности и од институции што не им даваат да се вработат. Крјно време е да размислиме како да ги задржиме барем овие млади што ни останаа, поентира на крај Блерим од Центар за балканска соработка „Лоја“.

Истражувањето е реализирано во рамки на Проектот за младинско изразување, спроведено од МОФ во партнерство со Младински сојуз – Крушево и Центар за балканска соработка „Лоја“, а e финансиран од ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот