Истражување: Најголем интерес за секторот на компјутерџиите и дизајнерите, најмал за келнери, економисти и правници

Над 70 отсто од економистите и над 50 проценти од правниците би ја промениле професијата, покажува истражувањето на Brainster. На крајот на минатата година, Brainster лансираше алатка за кариерно советување, која е бесплатна за користење за сите. Целта на алатката, што досега ја искористија 7.000 лица, е да помогне на корисниците да ја почнат потрагата по „вистинската кариера”, како и да ја истакне потребата од потемелно кариерно советување.

Според резултатите од одговорите на овие прашања, областа ИТ, програмирање и технологија е најпосакувана професија за најголем дел од учесниците, дури 17,3 отсто од учесниците ја издвоиле како најпосакувана. Втора најпосакувана област е Дизајн и графички дизајн со 13,9 проценти. Натаму следуваат бизнис (9,7 отсто), здравство и фармација (седум проценти), социологија и психологија (6,2 отсто), ликовна уметност (5,7 проценти) и менаџмент (5,3 отсто) како посакувани професии од страна на учесниците во квизот.

Овие податоци потврдуваат дека дигиталните вештини нудат одлични услови за работа на пазарот, но и интересот за нив е голем особено кај младите. Имено, ИТ, програмирање и технологија, иако доминира во сите категории под 40 години, е најпосакувана професија за најмладата возрасна група до 17 години до 20 години со над 20 проценти Графички дизајн/дизајн е исто така преферирана професија кај сите возрасни групи, иако најмногу се истакнува кај возрасната група од 21 до 29 години.

По однос на распределбата на интересите за одредена професија според полот на учесниците, забележително е дека сè уште постои тн. „родов јаз” кај областите како ИТ, технологија и програмирање, како и областа Бизнис, бидејќи процентот на машки испитаници кои ги избрале овие професии како посакувани е многу поголем од процентот на женски испитаници (28 отсто наспроти 12 во првиот случај и 15 проценти наспроти седум отсто во вториот). Спротивното е случај кај областите Дизајн, Маркетинг и Здравство и фармација каде испитаниците кои ги навеле овие професии како посакувани се во видливо поголем број од женски пол.

Мошне интересни се резултатите добиени со вкрстување на моменталната и идната професија на учесниците кои одговориле дека се моментално вработени. Тоа покажува дека најголем процент од учесниците кои работат во Дизајн и графички дизајн (72 отсто) како и ИТ, програмирање и технологија (68 проценти) се изјасниле дека токму тоа е кариерата од нивните соништа и дека не би ја смениле професијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот