Историската комисија ќе има уште три состанока, неизвесно е дали ќе се сменат учебниците по историја до септември

Учебници, Фото: Архива

До крајот на годината се планирани уште три средби на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, информираше кусо Драги Ѓоргиев, копретседавач на комисијата од македонска страна. Тој вели дека состаноците се планирани во периодот од септември до декември.

Со двата состанока што досега се одржаа во февруари и во март оваа 2023 година ќе бидат одржани вкупно пет средби на историчарите. Тоа е речиси двојно помаку од она што е препорачано со вториот Билатерален протокол усвоен лани во јуни на вториот состанок на заедничката македонско-бугарската владина комисија, чие усвојување беше услов Софија да го крене ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.

„Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво“, е договорено во Протоколот.

И лани, и покрај намерата за поголема динамика на средбите, имаше вкупно шест состаноци.

За она што ќе го договорат историчарите превземена обврска е во рок од две години да се најде во учебниците, а истите резултати треба да „се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“.

Историската комисија досега усогласи препораки за учебниците по историја за петто одделение за Бугарија и за шесто одделение во Македонија, но засега е неизвесно дали Владата од следбата учебна 2023/2024 година ќе ги имплементира овие препораки. „Слободен печат“ испрати прашања во врска со оваа тема до Владата, до Министерството за образование, како и до Министерството за надворешни работи, а одговорите ќе ги објавиме штом ќе пристигнат. 

Комисијата препорача во учебниците по историја за шесто одделение да има поголема застапеност на проблематиката поврзана со античка Тракија и Тракијците. Втора препорака е дека сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам. Трета препорака е дека сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна РС Македонија се неосновани. Се препорачува и дека историските карти на античката македонска држава ќе бидат попрецизни ако соодветствуваат на конкретен временски период и дека при претставување на некои антички заедници е потребно да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

Владата презела обврска да подготви и да достави прелиминарен урнек од лекција за седмо одделение од образовната програма на тема Самоилова држава, а во согласност со препораката на Историската комисија. Ова треба да се имплементира пред втората конференција во Брисел за комплетирање на фазата на отварањето на преговорите со ЕУ, што значи до септември.

Со Вториот билатерален протокол е преземена и обврската Владата до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за седмо одделение, заради неосновани етнички и територијални претензии. Разликата од обврската за лекцијата за Цар Самоил е во тоа што оваа обврска треба да се исполни после завршувањето на втората конференција за комплетирање на фазата на отварањето на преговорите, а за што претходно е неопходно Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, па не е јасно дали важи обврската Владата до септември да ја смени содржината на учебникот по географија.

Министерот за образование Јетон Шаќири вчера во изјава пред медиумите не прецизираше дали ќе се корегира учебникот по историја за шесто одделение. Тој рече само дека ќе се печатат сите учебници кои се одобрени од Националната комисија, според пропишаната постапка.

– Министерот само дава одобрение за печатење на тие учебници, без разлика во кој период се одобрени. Што се однесува за технички грешки во учебниците, ќе се обидеме да најдеме начин со авторите да има што помалку технички грешки во нив. Први септември ќе нè најде поподготвени зошто ги немаме предизвиците од претходната учебна година. Дефинитивно учебници ќе има – рече Шаќири.

Засега е неизвесно и како урнекот на лекцијата за Самоиловото царство ќе се вклопи во учебникот за историја за седмо одделение, затоа што учебниците се авторско дело. Досега Владата објаснуваше дека тоа се препораки што авторите на книгите треба да ги следат, но објаснуваше и дека ако не се почитува она што е договорено и усогласено во Историската комисија тоа ќе се смета као прекршување на Договорот за добрососедство.

За царот Самоил Комисијата го препорача следниот текст:

„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“.

На последните средби на Мешовитата историска комисија во февруари и во март тема биле прашањата за учебниците по историја во двете држави врз основа на меѓусебно разменетите забелешки. МНР тогаш информираше дека „членовите на Комисијата размениле идеи и аргументи како да се подобрат учебниците по историја и размениле неколку предлог-препораки кои остануваат основа за понатамошни разговори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот