Исплатен ни е првиот трансфер за изградбата на коридорите, велат од ЈПДП, Мицковски со реакција „ Немаат ни шајка заковано“

Согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, донесена на седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 23 март годинава, како и по нејзиното објавување во Службен весник, извршен е првиот трансфер на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) наменет за реализацијата на овој најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. Исплатени се средства кон ЈПДП во висина од 7.254.000.000 денари или 117.000.000 евра, објавија од ЈПДП.

„Спред законските обврски од посебниот закон и потпишаниот Договор со изведувачот Конзорциумот Бехтел – Енка, како и согласно владината Програма, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите:Делница 1 – автопат Тетово – Гостивар, со очекувана должина од околу 17,5 километри, Делница 2 – автопат Гостивар – Букојчани, со очекувана должина од околу 30,3 километри, Делница 3 – автопат Требениште – Струга – Ќафасан, со очекувана должина од околу 17,5 километри И Делница 4 – автопат Прилеп – Битола, со очекувана должина од околу 39,3 километри“, додадоа од ЈПДП.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски при посетата на Општина Василево со реакции за проектите Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Граѓаните платија 117 милиони евра за нешто што не се гледа за новите автопапатишта каде не е ниту шајка заковано и до 6 мај треба да платиме над 230 милиони евра, а тука во Василево гледаме дека се што се испорачува во секоја област граѓаните можат да го видат и користат, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешниот увид во реализацијата на проектите во Општина Василево.

Според него, до 30 април државата треба да плати само за пенали околу 230 милиони евра, а веќе се исплатени 117 милиони евра.

„Според договорот е предвидено 117 милиони евра да се платат за подготвителни работи и подготовка на градилишта, тоа се уште тече, претпоставувам, и се предвидени да се платат во два наврати: 83 милиони е предвидено да бидат исплатени две недели откако е потпишан договорот и дополнителни 30 милиони евра, 45 дена откако е потпишан договорот“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Василево одговарајќи на новинарско прашање, при што потенцираше дека сумата наскоро ќе надмине 230 милиони евра, а нема ни шајка да има на коридорите.

Мицкоски посочи дека вториот дел е пеналите кои треба да се платат поради тоа што не е променет Законот за работни односи во рок од 45 дена од потпишување на Договорот, а тој датум заврши на 22 април.

„Таа сума која треба да се плати е минимум 53 милиони евра. Тие треба да се платат во рок од две недели откако ќе изминат тие 45 дена предвидени да се смени Законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, а тој ден истекува на 6 мај. Од информации со кои располагаме има натегање помеѓу Владата и фирмата изведувач околу банкарската гаранција кога ќе се договорат да бидат исплатени дополнителни 50 милиони евра по основ на авансно плаќање предвидено во тој договор. Таа бројка за недела дена ќе биде огромна, повеќе од 220-230 милиони евра, а се уште од проектот нема ни шајка некој заковано„, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот