Искрено со Марко Маринковиќ – Слаткар: Пет години немав пиено алкохол, кога се одвојував од старата „љубов“ за мене беше Сибир

Фото: Приватна архива

Со новата песна, „Сибир“, Марко Маринковиќ – Слаткаристика раскажува една своја важна приказна и вели дека моментот кога престанал да пие алкохол, му бил инспирација. Слаткаристика е феномен сам по себе, него инспирацијата никогаш не го напуштила. Од моментот кога стотици деца останаа надвор, не можејќи да си набават билети за неговиот концерт во преполната Метрополис арена пред 13 години, па сѐ до денес. Оригиналните идеи го следат во текот на целата кариера, почнувајќи од неговата семејна приказна што ја раскажува во песната „Да полетам“, до песната „Кажи да“, со која со рапување во живо ја запроси својата Сања Николиќ. Нивниот син Моша наскоро ќе наполни три години. Марко вели дека со синот се едно, а наскоро, и нему ќе му подари песна. Во рапувањата на Слаткар сме речиси сите ние, целиот наш начин на живеење е опишан во многу од неговите песни, а дел од интересните лични приказни ги сподели за „Слободен печат“.

Фото: Приватна архива

Интересен наслов има новата песна, „Сибир“. Студени луѓе, ново постудено време – има ли ова врска со инспирацијата за песната или е друга приказната?

– Кога почнав да ја пишувам песната, инспирација ми беше кафаната, затоа што тој период решив да престанам да пијам алкохол и навистина бев гневен на сѐ што е поврзано со алкохол, а посебно на „Институцијата кафана“ како вруток на целата приказна. Пет години немав ставено капка алкохол во уста, а тоа што го поминував додека се одвојував од старата „љубов“ за мене беше Сибир.

Еднаш порано изјави дека не си тркач, не се споредуваш и не се натпреваруваш со никого. Важи ли уште ова правило и постои ли сепак некоја трка или начин кај тебе за да ја одржуваш популарноста?

– Секој има различен пат и различна мисија и затоа мислам дека не треба да постои трка со другите, туку трка со себе. Не е секогаш добро за тебе тоа што е добро за мене и обратно.
Покрај тоа што сум артист, јас сум и продуцент, имам мои артисти и пејачи за кои верувам дека се или можат да бидат подобри од мене, а тоа би било невозможно доколку сум тип на човек што се натпреварува.
Луѓето во мојава работа што се натпреварувале се музички „мртви“ токму поради тоа што повеќе мислеле на другите отколку што мислеле на себе.
Јас се одржувам со тоа што работам и вадам многу нова музика, не се летам и опседнат сум со мојата работа.

Моша наскоро ќе има три години. Што мислиш, како во неговата глава те доживува – каков татко си?

– Па верувам дека сум му забавен, со Моша сме едно. На 15 април му е роденден, напишав песна за него, едвај чекам да ја слушнете и да видите каков жабец е.

Сања комплетно се повлече од социјалните мрежи и од медиумите. Како е таа, со што е најзафатена?

– Сања е маркетинг доктор и со нејзината агенција има многу работа, сериозни клиенти и нема многу време, освен за Моша и мене. (се смее)

Фото: Приватна архива

Потсети нѐ на она твое интересно запросување и колку време ти требаше да ја напишеш песната „Кажи да“, какви чувства ти будат тие спомени?

– Ја пишував долго време, ја мерев секоја линија внимателно. Беше забавно кога првпат ѝ ја пеев/рапував во живо, на само, кога ја запросив. Тоа е една од моите најубави песни.

Мислиш ли често на твоето детство, на кои добри и на кои тешки моменти најчесто се сеќаваш?

– Јас имав многу убаво и среќно детство. Разочарувањето доаѓа на возраст кога сфаќаш дека за сѐ што ќе посакаш, ти требаат пари, а твоите ги немаат. Тоа се моменти кога твојата трговска и претприемачка способност почнува да се развива.

Татко ти, за жал, почина пред неколку години, а за него со најголема љубов ја пееш песната „Да полетам“. Сега, кога и самиот си татко, кои негови совети најмногу ти се вртат низ главата?

– Боривоје Маринковиќ беше многу добар, храбар, шармантен, борбен и чесен човек, тој е мојот идол. Кога и да помислам дека сум во тешка ситуација, ми текнува на неговата приказна и просто се справувам со проблемите многу полесно.

Фото: Приватна архива

Би сакале ли Моша наскоро да добие братче или сестриче, имате ли таква желба со Сања?

– Па, види, тоа е дар од Бога… кој не би сакал таков подарок?

Ако денес ги сретнеш помладиот Слаткар, дечкото од „Ново Лисиче будало“, и оној што за првпат наполни голема Арена пред речиси 15 години, што би им рекол?

– Браво царе, само напред.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот