Искра Јаконова Стојановска: Хомеопатија за нас – холистички пристап

Дипл. фарм. м-р спец. Искра Јаконова Стојановска/Фото: Приватна архива/Профимедиа

Историски гледано корените на хомеопатијата се протегаат сè до Хипократ, па и пред него, но налетот на новата технологија и материјалистичкиот поглед на светот ѝ се закани на оваа древна дисциплина. И покрај сите закани и кризи што хомеопатијата ги претрпува, можеме слободно да кажеме дека таа опстојува нудејќи ги своите придобивки на луѓето.

Во основа на хомеопатијата лежи концептот дека секое живо суштество е интегрална целина, кое никако не може да се набљудува како одвоени делови, од кои секој дел може да има специфично заболување или посебна дијагностичка категорија. Секој од нас е единствена индивидуа, со своја целовитост и тоталитет и е во некој меѓусебен однос со Универзумот кој нè опкружува. Живот вон хармонија од оваа перспектива значи влегување во болест или одредена состојба. Познатиот невролог Кендис Перт во својата книга „Молекули на емоции“ дава едно подлабоко видување и теорија на целовитоста на организмот, каде што вели дека компонентите на нервниот, ендокриниот и други системи се простираат во целото тело, односно не се локализирани само на специфични подрачја. Откриени се специфични молекули што се тесно поврзани со емоциите, наречени неуропептиди, односно нејзината теорија се заснова на концептот дека емоциите се составен дел од секој систем во организмот (Зошто се чувствувате како што се чувствувате).

Хомеопатија – енергетска медицина

Друго основно начело на хомеопатијата е осознавање дека секое живо суштество го придвижува „витална или животна сила“, чие нарушување води кон болест. Секој од нас е свесен дека има постојана промена на својата сила и енергија, што го препишуваме на стрес, лоша исхрана, недостаток на сон и друго, но причината е јакнење или слабеење, односно промена на виталната енергија.

Според принципите на физиката, телото се набљудува како густи енергетски полиња. Уништување на енергетско поле води до развој на болест, додека правилен и силен енергетски образец воспоставува рамнотежа на телото. Хомеопатските лекови имаат за цел да го урамнотежат нашето суптилно енергетско тело. Кога енергетското тело ќе се врати во рамнотежа, сите функции на организмот ќе се поправаат.

Историја на развој на принципите на хомеопатијата

Татко на хомеопатијата е Самуел Ханеман (1755 – 1843), роден во мал град во Германија, кој бил успешен лекар и автор на медицински списанија. Кога се појавила неговата книга „Органон исцелителни вештини“ (1810 година), во Европската медицинска заедница настанува метеж, затоа што Ханеман претставува еден сосема друг начин на лекување. Ханеман својата нова медицина ја нарекува хомеопатија, што потекнува од грчкиот збор „omoeos“ што значи слично и „pathos“ што значи патење, што претставува основно начело на лекување.

Ханеман ги изнесува законите и принципите на оваа наука, кои емпириски ги потврдува за време на својата дваесетгодишна практика.

Други начела на хомеопатијата се:

Лекувањето може да се одвива само во склад со природните закони.
Болеста не треба да се набљудува како посебен ентитет.
Болеста по својата природа има своја динамика, така и лекот треба да е во согласност со таа динамика.

Преведувајќи ја „Материја медика“ на професор Кален, од Лондонскиот универзитет, Ханеман посветува посебно внимание на индикациите за кои се користи лекот кинин. Кален ја препишува терапевтската активност на горчината на кининот, кој како таков се користел за лекување маларија. Ханеман, незадоволен од ова објаснување, направил нешто невообичаено. Самиот земал кинин за да го докаже неговото дејство, иако и во тоа време ваквото испитување се зема како неприфатлива метода, без преседан, но тоа го довело до одредени сознанија. Симптомите што ги добил биле студени прсти на нозете, тромавост, поспаност, пулсирање во главата, неподнослива анксиозност и други карактеристики за маларична треска, но без својствено ладно, трепетливо кочење. Кога престанал да го зема кининот, симптомите престанувале. Секако стандардна медицинска постапка била да се даде лек што ќе ги спречи или намали симптомите на болеста. Овој став е толку вообичаен и кај лекарите и кај пациентите.

Наспроти тоа, Ханеман покажува дека супстанцијата кинин што се дава на пациентите за маларија кај здрав човек, ги дава симптомите на оваа болест.

„Супстанцијата што предизвикува одредени симптоми кај здрав човек, ги лекува истите тие симптоми кај болен човек, дадена во мала количина“.

Хомеопатијата користи мошне мали количини природни супстанции, кои во поголеми количини може да предизвикаат болест или симптоми кај здрав човек.

За време на својата работа, Ханеман имајќи пристап до медицинска библиотека и течно говорејќи латински, грчки, англиски и француски јазик, истражил многубројна литература и заедно со неговите следбеници направил емпириски истражувања и врз основа на тоа список на повеќе од 200 супстанции од растително, животински и минерално потекло со симптомите што тие ги предизвикуваат, земајќи ги во големи дози.

По неколку години експериментирање Ханеман се враќа на лекарската практика, но овој пат ја практикува хомеопатијата. Тоа што е значајно е дека хомеопатските лекови покажале брз и долготраен успех во лекувањето.

Иако Ханеман се смета за татко на хомеопатијата, самиот тој смета дека има научници кои пред него ги земаат предвид основните принципи на хомеопатијата. Имено, Хипократ, се повикува на два начина на лекување, по пат на „спротивност“ и по пат на „сличност“. Тука се вбројуваат Булдук, Бетардинг, кои исто го почитуваат начелото на „сличност“.

Во некои земји хомеопатијата е составен дел од целокупната политика на здравствената заштита, во рамките на комплементарни и алтернативни медицински науки.

Најголемиот бенефит на хомеопатијата е фактот дека го поддржува имуниот систем на организмот и му овозможува на телото со сопствени сили да се избори со болеста, симптомот или одредена состојба. Хомеопатските лекови не предизвикуваат придружни оштетувања во организмот и се лесно подносливи, комфорни за дозирање, што ги прави во голема мера посакувани лекови за пациентите.

Дипл. фарм. м-р спец. Искра Јаконова Стојановска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот