Искази на сведоци во случајот „Титаник“: Во Советот на Општина Кисела Вода се делеле пари за ВМРО-ДПМНЕ

Судење за предметот „Титаник“

Александар Блажевски од Куманово денеска беше четвртиот сведок на Јавното обвинителство во случајот „Титаник”. Рече дека ништо не знае како се финансираат политичките партии во Македонија, а тој лично имал давано пари за одреден политички субјект.

– Имам донирано за партијата ВМРО-ДПМНЕ, а за износите не се сеќавам бидејќи тоа беше одамна, истакна Блажевски.

Сведокот И.А., вработена во Општина Кисела Вода, пак истакна дека само еднаш имала донирано пари за ВМРО-ДПМНЕ, а нагласи дека преку банка уплатила 10.000 или 20.000 денари. За сумата не можеше да се присети. Парите и биле дадени додека била на работа, а од каде не знае.

– Бевме повикани сите вработени ни беа дадени парите и ни беше речено да одиме да ги уплатиме. Во канцеларијата на претседателот на Советот ни беа даде парите. Таму ги вративме и уплатниците, рече сведокот.

Сведокот С.А. од Скопје рече дека никогаш нејзини лични сретства нема уплаќано за некоја политичка партија, а во 2014 година и биле дадени пари да ги уплати за политички субјект.

– Освен јас, пари им беа давани и на други лица за да извршат уплата. Ми беше дадена напишана уплатница, а мое беше само да уплатам. Мислам дека парите ги уплатив во експозитурата на „Тутунска банка” во Кисела Вода, нагласи сведокот.

Во овој случај за изборни нерегуларности во три последователни изборни циклуси (2011, 2013 и 2014 година), покрај обвинетиот, а избеган екс премиер Никола Груевски, кому му се суди отсуство, обвинети се и Илија Димовски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Билјана Бришкоска, Кирил Тодоровски, Леко Ристовски, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот