Фото: EPA-EFE/IRANIAN STATE TV (IRIB) HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

„Иран интернешнел“ објави дека Пезешкијан поднел оставка, иранската власт демантира и обвинува за „медиумски игри“

Иако од медиумот „Иран интернешнел“ стигна информација дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан поднел оставка, сепак официјален Иран ги демантираше ваквите тврдења, посочувајќи дека се работи за „медиумски игри“.

Повикувајќи се на неименуван функционер, „Иран интернешнел“ објави дека Пезешкијан поднел оставка преку писмо испратено до кабинетот на врховниот лидер Мојтаба Хамнеи.

Според наводите на изворот, во писмото навел дека Иранската револуционерна гарда  (ИРГЦ) практично презела контрола врз голем дел од владата и ги исклучила претседателот и другите високи функционери од клучните процеси на одлучување.

Според истиот извор, Пезешкијан заклучил дека во такви околности повеќе не може ефикасно да ја води владата, ниту да ги извршува своите должности, па побарал да биде разрешен.

Како главна причина за несогласувањата меѓу претседателот и раководството на ИРГЦ анонимните извори го наведуваат начинот на водење на војната и нејзините последици врз населението и економијата на земјата.

Брзо стигнаа деманти 

Сепак, тврдењата за оставка набрзо беа демантирани од новинските агенции Тасним и Анадолу, преку изјави на луѓе од иранската власт.

„По којзнае кој пат странските медиуми и мрежите поврзани со нив шират гласини за оставка на претседателот. Тие тврдења немаат никаква врска со реалноста и повеќепати се демантирани“, изјави Елијас Хазрати, претседател на владниот совет за информирање.

Хазрати исто така нагласи дека Пезешкијан и понатаму е целосно „посветен на водењето на државните работи и на службата кон граѓаните“.

Заменик-шефот за комуникации во кабинетот на претседателот, Мехди Табатабаи, исто така ги отфрли извештаите за оставката на Пезешкијан како „лажни“, оценувајќи дека станува збор за продолжение на „медиумските игри“ на одредени странски медиуми.

„Пезешкијан нема да се откаже од служењето на иранскиот народ“, изјави тој, нагласувајќи дека Иран „нема да отстапи од патот на единство и солидарност“.

Табатабаи додаде дека оние што се обидуваат да го поткопаат националното единство на Иран повторно „ќе ја однесат таа желба во гроб“, отфрлајќи ги шпекулациите за поделби во земјата.

Веста за наводната оставка се појави една недела откако американски функционери за Си-би-ес нуз изјавија дека иранскиот врховен лидер Мојтаба Хамнеи се наоѓа на тајна локација со ограничен пристап до надворешниот свет. Според нивните тврдења, комуникацијата со него се одвива исклучиво преку мрежа на курири, а дури ни највисоките ирански функционери не знаат каде се наоѓа, ниту можат директно да стапат во контакт со него.

Во меѓувреме, и самиот Пезешкијан се огласи на социјалните мрежи со порака за потребата од заедничко дејствување во справувањето со предизвиците.

Пезешкијан: Во иранското раководство има единство и стабилност

Обиди да се стави крај на војната

Тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако САД и Израел извршија напади врз Иран кон крајот на февруари. Техеран возврати со напади насочени кон Израел и американските сојузници во Персискиот Залив, а истовремено го затвори и Ормутски Теснец.

Прекинот на огнот стапи во сила на 8 април со посредство на Пакистан, но последователните разговори во Исламабад не резултираа со траен договор.

Оттогаш, Иран и САД продолжија да разменуваат предлози и контрапредлози во обид да ги обноват директните разговори и да стават крај на војната.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот