Интервју | Валентин Инцко, висок претставник во БиХ: Босна постои 900 години и нејзините граници не се за менување

High Representative of the International Community to Bosnia and Herzegovina, Austrian diplomat, Valentin Inzko speaks during an interview with AFP, in Sarajevo, on January 20, 2011. The top international envoy to Bosnia warned that the Balkan country could not afford further delays in reforms and said its leaders should act swiftly to ensure Sarajevo's path to Europe. AFP PHOTO ELVIS BARUKCIC,Image: 89725482, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: ELVIS BARUKCIC / AFP / Profimedia

Валентин Инцко наскоро си заминува од функцијата Висок претставник, произлезена од Дејтонскиот договор, а во разговорот за „Ослобоѓење“ се осврнува на својот мандат поминат во БиХ и на предизвиците што стојат пред неговиот наследник

„Ослобоѓење“: Од август, БиХ ќе има нов Висок претставник, германскиот дипломат Христијан Шмит. Дали верувате дека ќе има посилна поддршка од онаа што вие ја имавте минатата година?

Инцко: Постои разлика, тој не е дипломат, туку искусен политичар, бидејќи седеше во Германскиот парламент 30 години, беше министер 12 години, министер за земјоделство четири години и беше државен секретар за национална одбрана осум години. Сето тоа ќе му користи.

Ние, како Канцеларија на високиот претставник (КВП), и меѓународната заедница, постигнавме успех. Јас бев амбасадор тука, кога немаше валута или знаме, немаше ништо. Сега, конвертибилната марка е најстабилната валута на Балканот. Тоа се големи успеси, а особено кога едно Министерство за одбрана се формираше од три армии, тогаш меѓународната заедница изјави, но мислам прерано, дека започнува нова фаза, со нова одговорност, за домашно решение.

„Ослобоѓење“: Кога ќе погледнете наназад, што можевте подобро да направите?

Инцко: Многу нешта. Не сум многу среќен. Треба да знаете дека кога дојдов тука, добив парче хартија на кое пишуваше: „Затворање на КВП што е можно побрзо!“. Сепак, не може да се очекува еден странец постојано да носи одлуки. Кога сакате да бидете членка на Европската Унија, мора да докажете одредена зрелост.

„Ослобоѓење“: Што значи именувањето на Шмит? Дали е тоа, на извесен начин, враќање на времињата кога КВП беше робустна? Ќе биде ли политиката појасна?

Инцко: Секако. Видовме што се случува веќе десет години кога станува збор за домашната одговорност. Ниту една голема институција не е основана, ниту една агенција или некој друг значаен закон не е донесен. Имаше некои работи што беа направени, но тоа не беше доволно брзо. Сè треба да се забрза, инаку само луѓето ќе заминат побрзо. Шмит знае што се случило во првите десет години, а што во другите години. Мислам дека тој сега треба да направи мешавина – домашна одговорност каде што е можно; и поцврсто меѓународно присуство.

„Ослобоѓење“: Ќе ја има ли поддршката од меѓународната заедница за таков пристап?

Инцко: Тој ќе има поддршка. Меѓународната заедница мора да биде искрена за тоа што било лошо во изминатите десет години и што треба да се промени. Една одлука беше лоша: пребрзо отидовме од домашната одговорност кон робустни меѓународни решенија. Требаше да одиме постепено.

„Ослобоѓење“: Се вели дека именувањето на Шмит мора да се потврди и од Советот за безбедност на ОН?

Инцко: Тука имаме различни толкувања и практики. Повеќето од високите претставници добија одобрение од Советот за безбедност, но некои не. Еден од нив беше Кристијан Шварц-Шилинг, кој немаше благослов. И покрај ова, тој рапортираше на секои шест месеци пред Советот за безбедност. Во извесна смисла, за високиот претставник, Советот за безбедност е Совет за спроведување на мирот. Се разбира, секогаш е корисно ако Советот за безбедност го потврди именувањето.

„Ослобоѓење“: Милорад Додик вели дека без потврда од Советот за безбедност, Шмит нема да биде легитимен…

Инцко: Г-дин Додик се гледа себеси во улогата на висок претставник, дека тој е толкувач на Дејтонскиот договор. Ако некој го избере, би можел да биде, но последниот толкувач на Дејтонскиот договор сум јас, а не г-дин Додик.

„Ослобоѓење“: Интересен е вашиот однос со Додик, од тоа дека му одевте на домашни слави, до тоа дека сте му еден од најомразените претставници на меѓународната заедница во БиХ…

Инцко: Знаете дека сакам да се дружам со луѓето, дали е тоа слава, дали е ифтар, така и одговорив кога Додик ме покани. Јас не се сменив, но г-дин Додик се смени. Почна да зборува за тоа кој е поголем Србин, за отцепување, за референдуми, за државноста на Република Српска и, се разбира, тогаш како професионалец, официјално, веќе не можев да го следам.

„Ослобоѓење“: Има ли начин да се имплементираат решенијата КВП во Република Српска, бидејќи тамошното национално собрание неодамна го отфрли вашиот ултиматум да им се одземат ордените на осудените воени злосторници?

Инцко: Кој сака да живее во земја во која се величат воени злосторници? Сигурен сум дека обичен Србин, обичен Хрват, обичен Бошњак не сака да живее во таква држава.

„Ослобоѓење“: Се плашите ли заради идните потези на Милорад Додик, тој останува, а вие си заминувате? Неговите приказни за поделба, за мирно разидување… Колку се тие реални?

Инцко: Не сум песимист. Секако, тоа е закана за мирот и стабилноста на БиХ, сепак помина времето за прекројување на границите. Границите не се менуваат. Второ, верувам во таа сила – Босна постои 900 години и нејзиниот дух постои и во Херцеговина, истото го рече и г. Човиќ: тоа е нашата татковина. Имам и многу пријатели во Република Српска кои мислат дека и тие се Босанци, босански Срби.

„Ослобоѓење“: Треба ли луѓето во БиХ да се плашат од нов конфликт?

Инцко:  Не треба, но луѓето страдаат поради тоа. Нема да има прекројување на границите. Па, токму тоа го спречи меѓународната заедница со Дејтон. Внатрешната распределба во БиХ се менуваше, но границите останаа исти.

„Ослобоѓење“: Дали Бошњаците и нивните политички претставници очекуваат премногу помош од меѓународната заедница?

Инцко: Не, дури би рекол дека се одвикнаа од тоа, што беше и моја задача. Треба да знаат дека нема да има Висок претставник „зад аголот“ за да ги реши проблемите. Во минатото имало такви ситуации, од кои немало излез, па Високиот претставник требало да интервенира. Сепак, треба да се проценат добро работите, јас и моите претходници го одржувавме овој жар, одржливиот живот. Постојат конфликти кои се поголеми и постари од оној во БиХ, има и нови и тие се поголеми од овој тука, па затоа БиХ на меѓународната заедница не ѝ е во преден план.

„Ослобоѓење“: Дали со новиот Висок претставник се очекува поголем меѓународен фокус врз БиХ?

Инцко: Апсолутно. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека БиХ станува од поголем интерес за меѓународната заедница, што е добро за оваа држава. Тука сме да воведеме европски стандарди во БиХ, и кога оваа земја ќе биде зрела, тогаш ќе се повлечеме. Сепак, тоа време сè уште не е дојдено. Ситуацијата во БиХ може да биде полоша. Многумина со својата реторика го продолжуваат нашиот престој тука.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот