Интервју со Влатко Милошевски, основач на „Арт-лексикон“: И кај уметничките дела се менува вкусот на публиката

Влатко Милошевски со дела од својата колекција – гваж од Петар Мазев од 1981 година и апстрактна икона од Димитар Кондовски од 1986 година

Речиси секој викенд на Фејсбук-страницата „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950“ се појавува нова приказна поврзана со уметнички дела кои се направени на тлото на Македонија, а се создадени од странски сликари што од различни причини престојувале на македонска почва во дадениот период.

Колекцијата содржи дела од странски сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.

Креатор на лексиконот е Влатко Милошевски, кој со своето семејство повеќе од дваесет години живее и работи надвор од Македонија. По професија Милошевски е инженер по електротехника и магистер по компјутерски и информациски науки. Работи во ИМЕК, белгиска научно-истражувачка организација како сениор менаџер за развој на бизнис. Неговата страст кон уметноста и пасија за собирање уметнички дела го носи во колекционерските води. По 15 години собирање уметнички дела одлучил да ги претстави на сајтот „Артлексикон.мк“. Креира и временска рамка во која се создадени собраните дела.

Индивидуалниот проект „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950“ на Влатко Милошевски во текот на 2021 година се разви во повеќе правци и во виртуелниот и во физичкиот простор. Разговор со него направивме уште на почетокот на проектот со арт-лексиконот. Како што се зголемуваше бројот на приказните објавени на неговата фејсбук-страница, така се зголемуваше и интересот за содржините, а се појавија и нови идеи за развој на проектот.

На самиот крај на 2021 година направи ретроспектива на работи што се случија во текот на годината, а беа директно поврзани со „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“. Се чини дека работите многу се раздвижени од претходниот разговор што го направивме пред година и пол. Што содржи ретроспективата за 2021 година?

– Во 2021 година фејсбук-страницата на „Лексиконот“ доживеа ренесанса. Публикував 97 приказни, кои допреле до повеќе од 265 илјади читатели, собрале повеќе од 19 илјади „лајкови“ или други реакции. Фејсбук-страницата ја следат активно повеќе од 6.000 луѓе, кои се главно од Македонија, но има и голем број следбеници од Бугарија, Грција, Србија, САД, Австралија, Германија итн.

Приказните се поврзани со посетата на странските сликари во Македонија во турбулентното столетие 1850-1950. Во приказните се трудам да внесам дел од стилот на Милчо Манчевски, каде што бледнее границата меѓу минатото и сегашноста. Исто се трудам да внесам дел од атмосферата на Ден Браун, кој во сувопарните „википедиски“ историски факти секогаш успева да вметне една аура на трилер или драма.

Очигледно е дека постои голем интерес за вакво четиво кај македонската публика. Луѓето се едноставно желни да ја погледнат историјата и уметноста од Македонија низ една нова призма, да научат нешто ново и да бидат изненадени од некои сознанија што не ѝ се многу познати на јавноста.

Дело на Ричард Аих (1886-1975), Скопје, пазар, 1918

На почетокот на проектот главниот фокус беше на споделување на информациите преку сајтот „Артлексикон.мк“, односно во интернет-просторот, но веќе има најава и за презентација на делата и во физичкиот простор преку изложба и книга. Какви се плановите за 2022 година?

– Во 2021 година со финансиска помош од „Лексиконот“ се постави изложбата на репродуцирани акварели од британскиот сликар и патописец Едвард Лир, кој ги посетил Охрид и Битола во 1848 година. Изложбата, сѐ уште, е отворена за јавност во Куќата на Робевци во Охрид. Беше потпишан и меморандум за соработка со Музејот на македонската борба во Скопје, каде што ги позајмив моите колекции на артефакти од Македонскиот фронт од Првата светска војна. Во 2022 година планираме со Музејот да ја донесеме во Македонија и да ја изложиме мојата приватна колекција на дела од странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Во меѓувреме ме контактираа семејствата на француските сликари Рене Кастан, Етиен Валентин, Марсел Кангулем и Жан Пејрисак, кои во Големата војна биле војници и сликари во Македонија и кои изразија желба да се постави изложба на нивните цртежи во Битола за време на летниот период. Ќе се случи и промоција на „Лексиконот“ во печатено издание. Значи има многу идеи, но сѐ зависи од времето, трудот и парите што треба да се вложат во реализација на овие добри идеи.

Иако професионално се занимаваш со електроника и компјутерски науки, интересот и љубовта кон уметноста ги имаш цел живот, а во последниве 15-16 години се појави и страста за колекционирање. За каков вид колекционерство станува збор?

– Сѐ што е поврзано со историјата и уметностa од Македонија. Најпрво делата на странски сликари креирани во Македонија. Потоа следува „лов“ на дела на македонските ликовни великани (Мартиноски, Мазев, Кондовски, Лазески, Наумовски…) кои заталкале низ светот и неочекувано се појавиле на аукциите низ светот. Не е доволно само да се најде и купи делото – треба да се открие и приказната за тоа дело – кога, како и каде е направено и како заталкало таму каде што е пронајдено. Исто, треба многу да се внимава дали делото е оригинално или станува збор за фалсификат. Ме фаќа голем бес кога гледам одредени аукционерски куќи од соседството како продаваат масла на платно од „Личеноски“ и „Мартиноски“, кои се појавуваат на нивните аукции како да се произведени на фабричка лента.

Го следиш глобалниот пазар на уметнички дела или само тие што се во фокусот на арт-лексиконот?

– Го следам глобалниот пазар. Слично на модата или музиката – и кај уметничките дела се менува вкусот на публиката. Пред пет години во мода беа импресионистите од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век, но денес цената на овие дела се преполови. Денес во мода се експресионистите и кубистите од 1920-тите години и повоените модерни дела од 1950-тите и 1960-тите години. На сцена влегоа и инвеститорите од Волстрит, кои гледаат на уметничките дела како акции кои треба да растат за профит. Тоа предизвика цените на уметноста од висока категорија да пораснат баснословно високо, но во исто време цените на делата од „средна“ и „ниска“ категорија да паднат вртоглаво надолу. Практично исчезнува средниот и нискиот уметнички сегмент. Денес можат да се купат многу убави слики или скулптури од малку познати автори за багателна цена, само затоа што богаташите од Волстрит ги отфрлиле како дела без потенцијал за ценовен раст.

Дело од Томислав Кризман (1882 – 1955), Улица во Охрид, 1926

Учествуваш само на онлајн аукции или и физички присуствуваш на некои од нив?

– Денес е сѐ онлајн. Ми недостасува времето на физичко присуство во салата за наддавање, каде што ги гледаш „противниците“ во очи и често носиш одлука за повисока понуда не рационално, туку емотивно. Тоа беа времиња кога пред или по аукцијата запознаваш колеги колекционери и слично како рибарите, разменуваш приказни за некој голем „улов“ од минатите аукции.

Со каква конкуренција се соочуваш на аукциите, имајќи предвид дека во твојот фокус се дела поврзани со Македонија?

– Голем дел од конкурентите се колекционери од Грција, кои имаат подлабоки џебови од мене кога станува збор за уметност или артефакти од Македонскиот фронт од Првата светска војна, или за уметност од Егејска Македонија. Потоа има конкуренција од британски, француски, германски и австриски колекционери, галерии или музеи што собираат дела од нивни уметници. За нив малку значи фактот дека делата се поврзани со Македонија – туку повеќе ги влече дадениот период на нивното творештво.

Литографски плакат од првата изложба на Хуан Миро во штотуку отворениот Музеј на современа уметност во Скопје во 1965 година

Има ли ситуации кога и дела на македонски автори се појавуваат на големите аукции и какви цени постигнуваат?

– Во 2021 година од Франција успеав да купам еден извонредно редок литографски плакат од првата изложба на Хуан Миро во штотуку отворениот Музеј на современа уметност во Скопје во 1965 година, потоа еден гваж од голем формат од Петар Мазев, кој го насликал во Њујорк во 1981 година за време на неговиот тамошен престој по повод неговата самостојна изложба и го подарил на негови пријатели Македонци од Њу Џерси, потоа една апстрактна икона од Димитар Кондовски, која во 1986 година била подарена на премиерот на Белгија, господин Едмонд Лебартон. Во минатото сум имал среќа да „налетам“ на цртежи и графики од Никола Мартиноски, масла на Борко Лазески итн. Речиси секогаш овие дела се во сенка на другите затоа што во каталогот честопати се непрецизно опишани (неретко се опишани како „руски“), што го прави напорот за нивно откривање уште поголем. Токму поради тоа, цените на овие дела се запрепастувачко ниски во однос на цените во македонските галерии.

Фрагмент од книгата „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“, која е во подготовка и се планира да биде издадена во 2022 година

Со каква цел планираш да ја објавиш книгата базирана на проектот „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950“ и што ќе содржи книгата?

– „Лексиконот“ е замислен да биде мост помеѓу историјата и културното наследство на Македонија, мост помеѓу ориенталната и егзотична Македонија и Македонија која отсекогаш била дел од европската цивилизација, мост помеѓу „мојата“ Македонија и Македонија на сите луѓе на нејзиното тло, без разлика на јазичната, верската или етничката припадност. Книгата има за цел да ја претстави Македонија не како „балканско јаболко на раздорот“ или „буре барут“, туку како уметничка муза и инспирација со која сите ние треба да се гордееме и да уживаме во тој наш заеднички културен аманет.

На приближно 400 страници, во книгата ќе се најдат повеќе од 230 биографии на странски сликари и повеќе од 500 фотографии од нивните македонски дела креирани во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Текстот ќе биде напишан на македонски и англиски јазик на висококвалитетна хартија и тврд повез. Книгата е замислена да биде еден убав подарок за нашите пријатели во странство и во соседството, но како и нова и уникатна содржина во македонските музејски и академски библиотеки. Примероци од книгата ќе патуваат во библиотеките на повеќе музеи во Лондон, Париз, Вашингтон, Будимпешта, Дрезден, Белград и на други места низ светот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 112, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот