Василија Чали, проектен менаџер на 46. „Скопско лето“

Интервју со Василија Чали за 46. „Скопско лето“: Фестивалот отсекогаш бил симбол на културниот пулс на градот

Традицијата на фестивалот „Скопско лето“ опстојува веќе 46 години создавајќи простор за уметност во текот на жешките скопски ноќи, а континуитетот на програмата годинава за првпат се одвива под менаџерската палка на Василија Чали.

Секоја година фестивалот „Скопско лето“ отвора нов простор за уметност, за музика, за поезија, за театар, за слика и за движење. Фестивалот речиси пет децении на главниот град му дава пулс што ги поврзува уметниците и публиката, генерациите и жанровите, традицијата и современоста, локално и глобално.

Во текот на 40-те фестивалски дена неколку стотици домашни и странски уметници имаат можност да ги претстават своите креации. Од другата страна, публиката има можност да открива нови локации и непознати агли во сопствениот град. Сето тоа однапред е испланирано, подготвено, договорено, менаџирано.

Во функција на проектен менаџер на програмата на „Скопско лето“ оваа година првпат се појавува Василија Чали. Иако претходните две децении работела во областа на културата и културниот менаџмент, интересно е да ги откриеме нејзините искуства поврзани со реализацијата на летниот културен бренд во Скопје.

Остануваат уште десетина дена до крајот на програмата на 46. „Скопско лето“. Со какви нови искуства се стекнавте во изминатиов период на реализација на фестивалот, имајќи предвид дека првпат го менаџирате „Скопско лето“?

– Секоја фаза од реализацијата на фестивалот ми донесе ново и вредно искуство – од креативниот процес на формирање на програмата, преку координација со институции, уметници и медиуми, до логистички предизвици на терен. „Скопско лето“ е сложен организам, каде што секој ден бара брзи, но осмислени одлуки, особено кога се работи во жив контекст со разновидна публика. Она што најмногу го вреднувам е чувството на доверба што ми го дадоа и уметниците и колегите, како и можноста да бидам дел од нешто што има значење за градот.

Отворање на 46. „Скопско лето“ на 21 јуни 2025 во Музејот на град Скопје

Кои беа предизвиците да се нафатите на оваа функција?

– Предизвиците беа многубројни – од самиот обем на програмата, динамиката на работа, кратките рокови, до одговорноста да се одржи квалитетот и имиџот на фестивалот. „Скопско лето“ не е само уметнички проект, туку симбол на културен континуитет. Да се преземе менаџирањето на таков бренд значи да се најде вистинскиот баланс помеѓу иновација и почит кон традицијата. Од првиот ден ја чувствував тежината, но и мотивацијата да оставам сопствен белег.

Какво лично чувство и сеќавања носите за брендот „Скопско лето“?

– За мене, фестивалот отсекогаш бил симбол на културниот пулс на градот. „Скопско лето“ секогаш ми беше дел од летото – без многу планирање, знаеш дека вечерта некаде во Скопје се случува нешто вредно за гледање и доживување. Оваа година сум во нова улога – како менаџер на фестивалот – но на некој начин и понатаму сум дел од публиката, само со поголема одговорност.

Отворање на изложбата „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ

Доаѓате од областа на археологијата и историјата на уметност со многубројни проекти за курирање и промоција на културното наследство во текот на изминатите дваесетина години. Како претходното искуство го имплементирате во рамките на „Скопско лето“?

– Искуството во курирање и организирање културни програми ми овозможи да пристапам кон фестивалот со јасна визија, систематичност и со емпатија кон авторите и публиката. Имам развиено чувство за простор, време и публика, што ми помогна при избирањето на соодветни локации, формати и содржини. Навикната сум да работам интердисциплинарно, често со ограничени ресурси, но секогаш со јасна цел – да се создаде културна содржина што има и вредност и влијание. Препознав дека културното наследство не мора да значи само минато, туку може да биде жива инспирација за нови уметнички изрази. Тоа се трудев да го пренесам и во рамките на „Скопско лето“ – да постои дијалог меѓу традицијата и современоста.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје има долгогодишна традиција на организација на фестивалот, а со текот на годините имаше и многу кадровски промени. Со колкава и каква екипа годинава го реализирате фестивалот?

– Работиме со мала, но исклучително посветена екипа што со огромна професионалност се вложува во секој сегмент од фестивалот. Особено се потпирав на младите соработници што донесоа свежина, но и на искусни културни работници кои со години се дел од приказната на „Скопско лето“. Дел од тимот се и мои долгогодишни соработници, со кои имам изградено меѓусебна доверба и професионална динамика. Тие беа вклучени во фестивалот како докажани професионалци и навистина придонесоа кон стабилна и квалитетна реализација на програмата.

Отворање на изложбата на Ирена Расовиќ од Црна Гора

Каков интерес покажа Градот, во институционална и во општа смисла, кон фестивалот „Скопско лето“?

– Финансиски, веќе неколку години немаме директна поддршка од Градот Скопје, но мора да нагласам дека добивме силна морална и логистичка поддршка од вработените во градската администрација. Тие несебично ни излегоа во пресрет при добивањето на сите потребни дозволи и одобренија за реализација на фестивалот. Сметаме дека постои простор за поинтензивна институционална вклученост и за зајакнување на партнерството меѓу градските структури и културните манифестации. Културата треба да биде приоритет во стратегиите за развој на Скопје, а фестивал како „Скопско лето“ е одлична можност за таква визија.

Скопјаните што вистински го сакаат градот се дел од редовната публика на „Скопско лето“. Што Дирекцијата за култура и уметност прави за дополнително да ги мотивира да присуствуваа на настаните?

– Дирекцијата посветено работи на тоа да го направи „Скопско лето“ достапно и привлечено за сите жители на градот. Тоа го постигнуваме преку разновидна и внимателно креирана програма што ги опфаќа различните вкусови и генерации. Целта ни е да создадеме чувство на припадност и заедништво, па секој што го сака својот град ќе се чувствува поканет и инспириран да биде дел од оваа уметничка манифестација.

Од досегашните искуства, каков е односот кон фестивалот и предизвикот да настапат на „Скопско лето“ од страна на уметниците?

– Уметниците го препознаваат „Скопско лето“ како престижна платформа, особено поради неговиот интернационален карактер и реномето стекнато низ годините. Настапот на фестивалот носи и одговорност и задоволство. Од домашните автори до странските гости, сите ја почитуваат енергијата на фестивалот и градот, а некои дури го сметаат Скопје за културен хаб во регионот.

Покрај „Скопско лето“, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје е организатор и на други културни манифестации. Какви се Вашите планови во тој правец?

– Во план е да ја унапредиме видливоста и квалитетот и на другите програми (и фестивали) на Дирекцијата – од есенски музички концерти, до соработки со театри, музеи и независната сцена. Сакаме да ја прошириме културната понуда, мрежна соработка и нови партнерства – со цел културата да биде подостапна и инспиративна за сите граѓани.

Професионална биографија – Систематизирана експертиза за културното наследство

Со повеќе од 20 години професионално искуство, својата кариера Василија Чали ја посветува на зачувување, проучување, документирање и дигитална обработка на културното и уметничкото наследство. Со текот на годините стекнала длабока експертиза во архивирање, класификација и инвентаризација на музејски и археолошки збирки, како и во примена на стратегии за дигитализација и отворен пристап. Нејзиното работење опфаќа и креирање визуелна документација и текстуални записи што овозможуваат професионален и достапен увид во културното богатство.

Во текот на својата кариера тесно соработувала со јавни институции, национални музеи, универзитети и меѓународни организации при документирање, истражување и презентација на културни артефакти, вклучително и во рамките на големи археолошки проекти и музејски поставки. Значително искуство има и во подготовка и уредување на бази на податоци, работа со дигитална фотографија, графичка обработка на музејски материјал, како и развивање на содржини за каталогизација, изложби и научна интерпретација.

Креативноста и прецизноста се темелите на нејзиниот пристап – од систематизирање на податоци и обработка на документи до визуелизација на културни содржини преку графички дизајн. Работела на проекти во Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на град Скопје, Археолошките локалитети Стоби и Скупи, како и на проекти финансиски поддржани од Европската унија.

Професионално членство има во Македонското археолошко научно друштво (МАНД), Здружението на туристички водичи, Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ), Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС), ИКОН – Здружение за култура и уметност, Македонско женско лоби. Исто така, основач и дизајнер е на модниот бренд „Basileia by Vasilija“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 290, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот