Интервју со Валентина Велковска-Трајановска: Имаме многу работа доколку сакаме да ги вратиме вредностите што ги имавме

Валентина Велковска-Трајановска во Брисел / Фотографија: самослик

Претседателката на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, има интензивен период со активности на повеќе полиња, а со особена возбуда го најавува и новото издание на Денови на македонска музика.

Програмата на свеченото отворање на 46. Денови на македонска музика содржи дела од Ана Пандевска, Бојана Петровиќ Алексова, Михајло Штерјев, Филип Иванов и Дамјан Темков, кои ќе бидат изведени од гудачкиот оркестар „Ајга“ под раководство на диригентот Виктор Митревски, а со композиторката Валентина Велковска-Трајановска, актуелна претседателка на СОКОМ, разговаравме за генералниот концепт на фестивалот.

На 27 март почнува новото издание на Денови на македонска музика (ДММ), а веќе на првата вечер ќе има премиерна изведба на четири дела од македонски композитор(к)и. Станува збор за селекција, или пак, композитор(к)ите ги чекаат ДММ за премиерно да бидат изведени нивните дела?

– Свеченото отворање на фестивалот 46. Денови на македонска музика ќе се одржи во малата сала на Филхармонија, со почеток во 20 часот, а програмата е конципирана, речиси, целосно со премиерни изведби на делата. Треба да споменам, инсистирањето на премиерна изведба на делата е една од главните програмски определби на самиот фестивал, од неговите почетоци па сѐ до сега. За жал, што се однесува до делата на композиторите за поголеми состави најчесто нивната премиерна, а некогаш и единствена изведба, е токму на Деновите на македонска музика.

Програмата за отворањето е формирана со дела што композиторите ги пријавија за изведба пред неколку години, но со расформирањето на поголемиот дел од камерните оркестри, немавме состав што ќе може да ги изведе. Поради тоа минатата година се формираше камерниот гудачки оркестар „Ајга“, oркестар што ќе изведува дела од овој вид, комплексни, современи и своевидни според својата содржина и структура. Оркестарот мора да има континуитет, целосна меѓусебна координираност, звучна балансираност, ентузијазам и желба да се впушти во некогаш и непознати и неистражени полиња на звучниот простор, поради што оваа програма ја поставивме како трета (по првите две на минатите ДММ). На концертот на отворањето на фестивалот публиката ќе може да ги проследи делата на релативно помладата генерација композитор(к)и: Ана Пандевска, Бојана Петровиќ Алексова, Дамјан Темков, Михајло Штерјев и Филип Иванов.

Дизајнот на плакатот за 46. Денови на македонска музика е на Владимир Лукаш

Покрај Вас, во Уметничкиот совет оваа година се и Вања Николовски – Ѓумар и Филип Иванов. Со каков концепт го подготвивте годинашното издание?

– Со голема одговорност ја конципиравме програмата на 46. Денови на македонска музика, која ќе биде во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: балетско, симфониско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Од соработката со институциите што се формирани од македонските композитори – Национална опера и балет, Филхармонија, „Танец“, Факултетите за музичка уметност, ќе произлезат концерти на коишто ќе одзвучат премиерни изведби на помладите композитори, дела на композиторите на кои им се одбележуваат јубилејните години од раѓање, дела што го претставуваат творечкиот опус и јазик на дел од композиторите.

На пример, на концертот на НОБ публиката ќе има можност да проследи дел од балетското творештво, на концертот на симфонискиот оркестар „Ајга“ ќе бидат изведени дела од македонски композитори, но и солистот Кирил Трусов ќе го изведе Менделсоновиот концерт за виолина и оркестар. Воедно, тоа е и еден прекрасен пример како може македонското творештво сосема рамноправно да биде дел од концертните програми на врвните солисти со филхармониски оркестри.

Потоа на концертот на „Танец“ ќе се навратиме во далечното црковно минато на Македонија, навраќајќи се на истражувањата на традицијата на црковните записи на исклучително значајни автори од тој период, со настап на машкиот дел на хорот од ансамблот. Секако, ќе се навратиме и на камерниот опус на македонските композитори, ќе настапи триото – обоа, фагот и пијано (Татијана Петрушевска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски).

Концертите во втората сезона освен делата од поголем обем, концерти, симфониско творештво, дела за гудачки оркестар со солисти, ќе опфати и настап на камерно дуо од Германија, солисти од Словенија, работилници, семинари, а ќе заврши со Трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Вообичаена практика е на ДММ да има премиерни изведби, но секоја година правите посвета на претходните генерации композитори. Чии јубилеи ќе бидат одбележани, а со кои композитори ќе има авторски вечери?

– Оваа година се одбележуваат неколку значајни јубилеи на починатите композитори: 90-годишнината од раѓањето на композиторите (и диригенти) Александар Лековски и Драган Шуплевски, како и 80-годишнината од раѓањето на композиторите Димче Николески и академик Ристо Аврамовски. Условите не ни овозможуваат реализирање на авторски вечери, но во рамките на фестивалската програма се потрудивме да застапиме што поголем фонд на значајните дела од овие композитори, секако и според соодветноста во концептот на самите концерти.

Се надеваме и институциите, чија дејност е концертна, симфониска, музичко-сценска изведба, ќе обрнат достојно внимание на творештвото создадено од македонските композитори, со што поголем удел во програмските концепции на нивните менаџерски тимови. Секако, на сите нас останува одговорноста да се грижиме за соодветно и квалитетно зачувување, презентирање и промовирање на вредностите на нашето музичко минато (наследство), сегашност и иднина.

Колку успеавте да ја задржите традицијата на објавување авторски компакт-дискови на членови на СОКОМ?

– Интенцијата на сегашниот состав на Претседателството на СОКОМ, но и на сите членови, е да се погрижиме за материјалите на композиторите, нивните партитури, изведби, аудио и видео записи. Особено значајна за нас е соработката со Македонската Радио и Телевизија, која со создавањето аудио-видео записи ги документира овие исклучително непроценливи материјали, ги обработува и, на некој начин, трајно ги заштитува. Со објавувањето на авторски дискови аудиозаписите на делата се достапни за пошироката публика, се промовира творештвото и се создава своевиден пресек и увид на творечкиот јазик и стил на еден композитор.

Главно, СОКОМ не може, согласно концептот на финансирање на програми од национален интерес на Министерството за култура, да издава и компакт-дискови, бидејќи ограничувањето на два проекти ги опфаќа традиционалните манифестации „Денови на македонска музика“ и „Струшка музичка есен“, но секако на сите можни начини СОКОМ учествува со своите активности и поддршка на композиторите.

Претседателство на СОКОМ

Денови на македонска музика е една од најзначајните активности на СОКОМ, а пред еден месец Вие бевте реизбрана на претседателската функција на композиторската асоцијација. Со какви идеи и мисија влеговте во вториот мандат?

– Во вториот мандат влегов со неколку идеи и првенствено со мисија да ги завршиме активностите што ги започнавме во првиот мандат, бидејќи голем дел од предвидените активности се долгорочни и не би можеле да ги завршиме во период од нецели две години. Состојбите со македонското творештво, но и севкупно со македонската музичка култура се на релативно незавидно ниво, така што имаме многу работа доколку сакаме да ги вратиме вредностите што ги имавме, но и да создадеме нови.

На пример, фестивалот ДММ ќе ги засили напорите да го изведува и промовира творештвото на македонските композитори од поголем обем, што е целосно запоставено и маргинализирано од страна на нашите најзначајни институции, со што ќе се зголеми и видливоста на композиторите и нивните монументални музичко-уметнички дела.

Потоа, меѓународната презентација на творештвото и понатаму ќе се интензивира преку соработката со слични организации во странство, но и со засилување на контактите на нашите вонредни членови и можностите да го промовираат во средините/земјите каде што живеат и дејствуваат. Ќе продолжиме со активности во насока на поттикнување, стимулирање и помагање на музичкото творештво, музичката публицистика и музикологијата. Постојано го спомнуваме недостатокот од ресурси и капацитети да се примат, обработат, архивираат, заштитат и зачуваат легатите на композиторите, со што ќе се овозможи реална достапност до материјалите (особено партитури за понатамошни изведби, нивно истражување и анализа…). И секако, уште многу активности што доколку ги набројам ќе бидат премногу обемни за ова интервју, чија цел ни е најавувањето на овогодишните ДММ.

Како дел од меѓународните активности на СОКОМ, Валентина Велковска-Трајановска минатата седмица престојуваше во Брисел

Во рамките на заложбите за меѓународна презентација на СОКОМ деновиве бевте во Брисел на Самит на европската асоцијација на композитори и песнописци. Со какви активности се соочивте таму и кои се заклучоците од самитот?

– СОКОМ со свој делегат како рамноправен член учествува на Самитот на европската асоцијација на композитори и песнописци (ECSA) од самото нејзино основање, а до скоро и со потпретседател во управните тела на асоцијацијата чија цел е заштита и промоција на правата на музичките автори на национално, европско и интернационално ниво.

За оваа година главната тема на Самитот беше заштитата на правата на композиторите во контекст на Договори со издавачки и медиумски куќи и компании, заштита на авторските и морални права на композиторите на сите интернет ресурси и платформи, како и употребата на ИТ-алатките во процесот на создавање музика.

СОКОМ со свој делегат како рамноправен член учествуваше на Самитот на европската асоцијација на композитори и песнописци

Каква е генералната позиција на композиторите во општеството низ Европа? Можеме ли да правиме паралели меѓу македонските и европските услови за работа?

– Позицијата на композиторите се разликува во сите земји низ Европа, но времето на ковид-пандемијата укажа колку е, всушност, незавидна положбата на сите дејности од музичкиот сектор, воопшто. Различните концепти на управување и конципирање на културните политики даваат и различни резултати, така што паралели не би можеле да направиме доколку не ги согледаме сите аспекти во целост. Севкупно крајниот заклучок е исклучителната тешка позиција во која се наоѓа самата професија – композитор, од образовен, професионален и егзистенцијален карактер.

Општествени активности со дејноста на СОКОМ навистина имам премногу, но се трудам сите обврски да ги реализирам со максимална одговорност и квалитет / Фотографија: Кире Галевски

Самата сте композиторка и професорка на музичката академија при УГД во Штип. Покрај сите општествени заложби, како успевате да најдете време за работа на своите нови дела, но и во педагошката дејност?

– Во моментов сум активна на повеќе полиња во својата дејност и навистина време за работа на нови дела скоро и да немам, но тоа отсекогаш и било така, бидејќи, како што споменав погоре, да се живее како самостоен композитор, па и воопшто музичар и изведувач во Македонија, е на границата на невозможност. Токму поради тоа и поголемиот дел од композиторите се насочуваат во педагошката дејност. Јас сум вработена како редовен професор по неколку предмети на музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, воедно сум и Продекан на истата, со што имам и многу административни обврски.

Дополнително, оваа година на покана на ФМУ во Скопје, исто така, одржувам предавања. Општествени активности со дејноста на СОКОМ навистина имам премногу, но се трудам сите обврски да ги реализирам со максимална одговорност и квалитет. Време за создавање нови дела одвај наоѓам, но тоа е професијата на која што сум се посветила и сакам да ја работам.

По создавањето на мојот ораториум „Соништата на бесмртните“, завршив неколку камерни дела, едната соло песна се објави на ЦД издание на престижната издавачка куќа „NAXOS Deutschland“, а сега завршив ново дело за камерен оркестар, што ќе се изведе летово во Германија на концерт на кој ќе се одбележи 100-годишнината од раѓањето на светскиот композитор Георг Лигети. За мене беше огромна чест интересот и желбата на оркестарот да создадам дело за програмата на овој концерт. На мое задоволство делото беше примено со многу позитивни критики и пробите поминаа одлично, а останува уште да се реализира концертот.

Кои други активности на СОКОМ, покрај реализацијата на ДММ, се планирани за оваа година?

– Оваа година ДММ ќе се реализира во две сезони, како што спомнав со големи концерти. Следната активност ни е „Струшка музичка есен“, и секако сите активности поврзани со делата на македонските композитори, како и интензивирање на напорите да се подигне свеста за значењето и општествената потреба од квалитетно уметничко музичко творештво.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот