ИНТЕРВЈУ со Сибел Бајрам, активистка: Ромите не се проблем, туку се потенцијал што треба да се искористи за напредок  

Нешто што најмногу ме вади од колосек е неправдата, дискриминацијата, генерализирањето и сожалувањето од останатите етникуми кон нас Ромите. И ние сме луѓе како и сите останати, и ние чесно си работиме, си ги плаќаме даноците, комуналиите, се образуваме, работиме, растеме деца со вредности и вложуваме во оваа држава, вели активистката Сибел Бајрам. 

Сибел Бајрам има 24 години и работи како наставник по англиски јазик во ООУ „26 Јули“ во општината Шуто Оризари. Сибел е една од ретките млади Ромки во македoнското општество со високо образование, а моментно ја подготвува и магистерската студија. По природа е бунтовна и бара правда, прилично е директна со луѓето. Ако нешто не ѝ се допаѓа наоѓа начин да го искаже нејзиното незадоволство, меѓутоа и нуди решение за него.

Една си од ретките млади Ромки во Македонија со високо образование, а сега си и на магистерски студии. Кој беше пресудниот момент кога одлучи да го продолжиш образованието? Која ти беше мислата водилка?

– Кога имав 6-7 години, мојот покоен дедо, кој тогаш работеше во печатницата на „Нова Македонија“ во која се печатеа сликовници и весници, имаше визија за мојата иднина. Мене ми беше чудно и пола од тоа што ми говореше не го разбирав, бидејќи сè уште бев дете, но тој имаше визија дека јас еден ден ќе бидам со високо образование, ќе работам по струка и ќе бидам пример во мојата заедница. Многу сум среќна што успеав да ја реализирам неговата визија. Патот не беше лесен, тој секојдневно покрај тоа што имаше тешка и напорна работа, постојано издвојуваше време да ме однесе на курс по англиски јазик, бидејќи препозна дека лесно учам нови јазици и инсистираше да се едуцирам дополнително, покрај училиштето. Воннаставното вклучување и себеедуцирање влијаеше на тоа да бидам активна во граѓанскиот сектор и да почнам со волонтирање во Здружението за развој на ромската заеедница „Сумнал“, каде што им помагав на моите сонародници ученици во проблемите кои ги имаа со англискиот јазик, како и помош во пишувањето на нивните домашни задачи. За време на моите средношколски денови учев во клас во кој бев единствена Ромка и дел од моите соученици беа изненадени дека Ромка може да постигне одличен успех, да учествува во активности коишто се организираа во училиштето и веќе од втора година да почне да патува во европски земји и да оди на семинари. Меѓутоа, во овие средношколски денови, освен чудни погледи и прашања, имав и голема поддршка од неколку професори со кои и денес имам одлична комуникација и кои сè уште ме поддржуваат и се гордеат со мене. Веројатно преминот од четвртата година и моето полнолетство тогаш, ме натера да продолжам да ја надоградувам амбициозноста и да продолжам понатаму со моето образование. Така, се запишав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедрата за превод и толкување – англиски и француски јазик, меѓутоа и за време на студирањето продолжив со волонтирање и враќање назад на заедницата, за укажаната доверба и поддршка за време на моите студии. Желбата за успех и за докажување дека сум еднакво добра, па во некои работи и попрофесионална од останатите неРоми, покажувањето дека и Ромите се образуваат, се вредни, чесни, успешни и професионални во она што го работат, ме водеше и одржуваше во мојата желба и мисија да учам, постојано да се надоградувам, да посетувам различни семинари и обуки и што е најважно, кога сум во друштво со неРоми на реченицата „Ти си поразлична од другите Роми“, да одговорам дека јас сум претставник на таа етничка заедница и дека времето се смени, има повеќе образовани Роми, има добро ситуирани Роми и јас сум горда на нив.

Голем дел од младите Роми воопшто не се пријавуваат во Агенцијата за вработување, а сè тоа, за жал, суптилно ги демотивира и новите генерации.

Постоеше ли на миг колебање, во смисла, дали ќе најдеш работна позиција?

– Ако претставува предизвик да се најде работа како млад човек во Македонија, двојно поголем предизвик е да се најде работа по струка, а можете да замислите како е да си млада, девојка во едно патријархално општество, а во истовреме и Ромка. Но можам да кажам дека сиот мој труд што го вложив во себе, ми помогна да се издвојам и да бидам препознаена како квалитет што треба да се искористи во воспитувањето на идните генерации.

Денес си пример за успешна Ромка, интелектуалка која зборува неколку јазици, професорка која образува нова генерација. Каква е новата генерација? Дали е повеќе отворена кон образовниот процес, кон желбата за знаење? На што ги учиш твоите ученици? Што им порачуваш? И какви се, досега, резултатите?

– Наставник сум по англиски јазик во ООУ „26 Јули“ во општина Шуто Оризари и во оваа прилика би сакала првин да си ги поздравам моите ученици, потоа стручната служба и директорот, како и колегите. Работата со деца, особено со ученици од различни одделенија и возрасни групи, е прилично интересна, меѓутоа и многу одговорна. Ги обожавам сите деца и никогаш не ги делам без разлика на нивното потекло, боја на кожа, етникум или социјален сталеж, за мене сите се деца, скапоцени камења кои секојдневно треба да се поттикнуваат, охрабруваат, образувааат и да им се претставуваат различни перспективи за работите, за да можат понатаму во животот да си го најдат патот по кој ќе чекорат и да имаат подобра и побезбедна иднина. На моите часови се трудам да внесувам новитети и на учениците да им давам разновидни задачи за секој да си го пронајде интересот и она што најмногу му лежи и најдобро знае да го сработи. Секогаш се трудам да бидам достапна за нив, ги мотивирам, ги поддржувам и честопати дискутираме на часовите за различни теми што ги засегаат и кои им се важни. Ова е особено важно за учениците од деветте одделенија бидејќи тие се наоѓаат на една раскрсница во изборот за средно училиште и трасирање на патот по кој понатаму самостојно ќе чекорат. Учениците од деветто одделение се ученици кои сакаат секогаш да дознаваат нови работи, сакаат да се во тек со информациите, многу го сакаат англискиот јазик и, дел од нив, одлично го зборуваат и секогаш се отворени за соработка, а и пресреќни се кога самите имаат можност да презентираат некоја лекција од учебникот и за тоа ќе бидат соодветно наградени. Многу си ја сакам оваа професија бидејќи сум позитивен пример за моите ученици, имам можност да ги мотивирам, поддржам, да ги насочам во изборот на нивното понатамошно образование и што е најважно, да им ја пренесам љубовта за странските јазици и придобивките од нивното познавање. Исто така, ги учам на етичност, праведност, борбеност и истрајност во сè што прават и ќе прават понатаму во животот.

Според податоците од Државниот завод за статистика, на крајот на учебната 2016/2017 година во основните училишта низ целата земја имало 9.328 ученици Роми, од кои речиси половина или вкупно 4.548 девојчиња. Сепак, поразителен е фактот кога станува збор за продолжение на образованието. Според тебе, зошто е тоа така и што може да се направи за да се подобри статистиката?  

– Факт е дека во областа на образованието е направена најголемата промена во изминативе 20 години кога станува збор за ромската заедница, но мораме да признаеме дека неизбежно е вложување и работа и во останатите области. Особено тешко е тоа што, дел од оние кои завршуваат образование, се соочуваат и со предизвик да најдат соодветно работно место на пазарот на трудот. Голем дел од младите воопшто не се пријавуваат во Агенцијата за вработување, а сè тоа, за жал, суптилно ги демотивира и новите генерации. Потребен е поголем ангажман од веќе дипломираните Роми, кои треба повеќе да работат со својата заедница. Потребен е и поголем ангажман на властите во процесот на интеграцијата на Ромите во македонското општество, бидејќи Ромите не се проблем во оваа држава, туку се потенцијал кој треба да се искористи за напредок на целата држава.

Среќна сум дека веќе раните бракови не се толку зачестени и дека имаме сè повеќе Ромки коишто продолжуваат со своето образование.

Твојот бунтовен дух те тера да се залагаш за правда каква што ромската заедница заслужува. Да објасниме, кој е приоритетот во правдата за која се залагаш?

– По природа сум бунтовна и барам правда, прилично сум директна со луѓето. Ако нешто не ми се допаѓа, наоѓам начин да го искажам моето незадоволство, меѓутоа и нудам решение за истото. Нешто што најмногу ме вади од колосек е неправдата, дискриминацијата, генерализирањето и сожалувањето од останатите етникуми кон нас Ромите. И ние сме луѓе како и сите останати, и ние чесно си работиме, си ги плаќаме даноците, комуналиите, се образоваме, работиме, растеме деца со вредности и вложуваме во оваа држава. Не сме граѓани со посебни потреби, не сме сите необразовани, сиромашни, валкани и немоќни. За среќа, имаме повеќе невладини организации коишто работат за доброто на ромската заедница, имаме поединци кои исто така ја подобруваат сликата, имаме стипендии кои им помагаат на средношколците и студентите Роми во текот на нивното образование. Е сега, како и кај секоја друга заедница, и кај ромската има сиромаштија, неписменост, невработеност и неинформираност. Среќна сум дека веќе раните бракови не се толку зачестени и дека имаме сè повеќе Ромки коишто продолжуваат со своето образование, се вработуваат и со тоа придонесуваат во семејството и како такви се поценети и попочитувани во својот дом. Особено сум горда на оние семејства кои, иако се сиромашни, ги поддржуваат своите деца да продолжат со образованието и да не застанат пред ниту една пречка.
Секогаш сум отворена за соработка, помош и совет не само за припадниците од ромската, туку и за сите други млади луѓе кои сакаат да ме запознаат и на кои некако можам да им помогнам. Честопати ги стимулирам и ги поддржувам моите сограѓани Роми, особено девојки, за важноста на образованието. Образованието нуди една економска безбедност, отвора нови порти во животот, ги отвора сите сетила на човекот кои претходно не работеле со полна пареа и нуди безброј можности.

Кој е најгорливиот проблем меѓу жените Ромки?

– Жената Ромка се соочува првин со проблеми во семејството поради присутноста на силното партијархално воспитување, потоа со дискриминација во институциите поради степенот на образование, немање на гинеколог во 21 век, недоволна слобода за право на глас за изразување на сите проблеми и желби. Дел од овие проблеми со коишто се соочува жената Ромка се поради недоволно познавање на своите права од страна на припадничките на посиромашните и понеедуцирани семејства, кои и се изложени на најголема дискриминација и изолација од македонското општество.

Поради ова сивило, меѓутоа и поради успесите кои ги имаат и другите жени и девојки Ромки, одлучив да основам здружение на жени Ромки „Лачо диве“. На ромски „лачо диве“ значи  „убав ден“. Визијата на „Лачо диве“ е – жените и девојките Ромки во Република Северна Македонија да се рамноправни граѓани, економски независни, кои активно учествуваат во јавниот и политичкиот живот. Додека мисијата на Здружението е  унапредување и развој на статусот и благосостојбата на жената и девојката Ромка во Република Северна Македонија. Ова здружение ќе се залага за добробитта на жената и девојката Ромка, за нивна еднаквост во македонското општество, поддршка, мотивација и еманципација. Нешто што е ново е тоа што генерално ќе работиме на организирање на група од жени и девојки Ромки, кои ќе бидат информирани, едуцирани, подготвени за сè што се случува во ова општество, а ги засега нив. Здружението ќе донесе еден бран на свежина и ќе вклучува Ромки не само од населбата Топаана, каде што и се наоѓа, туку и Ромки од сите останати населби во Скопје и пошироко. Јас, како претседателка на „Лачо диве“, би сакала да имам соработка и со припаднички на понежниот пол и од останатите етникуми и заедно да делуваме за решавање на заеднички проблеми и дилеми. Секогаш сум отворена за соработка и помош.

Не сме граѓани со посебни потреби, не сме сите необразовани, сиромашни, валкани и немоќни.

Семејното насилство е една од најчувствителните теми меѓу жените во Македонија. Како Ромките се справуваат со семејното насилство, дали го пријавуваат, дали и како државата ги заштитува?

– Мислам дека ова сè уште е табу тема, не само кај Ромите, туку и кај сите етникуми во Македонија. Искрено, сметам дека немаме толку силни закони кои можат да заштитат одредена жена или девојка без разлика на етничката припадност, кога би отишла да пријави случај на насилство, и веројатно, поради недоволната сигурност која тие ја чувствуваат, со право, ова го премолчуваат и тоа поминува честопати неказнето. Треба да имаме појасно дефинирани закони кои најостро го осудуваат не само семејното насилство, туку и секое друго насилство кое ги повредува човековите права и слободи и секој што ќе посегне по такво злодело да биде најстрого казнет.

Во што најмногу ја препознаваш дискриминацијата на жените Ромки во нашето општество? Имаш ли предлог како да се урнат стереотипите?

– Најчесто, јас како Сибел, се среќавам со дискриминација кога ќе слушнат Ромка, а тоа е раното мажење. Припадниците на останатите етникуми сè уште мислат дека девојките Ромки се мажат рано и не завршуваат соодветно образование, а со самото тоа мислат и дека не се доволно конкурентни на пазарот на труд. Секако, ситуацијата не е сјајна, постојат луѓе кои одлучуваат дека е во ред да стапат во брак на одредена возраст и да не продолжат со образование, да не работат и слично, меѓутоа никогаш не треба да се генерализира. Стереотипите, предрасудите и дискриминацијата, можат да се урнат само кога ќе има доволна едукација и желба за запознавање на другата страна, кога ќе има директни средби и запознавања и таму ќе се споделуваат успешни приказни и примери, кога ќе има отвореност за соработка и кога луѓето ќе бидат помалку себични, скептични и резервирани. Ако сакаме да зборуваме за некого добро или лошо, првин треба да го запознаеме, а потоа да донесуваме заклучоци.

Кои ти се следните цели? Би влегла ли, можеби, и во политичките води за да можеш уште погласно да делуваш?

– Следните цели за оваа претстојна година ми се здружението „Лачо диве“ да прерасне во организација каде што ќе доаѓаат позитивни луѓе, со отворени сфаќања, луѓе кои нема да се плашат да побараат помош, совет и поддршка кога им е потребно, и секако, „Лачо диве“ да биде препознаена како организација во која има жени и девојки кои се секогаш информирани, мотивирани, свесни и подготвени за промени и делување по прашања коишто ги засегаат. Во наредните 5 години, не планирам да влезам во политиката, бидејќи не се гледам таму, меѓутоа секогаш ќе бидам активна, присутна и ќе делувам кога треба да се прават промени за доброто на мојата заедница.

Кој е за тебе светол пример на жена Ромка од која се инспирираш?

Моето семејство секогаш било и е светла точка во мојот живот. Мајка ми, сестра ми и тетка ми се жените хероини во мојот живот. Успеав да ѝ пренесам позитивни ставови, мисли, идеи на сестра ми, која е студент на Филозофскиот факултет, на Институтот за педагогија. Таа пред да донесе заклучок или одлука за некоја личност прво ја запознава, а потоа одлучува што понатаму, таа ги почитува сите луѓе и никогаш не прави поделби меѓу нив. Мајка ми е жената која, заедно со татко ми, успеале да одгледаат две ќерки, да ги образуваат и да им понудат сè што можеле и што било најдобро за нас. Таа ме научи секогаш да бидам мила, добра со луѓето и никогаш да не бидам скржава и алчна, секогаш кога на некој му треба помош, да можам да помогнам, да го сторам тоа без размислување. Тетка ми, единствен магистер по библиотекарство во РСМ, мојата втора мајка, учител, поддржувач и мотиватор, ме научи секогаш да бидам силна, истрајна, да се едуцирам најдобро што можам, да вложувам во себе, да посетувам различни обуки и семинари каде што запознавав различни луѓе. Таа е жената која ме воведе во водите на невладиниот сектор и жената која ме научи како да бидам активистка што ќе се бори за правата на својата заедница, што ќе покаже една позитивна слика на останатите, и девојка која ќе биде достојна за почит и која ќе биде еднакво конкурентна како и сите останати на пазарот на трудот.

Фотографии – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот