Интервју со Сибел Абдиу, режисерка: „Чаршија“ е приказна за заедништво и хумор што ги урива поделбите
Младите се иднината, и ако не научиме да живееме заедно, да соработуваме и да се почитуваме, сите ќе изгубиме. Старата чаршија е симбол на заедништво, место каде што со векови коегзистираат различни култури, јазици и традиции.
Во интервју за „Слободен печат“ разговараме со Сибел Абдиу, креаторка и режисерка на серијата „Чаршија“. Новата хумористична серија е инспирирана од животот, ликовите и духот на Старата скопска чаршија. Предвидени се 36 епизоди до крајот на сезоната, во времетраење од 3-5 минути. За предизвикот и за серијата во која се преплетуваат култури, јазици и генерации каде што сите се разбираат, низ разговорот со Сибел Абдиу…
Препорачано

Како се роди идејата за серијата „Чаршија“ и што беше главната инспирација зад приказната?
– Идејата за „Чаршија“ се роди од една длабока лична болка и од чувството на наметната сегрегација што почнав да ја забележувам во периодот 2019-2020 година. Живееме во град каде што воздухот е загаден за сите, каде што сите се соочуваме со предизвици во здравството и образованието итн. Токму таа апсурдност, дека проблемите ни се заеднички, а сепак се делиме, беше силен мотив. Сакавме да создадеме нешто автентично, нешто наше, што ќе допре до поширока публика. А хуморот е најсилниот медиум за тоа. Преку смеа полесно се отвораат тешки теми. „Чаршија“ е обид преку хумор да зборуваме за реални, секојдневни проблеми, но со човечност и топлина.

Колку беше предизвик да се долови автентичниот дух на Старата скопска чаршија на екран?
– Предизвикот беше сериозен, особено на почетокот. Инсистиравме да снимаме во самата Стара чаршија, но денес е речиси невозможно да се најдат три празни дуќани еден до друг – повеќето се активни бизниси. За среќа, пронајдовме празен магацин во Чаршијата и таму изградивме студио со три дуќани. Така останавме во автентичниот амбиент, а добивме продукциска контрола. Но, вистинската автентичност не доаѓа од сценографијата, туку од луѓето. Неколку месеци пред снимањето секојдневно одевме во Чаршијата, се дружевме со еснафот, станавме дел од нивното секојдневие. Ги набљудувавме нивните навики, начинот на зборување, ситните ритуали. На некој начин „позајмувавме“ од нивната реалност за да напишеме сценарија што ќе звучат вистински, а не измислено.
Серијата обработува мултикултурност и различни генерации. Колку е важно тоа за денешната публика?
– За мене, тоа е клучно. Младите се иднината, и ако не научиме да живееме заедно, да соработуваме и да се почитуваме, сите ќе изгубиме. Старата чаршија е симбол на заедништво, место каде што со векови коегзистираат различни култури, јазици и традиции.
Многу е важно младите да се освестат и да не прифаќаат сè што им се сервира – од медиумите, од општеството или од предрасудите. Сакаме да поттикнеме критичко размислување, но и емпатија. Од заедништво доаѓа силата – тоа не е само изрека, туку реалност.

Форматот со кратки епизоди од 3-5 минути е приспособен за дигитални платформи – дали тоа беше свесна стратегија?
– Апсолутно. Форматот беше резултат на анализа и набљудување на навиките на младата публика. Денес вниманието е расцепкано, а дигиталните платформи диктираат поинаков ритам. Кратката форма ни овозможи да бидеме динамични, концизни и директни, без да ја изгубиме суштината. Сакавме да создадеме содржина што ќе им го задржи вниманието, но и ќе остави порака.
Како течеше снимањето и дали имаше интересни ситуации зад камерите?
– Секое снимање е напорно, но во овој случај атмосферата беше исполнета со хармонија и вистинска дружба. Тоа многу ја олеснува работата.
Имавме безброј смешни моменти. Во епизодата „Симит погача предизвик“, актерите Беркан Ахмет и Сон Бејта навистина се обидуваа да ја изедат погачата што е можно побрзо, па често прекинувавме од смеа. Во епизодата „Еснаф“, беше пресмешно кога Аксел Мехмет, кој го глумеше попот, постојано забораваше како правилно да се прекрсти, додека Александар Михајловски – Хонда учеше да изговара текст на албански. И ред други моменти.

Колку е важна актерската екипа за успехот на ваков тип хумористична серија?
– Кастингот е најмалку 50 отсто од успехот. Ако таму се направи погрешен избор, тешко е подоцна да се поправи. Со професионална актерска екипа процесот е многу полесен – секој ја знае својата задача, ја разбира динамиката и работи дисциплинирано. Но, кај хуморот има уште еден клучен елемент – осет. Не секој добар актер има чувство за комичен тајминг. Среќни сме што работевме со луѓе што имаат и талент и интелигенција за ваков жанр.
Публиката добро ја прифати серијата – што најмногу ве радува?
– Најмногу нè радува кога ќе слушнеме: „Вакво нешто ни фалеше.“ Тоа значи дека сме погодиле нешто суштинско. Работиме постојано да бидеме подобри и похрабри во темите што ги отвораме. Хуморот е средство, но целта е да се проговорат болките во општеството – на начин што обединува, а не разделува.
Што може да очекува публиката до крајот на сезоната и дали размислувате за нова сезона?
– До крајот на сезоната публиката може да очекува многу смеење, но и силни емоции. Последните епизоди се епилог што носат подлабоки пораки, можеби дури и ќе ја разнежни публиката. Во однос на втора сезона – веќе сме во разговори и сериозно размислуваме за продолжување. Се надеваме дека наскоро ќе можеме да објавиме конкретни новости.


