Интервју со Сања Арсовска, претседателка на СКРМ: Ако нешто не ми одговара, веднаш реагирам и барам солуција

Актуелната претседателка на СКРМ, Сања Арсовска, веќе ја поднела својата оставка до Советот на Синдикатот, бидејќи смета дека нејзината претседателска мисија завршила со стапувањето на сила на Колективниот договор на вработените во културата, за што упати јавна благодарност до сите колеги што солидарно и несебично „гинеа“ со неа.

Актерката Сања Арсовска не се штеди себеси во секоја работа со која ќе се зафати. Како актерка „гине“ на сцената за автентично и длабоко доловување на секој лик во многубројните претстави во кои играла. Истиот принцип на безрезервност, максимална посветеност, храброст и борбеност го има и во вршењето на општествените функции, како што е членувањето и претседателствувањето со синдикалната организација.

Функцијата претседателка на СКРМ (Синдикат на културата на Република Македонија) Сања Арсовска ја презема од февруари 2018, а претходно од 2015 година беше претседателка на синдикалната организација на Драмски театар. Неодамна на својот профил радосно истакна дека Колективниот договор на вработените во културата стопроцентно е на сила. Во таа битка Арсовска не учествуваше сама, но финалните резултати дојдоа во времето кога таа беше на претседателската позиција во СКРМ.

Иако со Сања Арсовска може да се разговара за многубројните актерски улоги, учеството во безброј социјално и општествено ангажирани перформанси и протести за социјална правда, солидарност и одговорност, овој пат се задржуваме само на актуелниот момент и состојбата во СКРМ во услови кога Колективниот договор на вработените во културата стана реалност.

Неодамна објавивте дека Колективниот договор на вработените во културата потпишан со Министерството за култура стопроцентно е на сила. Што значи тоа?

– Системско решавање на проблемите по работен однос во културата, крај на долгогодишното селективно покачување на плати на поединци или изолирани дејности, унапредување на права за надоместоци по различни основи. Тоа значи крај на повеќедецениска неправда врз вработените од заштитата кои, иако со високи образовни достигнувања, примаа потпросечни плати, покачување на платите на вработени од културата кои биле заборавени дека постојат, а притоа работат во најпродуктивните институции од културата. Колективниот значи поправична валоризација на трудот од претходно, нормално, усогласено со законското уредување на работните места. Не е идеален, но со оглед на околностите и затекнатата состојба е извлечено максимум.

Уште кога се градеше синдикатот, си ветивме дека нема да бидеме само критичари и да кажуваме како не треба, туку секогаш ќе нудиме решенија (Фотографија: Зоран Шекеров)

Зошто требаа 15 години за да дојде моментот прво на потпишување, а потоа и на стапување на сила на Колективниот договор?

– Колективниот договор е на сила откако е потпишан, односно објавен во Службен весник на 16.1.2020, единствено се чекаше одредбата за исплата на плати по нови коефициенти да почне да се применува од 1.7.2020. Се чекало 15 години затоа што некому не му одговарало овој сектор да биде уреден. Кога нешто не е утврдено со закон или договор што има сила на закон, тоа е одличен терен за манипулација од страна на лукративните и себичните вработени во културата, блиски на една или на друга партија на власт. Друга причина, според мене, е што ова прашање претходно не било приоритетно за решавање. Никогаш не сфатив како за проектот „Скопје 2014“ се потрошија средства во вредност од 140 Колективни договори во културата, се инвестираше во споменици, згради, фасади, а се заборави да се инвестира во живиот капитал во културата, во живите културни дејци.

Исто така, во 2015 година, тогашното Министерство покажа интерес за потпишување Колективен договор, но во него одредбите за плати, под изговор дека нема средства, беа планирани да важат откако дополнително Министерството за финансии ќе обезбеди финансиски средства, што можеше да значи никогаш. Тогаш СОНК, како единствен репрезентативен синдикат во тоа време, за среќа не го потпиша. И тоа што Колективниот се случи со промената на власта, не е затоа што Министерството беше свесно за значењето на овој проблем, туку поради настојчивоста и упорноста на СКРМ конечно да се реши ова прашање. Нормално, важна е волјата на другата страна, но, сево ова, сѐ уште, ќе беше само идеја, доколку ние ревносно и пожртвувано не стоевме зад нашата мисија.

За повеќе од 3.600 вработени и 330 различни работни места во културата велите дека со Колективниот договор се унапредуваат правата на 97 отсто, но и дека има 3 отсто оштетени. Каква беше реакцијата на оштетените?

– Правата се унапредуваат за сите вработени, по различни основи, освен по основ на плата. Оние 3 отсто на кои им се намалија платите, што не беше планирано со креирањето на договорот, туку произлезе со спроведувањето, е нормално да се разочарани и гневни. Ние веднаш штом добивме информација за намалување на платите на Министерството понудивме правни решенија, но со изговор за изборен процес, беа отфрлени. Бидејќи јулската плата и онака доцнеше повеќе од месец, а решавањето на проблемот со намалените плати ќе ја одолжеше исплатата уште толку, на првиот состанок со Министерката се договоривме, 97 отсто вработени да не бидат заложници на тие 3 отсто и дополнително да се формираат тела што ќе ги решат настанатите пропусти. Веќе има формирано работна група во Министерството, која ќе се занимава со овој проблем и набрзо очекуваме да биде надминат.

Колективниот договор беше потпишан на 30.12.2019, објавен во Службен весник на 16.1.2020, а почна да се применува од 1.7.2020

Двата синдикати (СКРМ и СОНК) договорот го потпишаа со претходниот министер за култура Хусни Исмаили на 30.12.2019 г., а веднаш по нејзиното доаѓање на функцијата имавте средба и со министерката Ирена Стефоска. Каква е комуникацијата на СКРМ со Министерството за култура, воопшто?

– За овие неполни три години, колку што сум на чело на СКРМ, во Министерство се сменија четворица министри. Тоа нормално дека ги отежнува сите процеси. Иако со сите министри сме се поставиле како партнери во решавање на проблемите, сепак и тие, а и службите на министерството нѐ доживувале како непријатели и многу често ја саботирале соработката. Иако доста од нив беа и колаборативни, сепак, некои клучни служби работат во корист на Министерството за култура, а не на уметниците и на културните работници, основната дејност за која постои тоа министерство. Постоеја ситуации во кои се одолговлекуваа процесите, имаше недостаток на комуникација со други министерства, чие мислење во тој момент беше важно за решавање на одреден проблем, се пробиваа рокови за претходно договорени работи. И бидејќи ние, како синдикат, секогаш сакаме да ја завршиме работата докрај, во вакви ситуации сме ги користеле сите механизми, од барање помош од пратеници, до вицепремиери и претседатели на Влада, кои се поставувале во функција на помирувачи на раскарани другарчиња. Среќа за нас што Владата имаше и слух и разбирање за потребите од Колективен договор, па се заложи да се реализира. Она што недостига во Министерството е авторитет, не да камшикува, туку да воспостави висок степен на професионалност, и се надевам дека новата министерка ќе успее во тоа.

Средба на синдикатите од културата со министерката Ирена Стефоска, веднаш по нејзиното назначување на функција

Претходното раководство на СКРМ многу време потроши на регистрацијата на Синдикатот, во вашиот мандат голем дел од енергијата ја вложивте во создавањето, потпишувањето и стапувањето на сила на Колективниот договор. Со каков предизвик прифативте да бидете претседателка на СКРМ?

– Јас сум дете на решенијата. Ако нешто не ми одговара, не чекам друг да поведе иницијатива, туку веднаш реагирам и барам солуција. СКРМ, исто така, е создаден на такви принципи. Уште кога се градеше синдикатот, си ветивме дека нема да бидеме само критичари и да кажуваме како не треба, туку секогаш ќе нудиме решенија. Со таков пристап во функционирањето ми беше лесно да влезам во оваа приказна, која истовремено ми беше и најромантична бајка и најодвратен кошмар.

Колкава е екипата на СКРМ што, покрај редовните професионални обврски на работните места, има сила и мотив да се бори за заедничкото добро на сите вработени во културата?

– Главниот мотор е претседателството создадено од еден претседател и неговите најблиски соработници, двајцата потпретседатели и секретар, кои волонтерски и несебично се жртвуваа во име на заедницата. Ние како претседателство сме најизложени. Но, секако, моторот не може да работи без горивото, а тоа е нашиот совет создаден од околу 50 члена. Советот ги носи одлуките, јас само ги спроведувам. Тоа, исто така, се луѓе што дадоа голем дел од себе во оваа борба, изложени на притисоци, непријатни ситуации, некои девалвирани од своите работодавци заради синдикалните активности. Ние сме една прекрасна организација создадена од луѓе што имаат различна етничка, верска, сексуална припадност, различна политичка идеологија, различна партиска припадност, кои се обединија околу еден заеднички интерес и се издигнаа над сѐ во име на една повисока цел, а тоа е решавањето на проблемите на вработените во културата.

Апсолутно бев опседната со синдикатот, секоја пауза од проба или од снимање ја користев за решавање синдикален проблем (Фотографија: Бојан Кртолица)

Кои се следните предизвици на СКРМ и каков ќе биде Вашиот личен ангажман понатаму?

– Јас веќе ја поднесов мојата оставка до советот. Признавам, ми беше тешко и да ја донесам и да ја потпишам, иако ја планирав и ја најавив уште во декември, кога го потпишавме Колективниот договор. Последниве години се запоставив себеси, воопшто не ми беа важни моите лични потреби, здравје, социјализација. Апсолутно бев опседната со синдикатот, секоја пауза од проба или од снимање ја користев за решавање синдикален проблем, на соработниците сред ноќ им пишував мејлови со предлози и задачи. Така што, по извојувањето на оваа капитална битка за нас, лично мислам дека не можам да му дадам ништо повеќе на СКРМ од она што веќе му го дадов. И затоа решив дека е најчесно да се повлечам, да се посветам на себе и да уживам во убавите работи што ми се случуваат во животот и во сѐ што сум пропуштила да уживам последните неколку години. А, СКРМ ќе продолжи да држи лекција за социјална правда, солидарност и одговорност. СКРМ е како хидра, постојано никнуваат глави што се спремни бескомпромисно да се борат со сите предизвици.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот