Интервју со режисерката Нела Витошевиќ: Глобалната криза кристално јасно го отслика моментот колку сме потонале како цивилизација

Театарската режисерка Нела Витошевиќ одлучи инспирацијата за приказните во својата нова претстава да ја побара во сведоштва и искуства за кои луѓето избегнуваат да зборуваат. Болка, траума, срам, осуденост, злоупотреба, безизлез, параноја, несоница, неприфатеност, лажна насмевка, крварење, изгубен апетит, брзо возење, тресење под јорган, голтање апчиња, повраќање во шолја, зјапање во празно, плачење под наочари, бегство, триење под туш, губење здив, заглавеност во момент од животот се низа ситуации или искуства кои може да бидат претворени во сведоштва и приказни во новата претстава „Работи за кои не зборуваме“ на режисерката Нела Витошевиќ. Повикот за испраќање на сведоштвата е јавен, но приказните ќе бидат анонимни, бидејќи нивната цел е да дадат инспирација за претстава која треба да го соочи општеството со неговата искривена слика. Режисерката Витошевиќ веќе има искуство со креација на претстави со документарен карактер и изграден стил на сценско читање на социјални приказни.

Со „Вондерленд театар“ ги почнавте подготовките на новата претстава „Работи за кои не зборуваме“ упатувајќи јавен повик до секој што има приказна која му тежи, а не собрал храброст да ја каже, да ви ја прати. Со каква цел влегувате во ваков проект?

– Во силно патријархални општества какво што е нашето, сѐ уште доволно не се зборува за основните човекови права и слободи, кои би придонеле за далеку поквалитетен живот на заедницата. Отворањето на овие прашања истовремено би не туркало напред кон искачување на следното цивилизациско скалило, што по логика на нештата би требало да е нашата основна цел. За жал, кај нас процесите се спори, „слободите“ ограничени, а и често подлежат на осуда од голем процент на заедницата. Затоа сметам дека е важно да го фатиме моментот кога Балканот почнува да се буди во однос на некои долго забошотувани теми. Случајот Мика Алексиќ, па подоцна случајот Лечиќ, па „Јавна соба“ кај нас и сѐ што се појави поврзано на оваа тема, кај мене, а верувам и кај многу други, остави длабок печат. Како жена која се занимава со театар почувствував морална обврска да се изразам во однос на овие случувања и да дејствувам преку театарски проект, зашто и самата сум ја доживеала родовата дискриминација и објективизација во професијата. Ова е само еден аспект кој мене лично ме вознемирува и за кој веќе добиваме приказни, но има и разни други сведоштва кои се длабоко потресни и еднакво важни. Паралелно преку текстови објавувани на веб-порталите постојано читаме и за хоророт во кој секојдневно егзистираме. Во моментов со екипата сме во фаза на истражување и сѐ уште не можам да кажам со кои сѐ теми ќе се занимава претставата, но главната цел ни е да отвориме дијалог и преку уметничка призма да им дадеме глас и лице на работите за кои не се зборува. Преку сценско оживување на приказните и нивно споделување со публиката се надеваме на катарзичен исход и подигнување на колективната свест.

Таков експеримент веќе направивте со поставувањето на претставата „Мојот маж“ по текстови на Румена Бужаровска во Драмски театар, но таму со свои лични искази учествуваа самите актери. Колку успехот на таа претстава ви даде идеја да ја проширите платформата за собирање приказни?

– Документаризмот во театар е правец кој особено ме интересирал отсекогаш, но последниве три години се решив темелно да го истражувам и применувам. Исто така, се восхитувам и на епскиот театар и сѐ што тој ни има оставено и како начин на мислење, но и како алатка во занаетска смисла. Сметам и дека постмодерните театарски пристапи, вклучувајќи го и мојот, во голема мера се потпираат на тогашните придобивки, но, се разбира, со извесни модификации и временски контексти. Што значи дека ова сега што го правам е нешто на кое постојано сум размислувала, само во моментов наоѓам определен модус за да го артикулирам. На пример, во „Мојот маж“ пробавме да отидеме до крајност во истражување на личните трауми на актерите и, според реакциите на публиката, концептот го спроведовме мошне успешно. Овде ја користам истата техника, но на поинаков начин. Со екипата зборувавме дека сега во корона-кризата луѓето се особено сензитивни, дека семејното насилство е во пораст, дека голем број брачни заедници се растураат и дека на луѓето, едноставно, им треба канал за споделување на личните маки. Затоа односот и интерактивноста со публиката сакавме да ги воспоставиме уште при самиот истражувачки процес, а не во веќе завршена претстава, и да ги чуеме нивните сегашни и поранешни искуства. Во крајна линија, театарот треба да зборува за работите кои се проблем на средината, а кој знае тоа подобро да ни го раскаже ако не оние што ја сочинуваат таа средина.

Сметам дека како општество треба да бараме начини за кршење на стигмите и табуата и да пробаме да ја разбудиме хуманата димензија кај луѓето / Фотографија: Дарко Цапан

На некој начин, тоа би била социјална или документарна драма, а клучен момент би бил „храброста да се каже“. Сметате дека театарската уметност ја има таа ослободувачка моќ?

– Се согласувам. Ова ќе биде, на некој начин, социјално-документарна претстава која ќе има за цел – да ја мотивира и поттикне единката анонимно да ги сподели личните приказни. Сметам дека како општество треба да бараме начини за кршење на стигмите и табуата и да пробаме да ја разбудиме хуманата димензија кај луѓето. И затоа треба гласно да ги изговориме и востановиме како проблем. Така би се ослободиле од нив, а би поттикнале и ослободување кај другиот. Треба постојано да го брануваме молкот и да создаваме простор за полиберални сфаќања, како би се еманципирале и стигнале до повисоки вредносни модели. Сега во пандемијата можеме уште појасно да увидиме колку поединецот ги има измешано приоритетите и вредностите. Капитализмот го има срушено чувството за заедништво и сочувството за животот на другиот. Толку сме свртени кон сами себе и нарцизмот толку нѐ доминира, што не можеме да видиме колку сме „огрделе“ со текот на времето. Јас знаев дека логиката на пазарната економија во голема мера има разнишано сѐ што е примарно важно за планетава, но не знаев колку е страшна таа слика, сѐ до појавата на пандемијава. Мислам дека оваа глобална криза кристално јасно го отслика моментот колку сме потонале како цивилизација. Лакомото полнење џебови на сметка на животите на другите е најгрозната и најпримитивна работа што ја имам видено. Оние суми што се наплаќаат по приватните болници се чисто воено профитерство. Дури не ми се ни верува дека капитализмот успеал да произведе толкава количина на нехуманост. И тоа е многу тажно да се гледа.

Главната цел на новата претстава е да се отвори дијалог и преку уметничка призма да им се даде глас и лице на работите за кои не се зборува

Драматургијата на текстот ќе се прави откако ќе стигнат доволно материјали, или веќе имате зацртано одреден драматуршки концепт?

– Немаме однапред зададен драматуршки концепт. Инспирација ни се приказните на луѓето и нашето секојдневно опкружување. Паралелно со распишување на повикот, работиме и со граѓански организации кои ни помагаат во собирање на дополнителни сведоштва. Веќе и во оваа фаза имаме собрано доста материјал, така што текст сигурно нема да ни недостасува. Ќе почнеме со работа и на лични приказни на глумците, па можеби и од тие вежби ќе произлезат дополнителни монолози и сцени. До крајот на месецов планираме да завршиме со собирање на материјалот, а веќе во следниот да почнеме да ја создаваме драматуршката рамка.

Во кој формат планирате да ја реализирате претставата, имајќи предвид дека и оваа година пандемијата на коронавирусот нема да дозволи поставување на класична театарска претстава, и кога би можело да се очекува нејзината премиера?

– Претставата „Работи за кои не зборуваме“ планирано е да се реализира во живо на малата сцена во МНТ. Епидемиолошката ситуација во моментов е навистина лоша и сметам дека оваа состојба ќе го забави планираниот тек на процесот, па наместо во јуни, возможно е премиерата да се случи во септември. Се надевам дека во летните месеци вирулентноста на вирусот ќе опадне и ќе се создадат адекватни услови за да ја сработиме претставата. Во крајна линија и да не се создадат, јас лично сметам дека мора да воспоставиме механизам во кој ќе ги почитуваме мерките, ќе се тестираме, ќе се чуваме и ќе научиме да живееме и функционираме со вирусот. Театарот мора да преживее и во време на криза, а ние треба да изнајдеме начин преку кој ќе работиме во овие нови околности.

Претставата „Илузии“ беше дел од потрагата по нови театарски форми во период кога пандемијата ги затвори театрите

Минатата година „Вондерленд театар“ прв го разби „театарскиот молк“ со креацијата на претставата „Илузии“, која имаше премиера и свој живот во дигиталниот простор. Колку со реализацијата на таа претстава сакавте да го изразите својот став дека театарската уметност не смее да замре?

– Неколку пати сум кажала дека театарот мора да ја најде својата форма во било кое време. Неодамна гледав еден нов британски сајт на кој разни театарски творци партиципираат со свои снимки на монолози, на дуо-драми, радиодрами. Сум била во нивна кожа и знам колку е чудно и тешко да се работи во непознатиот дигитален свет. Но, исто како и тие, и јас и екипата кога ја создававме „Илузии“ сметавме дека тоа во моментот е единствениот начин и просто уживавме во процесот. Другата опција беше да седиме и да чекаме, а јас не сум добра во тие работи. Тој момент на пасивност го препознавам во секоја пора на нашето општество и искрено – ме вади од такт! Јас сум од оние луѓе кои работите што можат да ги завршат денес, ни под разно не ги оставаат за утре.

Сепак, кои се алтернативите на театарската уметност ако се појават и други пандемии што ќе ги одделуваат луѓето едни од други, а театрите долгорочно останат затворени?

– Како што продавачот во маркет или работникот на шалтер мора секој ден да оди на работа и да ги извршува обврските, исто мораме и ние да создадеме нов начин на функционирање и да ја тераме нашата работа. Поентата не ми е да правам споредба, туку да ставам акцент на изнаоѓањето на нов систем на делување. Тоа е од практичен аспект. А од идејна страна, би сакала современите теми и текстови кои обработуваат интимни приказни да станат доминантни. Можеби не физички, но суштествено очекувам тие полесно да ѝ се доближат на публиката и со блиски емоции да ја исполнат празнината од еден метар.

Во Македонски народен театар пандемијата го прекина сценскиот живот на претставата „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ / Фотографија: Кире Галевски

Се надевате ли дека некои од вашите претстави поставени на сцените на македонските театри пред пандемијата ќе бидат вратени на сцената по завршувањето на пандемијата на ковид-19?

– Пред некој ден го гледав доделувањето на наградите БАФТА во „Карнеги хол“. Беше многу чудно зашто по прв пат водителите беа на дистанца, огромната сала беше сосема празна, номинираните на „Зум“ држеа говори за добиената статуетка, но најчудно од сѐ беше тоа што после секоја додела на награда и говор – пуштаа снимени громогласни аплаузи. Во тој момент стапнувањето на сцената ми се виде многу далечно, па следниот ден отидов во МНТ да поседам во гледалиште и да ја пипнам сцената. Тоа ми ги растера лошите мисли и почнав да си ги замислувам претставите во корелација со помалкубројна публика.

Според мене, претставите треба да се вратат, без разлика дали се со поголема или помала подела, доколку екипата е вакцинирана или претходно тестирана. Но, за да ги доведеме во полна енергија мислам дека ќе требаат повеќе проби поради долгонастанатата пауза. Сметам дека темите, сѐ уште, ќе бидат релевантни од причина што со пандемијава ништо не отиде на подобро, но, исто така, мислам дека новите претстави во извесна смисла ќе треба да донесат нешто поинакво, и како тема и како атмосфера. Особено како атмосфера.

Во Драмски театар пандемијата го прекина сценскиот живот на претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ / Фотографија: Кире Галевски

Покрај претставата со „Вондерленд театар“, со годишната програма на Министерството за култура поддржана е и претстава во ваша режија во Кумановскиот театар. Какви се плановите со таа претстава?

– Претставата во Кумановски театар планирам да ја работам во летниот период. Во моментов се обидувам да се адаптирам на корона-условите и да најдам текст што ќе го долови денешното секојдневие и нема да оперира со голем наратив. Се надевам дека набргу ќе се склопат коцките и ќе ставам крај на потрагата. Пред неколку години, со ансамблот на Кумановски театар, направивме успешна претстава која се играше пет сезони и од тие причини носам позитивно чувство за идната соработка.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 77, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот