Интервју со ракометарката Наталија Тодоровска: Помеѓу цедениот лимон и македонско-руски знаковен јазик се роди љубовта со Дејан

Фото: Приватна архива

Ракометарката Наталија Тодоровска, кога од Русија дошла во Скопје да игра за Кометал Ѓорче Петров, не ни мислела дека Македонија ќе стане нејзиниот дом. И денес со радост се присетува на времето кога со ракометарките од Кометал ја освоија шампионската титула.

Во разговорот за „Слободен печат“ Наталија раскажува за љубовта со Дејан, како е да се биде мајка на Јулија и Андреј кои се 20 години разлика, какви спомени носи од Русија, деновите кога дојде во Македонија, што прави денес…

Неодамна се појави на Златна бубамара на популарноста, каде што му додели награда на Кире Лазаров. Какво беше чувството по подолго време повторно да си во јавност?

– По толку поминати години од Шампионската титула, посебно задоволство ми причини тоа што Македонија сè уште се сеќава на мене и на успесите што ги постигнавме со Кометал. Му благодарам на Ранко што се сети на мене и ја потсети јавноста на тие убави времиња.

Лани се собравте со екипата на Кометал Ѓорче Петров и славевте 20 години од титулата. Како беше да се биде повторно меѓу својата екипа?

– Искрено си велам, кога поминаа тие 20 години. Сеќавањата на нашата екипа беа како вчера. Се потсетивме и на едно гостување во емисијата кај Жаре Бербер, каде што бевме со Индира Кастратовиќ и Адријана Будимир, ниту една од нас не е од Македонија. На прашањето на Жаре, која ми е најомилена старомакедонска песна, реков „Плава циганка“. Тоа е едно од сеќавањата на кои и ден-денес сите се смееме, бидејќи во тој период сè уште не правев разлика помеѓу македонскиот и српскиот јазик. Имаше уште многу вакви случки на кои со задоволство се сеќаваме.

На „Златна бубамара“ / Фото: Приватна архива

Останавте запишани во македонската историја, нема кој не го памети успехот на Кометал Ѓорче Петров. Раскажи ни повеќе за шампионската сезона 2001/2002?

– Нашиот успех не беше случаен. Тој се должеше на години и години напорни тренинзи, откажувања и жртви од сите нас. Но, ракометот не е спорт каде што се мери само силата и издржливоста. Тоа е спорт каде што дарбата и тимскиот дух треба да се на високо ниво за успех. Тоа исто се должи и на умешноста и доброто око на Управата на клубот да состави тим на прваци, односно Трифун Костовски, Вања Бојков и тренерот Саша Панов. Овде морам да ја спомнам и Дизи Костовска, која ни беше огромна поддршка на сите нас, како мајка што и плачеше и се радуваше со нас во соблекувалните.

Може ли да се сетиш на почетоците во ракометот и на деновите поминати во Русија?

– Во Русија тренерите од клубовите ги посетуваат училиштата и одбираат деца со физички предиспозиции за ракомет. На деветгодишна возраст влегов во светот на ракометот. Бидејќи упорноста и борбеноста се дел од мојот карактер, за кратко време успеав да влезам во првиот тим во клубот и да тренирам со повозрасната екипа. Играв десно крило во ракометниот клуб во Волгоград, со кој станавме 6 пати прваци на Русија. На 15 години ме одбраа во младинската репрезентација на СССР. Тоа беше и време кога се распадна СССР и остана само Русија како самостојна држава. Имав 19 години кога станавме светски прваци во ракомет на Светското првенство во 1993 година, кое се одржуваше во Бугарија. Потоа продолжив да настапувам за националната руска репрезентација со која во 1997 година, на Светското првенство во Германија, го освоивме четвртото место и добив признание за Најдобро светско крило и бев дел од „тимот од соништата“.

Фото: Приватна архива

Како се случи да дојдеш во Македонија и колку години живееш тука?

– Добивав понуди да играм за Кометал, на 5 години, но не сакав да прифатам бидејќи сакав да останам во родната земја, каде што како успешен спортист, имав доста бенефиции и изгледи за успешна иднина. На крај Трифун Костовски се обрати кај мојот тренер, кој беше и мој ментор и имав голема почит кон него, Акопјан Левон Огонесовиц. На негов совет дојдов во Македонија, за која не верував дека ќе ми стане дом. Бев одушевена од гостопримството и топлината на народот и за кратко време стекнав пријателства што траат и ден-денес и кои беа пресудни за мојата одлука. Поминаа 22 години и сè уште на зажалив за оваа одлука.

Во Скопје сепак ја најде љубовта. Како почна љубовна врска со Дејан и како се решивте за брак?

– Дејан беше присутен на секој наш натпревар, но лично не го познавав. Една вечер по прослава од натпревар, додека чекавме такси со Олга Бујанова, се понуди да нѐ однесе до дома. Тогаш првпат почувствувавме некоја хемија меѓу нас. Разговорот течеше, иако ниту тој знаеше руски, ниту јас македонски. Следниот ден настината лежев во кревет, а тој дојде и ми донесе овошје и сокови за побрзо да оздравам. Продолжи да доаѓа секој ден за да ме види и во тие моменти помеѓу цедениот лимон и македонско-руски знаковен јазик, почна да се раѓа нашата љубов. По 4 месеци заминав за Русија да го видам моето семејство. По враќањето продолжија натпреварите во квалификации во Турција. Кога се вративме од Турција, со Дејан излеговме на вечера во ресторан. Она што требаше да изгледа како обична вечера по напорен ден се претвори во… хаха. Дејан клекна на колена со букет рози и прстен в рака и имаше журка до утринските часови во кафулето „Паола“.

Фото: Приватна архива

Мајка си на две деца, ќерка и син. Низ какви сеќавања ти е времето кога се роди Јулија, кога мораше да бидеш и мајка и ракометарка?

– Ќерка ми Јулија ја родив на млади години и многу сум среќна дека на некој начин растевме заедно. Како што таа растеше, така растеше и мојата одлучност и борбеност да обезбедам иднина за нас две. Не беше лесно да ја оставам и да одам на турнири, натпревари и да тренирам двапати на ден, но целата жртва на крај се исплатеше. Таа на деветгодишна возраст дојде да живее во Македонија и како дете брзо се вклопи во новата средина благодарение на Симе и Марија, родителите на мојот сопруг. Многу сум горда во каква личност израсна Јулија денес и покрај сите жртви и борби што ги водевме заедно.

Во 2013 се роди синот Андреј, кој е 20 години помал од Јулија. Беше ли полесно да се снајдеш со второто дете? Колку тие како брат и сестра се блиски?

– Раѓањето на син ми Андреј беше едно поинакво искуство. Јас веќе бев зрела и реализирана личност со успешна кариера зад мене и бев слободна да му го посветам целото внимание и љубов. Денес тој е 11-годишно момче, одличен ученик, фудбалер во клубот Парк Сити и самостојно дете, па сам си прави тост и кајгана. Разликата помеѓу Јулија и Андреј е 20 години, но и покрај големата разлика тие имаат нераскинлива братско-сестринска врска. Јулија е секогаш тука за него, заедно учат, таа го советува и му укажува на грешки. Срцето ми е полно кога ќе ги видам гушнати еден до друг.

Што прави Наталија сега?

– Животот ми е исполнет со многу работи. Работам како тренер во Националната спортска академија по ракомет како и делегат во МОК. Посетувам и обука за Спортски менаџмент под крилото на МОК, бидејќи никогаш не е доцна да се надоградуваш и да учиш. Во короната открив едно хоби што ми прави посебно задоволство, шиењето. По еден ден шопинг во Штип со другарка ми Гордана, додека беа затворени границите, купивме материјали, бевме на пастрмајлии и се вративме пресреќни дома. Традицијата оттогаш продолжува, често си правиме вакви кратки патувања, а потоа шиеме преубави уникатни парчиња. Благодарение на другарка ми, научив да си сошијам сама и костим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот