Фото: Приватна архива

Интервју со Петронија Макавеева, зограф: Секој човек е мал бог во кал

Од нејзиниот поглед зрачи благост, смиреност, израз сличен на оние од иконите. Дали со таков израз човек се раѓа или го стекнува со искуствата во животот? Во случајот на Петронија Макавеева овој израз е контрапунктиран со своевиден авантуризам. Како девојката која седум години поминала во манастир, осликала многу цркви и други објекти низ Македонија и е еден од основачите на зографската работилница во манастирот „Св. Јован Бигорски“ заминала со своите три ќерки да живее и работи во Италија? И како се живее со една уметност типична за православната црква во католичка Италија?

Се занимавате со невообичаена работа – сликате фрески и икони. Каков беше патот до таа професија?

– Знаеш како, во животот сите ние сме патници, а патот е слобода на избор. Пред 25 години како соработник во МТВ, подоцна ангажирана во проекти на Советот за радио дифузија, патував и истражував. Така дојдов до едно мое неверојатно големо откритие; суштински нешта, за мене дотогаш непознати. Ги открив монаштвото, животот во црквата и црковната уметност. И како нештата се поврзани едно со друго, земајќи го со себе искуството и опитот во сликарството преку посетата на летните школи во Пловдив и студиите во Кале, се решив да ги напуштам ангажманите па, со благослов на отец Партениј, ja направивме првата зографска работилница во Бигорскиот манастир. Така почна сè.

Фото: Приватна архива

Поминавте седум години во манастир. Како се одлучивте на таков чекор и што, освен сликарството, како животно искуство понесовте оттаму?

– На почетокот со голема радост одев во посета на манастирот колку што можев почесто. Посетите ми ги отворија вратите на еден нов живот, топлина и сигурност во суштинска смисла. Преку литургискиот начин на живот гледав како се менува видикот и се открива Љубовта како основа на светот, негов воздух и полнота. Таквата топлина, промената на начинот на животот и сознанието за нештата, особено мирот и радоста во душата за мене беа нов почеток. Денес го носам името кое го добив во манастир, за секојдневно да ме потсетува на придобивките, искуството, духовната надградба и напредокот во внатрешното расудување, неопходни за опстанокот на секој човек кој живее во ова врме на номинални слободи.

Искуствата се бројни, а сепак, се сведуваат на едно – љубовта. Опитот на воспитувањето едни со други, допирот до другиот и трудот на задржувањето на тој љубовен однос, скротувањето на умот и постојаното негово враќање на свое место, презирањето на гревот, но не и на грешникот (оти секој човек е мал бог во кал), оставањето на човечките грижи и ослободувањето на битието за влез во разговор со Бога. Сето тоа го научив преку искуство и практика и го земав како скапоцен штит од ропството на туѓите концепти и флоскули во овој свет.

Фото: Приватна архива

На кои сѐ објекти работевте во Македонија?

– Во заедничка изработка како дел од мозаичарска тајфа е фонтаната во градскиот парк во Кочани и повеќе помали дела, со мојата семејна мозаичарско-иконописна работилница се: три подни и два ѕидни мозаици во Бигорскиот манастир, мозаиците во црквата во Неготино, фрескописот и иконите во црквата „Св. Наум“ во с. Чифлик, мозаикот на „Св. Јован Крстител“ во Ветерско и подниот мозаик во богородичната црква во Велес, фрескописот и мозаикот во манастирот „Св. вмч. Георгиј“, Неготино, фрескописот во црквата „Св. вмч. Димитриј“, Валандово, мозаикот на кочанската црква, фрескописот во олтарниот дел, подниот мозаик и иконопис во црквата „Св. Илија“ во Раброво, мозаикот во женскиот манастир „Св. Марија Магдалена“ во Стар Дојран, фрескопис и мозаик со неракотворниот лик во Кавадарци, иконите за иконостасот во црквата „Вознесение Христово“ во Гевгелија, бројни икони во цркви, манастири и домови…

Од 2016 година со Вашите три ќерки живеете во Италија, недалеку од Торино, што е прилично смела одлука. Како се случи да заминете и останете таму?

– Прифаќајќи ја поканата на владиката Пимен за фрескописање на крстилната на нашата црква во Неиве се впуштив во едно ново патешествие, донесувајќи одлука да го продолжам животот и работата во Италија.

Фото: Приватна архива

Фреско-сликарството не е вообичаено за католичката црква. На какви објекти таму работите? Како реагираат Италијанците на Вашата работа?

– Во основното училиште овде, две години по ред ги запознавав децата со техниката и убавината на иконата и мозаикот. Со голема радост се работеа ликовите на Богородица, Христос и распетието.
Освен за нашата црква во Неиве, изработив неколку позначајни византиски икони за локалните цркви и еден мозаик. Учествував во проект на проф. Елена Пуљезе каде преку дијалог и практика зборував за бојата, правилата, каноните, техниката, значењето и историјата на византискиот иконопис и воопшто за сакралната уметност.

Италијанците се љубопитни сакаат да ѕирнат, видат и знаат по нешто ново, така што провесијава и фрескописот во крстилната не ги остава ладнокрвни.

Фото: Приватна архива

Една сте од ретките фреско сликари која користи исклучиво природни, минерални бои. Која е разликата меѓу нив и вообичаените акрилни бои и како се снаоѓате со нивната набавка?

– Бојата е најважниот ликовен елемент во сликарството. Поклоник сум на правилата и учењето за фрескописот на Дионисиј од Фурна. Според тоа, мојот избор се исклучиво пигменти од минерално потекло кои овде можат да се најдат во многу тонови, а сепак, финансиски да се достапни. Акрилната база за мене е вистинска тортура. Полимер кој не ме привлекува.

Освен тоа, работите и во техниката мозаик, која е доста изискувачка. Каде и како ги набавувате и каде ја користите оваа техника?

– Користам природни камчиња, мермери во најразлични бои и стакло. Истите можат да се купат во најразлични форми и димензии по нарачка. Јас ги обработувам сама според потребите.

Имате свое студио во кое се занимавате со сопствен уметнички израз надвор од нарачаните ангажмани. Во каква уметничка форма се изразувате?

– Малиот простор за работа со кој располагам ме поттикна да изработувам дела во мал формат. Актуелен е накитот во мозаична техника, минијатурните мозаици и икони.

Освен тоа, се занимавате и со современ танц. Што Ве привлече кон него? Каде настапувате со Вашата група?

– Ме привлекоа силниот уметнички израз и експресивниот стил на кореографката Емануел Блуа. Јас сум во улога на импровизатор каде преку движења и спонтаност создавам јазик за комуникација. Со артикулации и ритам во движењата, со меѓусебен контакт и флексибилност на сцената настапивме во Падова, Венеција, Торино, Алба и околината.

Дали оваа склоност кон уметничко изразување е последица на семејната атмосфера или на гените?

– Како придружник на мајка ми бев единственото дете кое присуствуваше и љубопитно го следеше секој гест и пишан збор на познатите имиња од поетските средби во поранешна Југославија. Преку упорност на татко ми научив да читам уште многу малечка, мајка ми, пак, ме зарази со Ахматова и Чехов, Тургењев, Лермонтов, Достоевски и Есенин, Горки. Моите во ниту еден момент не престанаа да ја поттикнуваат мојата детска фантазија и креативност. Учествував на ликовни и литературни конкурси и собрав по некоја награда и признание. Во средно напишав панк драма која влезе во потесниот избор за влез на ДАФ итн… Значи да, виновна е семејната атмосфера.

Како Вашите три ќерки се приспособија на животот таму, на јазикот, на училиштето? И дали некоја од нив планира да тргне по Вашиот пат, во Вашата професија?

– Да, децата се растени во авантуристички дух, го научија јазикот многу бргу, адаптирајќи се веднаш. Марина е во средно уметничко, нурната во водите на хипер реализмот, се здоби со една награда, неа ја гледам како иден скулптор. Ирина е во класична гимназија и е со неверојатен дар за пишување. Елисеја е вљубеник во фотографијата, изненадува со концептуалниот израз. Им ја препуштам слободата на избор, оставајќи да видиме што ќе произлезе од сето тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот