ИНТЕРВЈУ со Пеце Талески: Имам чувство дека нè брка сопствената сенка

Извршниот директор на продукцијата „ОХО“, Пеце Талески, отворено зборува за системот што го воспоставиле во продуцирањето на сериите „Преспав“ и „Пет плус“, но и за другите проекти што планираат да ги реализираат во иднина.

Добар тим, квалитетна програма, универзални вредности и упорност до бескрај. Кога станува збор за ситкомот „Преспав“, и хумор, како една од најблагородните човекови особини. Тоа е магијата што продукцијата „ОХО“ ја користи во создавањето на веќе многубројните продукциски проекти. Детали од таа магија ни открива извршниот продуцент Пеце Талески.

Креиравте четири сезони на ТВ-серијата „Преспав“, а детскиот серијал „Пет плус“, односно „Пет+ Фамилија“ ги урива рекордите на гледаност. На социјалните медиуми броите десетици милиони прегледи. Колку оваа позиција ви овозможува полагодно да продолжите понатаму во продуцирањето на сериите?

– Во ситуација кога немаш никој зад тебе, тешко е да се каже дали си лидер или залутан. Имам чувство дека нè брка сопствената сенка. Не знам колку е тоа лагодно. Но, публиката постојано се зголемува, а и квалитетот на самите серии што ги продуцираме, сѐ може да се каже само не дека сме во некоја лагодна позиција, а тоа не е лошо за креативноста.

Покрај соработката во ситкомот „Преспав“, со МРТ ја направивте најдобрата новогодишна програма во изминативе десетина години, воопшто. Дали тоа значи дека во Јавниот радиодифузен сервис го најдовте вистинскиот медиумски партнер, кој има капацитет и искуство за габаритна програма, каква што подготвувате?

– МРТ дефинитивно е вистинскиот медиумски партнер, но и единствениот. Ниту една друга национална ТВ не се труди да влезе во сопствена квалитетна продукција. Што се однесува до новогодишната „Преспав“ – добар предизвик е тоа. Новодишната програма како забавна програма е најтешкиот ТВ-формат за работа, бидејќи мора долго време да се задржи вниманието на публиката, да се направи квалитетно сценарио, одличен избор на музиката и изведувачите, да има хумор и, пред сѐ, добра сценографија и костим. Правење новогодишна програма е работа на престиж и затоа само сериозни телевизии можат да си го дозволат тоа, и плус е скапа работа.

Актерската екипа на тв-серијата „Преспав“ (четврта сезона)

Сериите што ги продуцирате зрачат со духовитост, хумор, сатира, едукација, екологија, култура на живеењето, европски вредности.. како во суштина се создаваат сценаријата за епизодите (и за „Преспав“ и за „Пет+ Фамилија“?

– Сценаријата се најбитниот дел од ТВ-серијата. Имаме одличен сценаристички тим на чело со Кокаланов, но тука се и Алек Попов и Дељана Манева, како и младите надежи, како Артин Селмани и Игор Трајковски, кои дебитираа како сценаристи во четвртата сезона. Токму од тие причини, а во насока на ефективна работа и работа со строги рокови, инсистиравме да создадеме и да воспоставиме систем од неколкуслојно филтрирање на сценаријата до степен на „шутинг драфт“ (shooting draft) и тој систем го користиме и за двата проекта, „Преспав“ и „Пет плус“.

Карактерите на ликовите во сериите се оригинални, репликите се кратки и полнозначни, темите на епизодите се прецизно избрани. Како стигнавте до овој тип сценарија и можно ли е низ бројки да се претстави колку актери и сценаристи досега учествувале во креацијата на сериите?

– Квалитетот на тимот е заслужен за квалитетот на продукцијата. Во текот на четирите сезони на „Преспав“, режирале шест режисери, пишувале 11 сценаристи, актерската екипа е во секој случај двоцифрена во секоја сезона, надвор од специјалните гости и епизодистите, а зад камерите работат барем стотина луѓе.

Што, според Вас, е најголемиот дострел на продукцијата ОХО?

– Сценаристите што се појавија со „Преспав“ и со „Пет Плус“.

Планирате ли следна сезона на „Преспав“?

– Планираме и работиме на тоа. Работиме и на петта и на шеста и така натаму, засега има интерес кај сите, ама никогаш не се знае. Сè уште е рано да се тврдат некои работи со сигурност.

Со вклучување актери од соседните земји, како Јана Маринова од Бугарија или Никола Којо од Србија, правите обид серијата „Преспав“ да излезе надвор од нашите граници. Колку успевате во тоа?

– Мислам дека успеваме. За време на третата сезона, кога Јана Маринова гостуваше во една од главните улоги, тоа генерираше органски интерес кај бугарската публика – се разбира, квалитетот и реномето на актерот си го прават своето – за оваа година да започнеме со емитување на „Преспав“ на бугарската бТВ од прва сезона. Има интерес и од други регионални медиуми, но разни варијанти се во игра.

Пеце Талески, извршен директор на ОХО (Фотографија: Шенол Мехмед)

Во држава во која сите се согласни дека прво треба надвор да те забележат, а потоа да добиеш признание и поддршка однатре, вие успеавте да го докажете спротивното. Како сериите што тука ги направивте да се извезат надвор?

– Потребно е прво да се направи квалитетна содржина, па потоа да се размислува за надвор. Понатаму тоа бара време, бидејќи хуморот е, пред сѐ, секаде локален и тешко се преведува, адаптира или контекстуализира во други култури. Тоа е најголемиот проблем кога се пробива ситком-серија, плус секогаш е тешко кога производ од мала култура треба да се извезе, но и затоа успехот на исклучоците има големо значење.

Портфолиото на продукцијата веќе содржи неколку сликовници и анимирани филмови. Какви се плановите во однос на овој сегмент и дали тука завршуваат плановите за ширењето на бројот на проектите што ги продуцирате?

– Напротив, границите допрва ќе ги поместуваме. Од минатата година имаме 5+ мобилна апликација со забавна и едукативна содржина, ја создадовме платформата ОХОPlay, која допрва ќе расте и покажува резултати, продуциравме дигитални и интерактивни сликовници, игрици, како и две сезони од ТВ-серии. За оваа година и иднината воопшто, плановите само се прошируваат и стануваат сè поамбициозни – има премногу отворен простор за ширење, надоградување и развој на постојните проекти, имаме новоотворени простори и можности со кои допрва ќе играме и ќе ги истражуваме. Имаме документарни проекти што годинава ќе можат да се видат на екраните, но и играни филмови на кои ќе работиме, нови сезони од сериите, нови концепти за ТВ-проекти во развој и така натаму.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот