ИНТЕРВЈУ со отец Бобан Митевски: Лепче со паричка на Василица, а не на Бадник

Бадник е денот пред Божик и трпезата треба да биде и посна и скромна. Никогаш немало инструкции, зашто тоа и нема никаква смисла, што треба да има на трпезата или пак она дека трпезата не треба да се раскрева. Важно е како семејство да бидеме во Црква за време на вечерните богослуженија, а потоа служењето на Бога да го продолжиме како семејство на трпезата, во мир и со добра волја.

Секоја година во периодот на божикните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно чествување.

– Недоумиците се резултат на нечие отсуство од живеењето на верата низ светите тајни на Црквата. Затоа, недоумици има само таму каде што го нема знаењето што произлегува од активното живеење на верата, од запознавањето со верата преку проповедта на свештенослужителите, преку делата на отците, преку учеството во светата литургија и другите богослуженија, преку читањето на Светото писмо… Така ќе немаме недоумици и ќе знаеме како се празнуваат празниците.

Лани оваа време поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан кажа дека се забранува палење на бадников оган, а свештениците сѐ уште се поделени во ставовите дали станува збор за паганска практика. Очекувате ли и годинава пред Божик поглаварот на МПЦ да го повтори апелот до верниците и до свештенството?

– Скопската православна епархија, со благослов на надлежниот архијереј, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, разгледувајќи го прашањето за т.н. „бадникови огнови“, заклучи дека таквата појава, земајќи го својот замав, отстапува од православната традиција. Всушност, може да се каже и дека не е православна традиција, особено не во обликот во кој суштествува. Затоа за својата јурисдикција, Скопската епархија излезе со одлука дека свештениците нема да ги посетуваат местата каде што се палат овие огнови и да одговараат на барањата за прекршување на празничниот леб на тие места. Таа одлука важи од моментот кога е донесена и нема потреба да се повторува. Но апелот на Црквата секако дека ќе се повторува, сѐ додека не се успее да се допре до верниот народ кој сѐ уште не го послушал овој глас на вистината. Сите ние членовите на Црквата треба да пребиваме во послушание на Црквата, да ѝ веруваме на расудувањето, на добриот збор и на добрата намера. А мисијата на Црквата е тоа – да води кон вистинското познание и исповедање на Бога, не правејќи компромис за вистината, и да ги посочува сите појави кои отстрануваат од патот на спасението, кои се спротивни на учењето на верата.

Поворки од деца и овој Бадник ќе ја пеат коледарската песна „Вечниот Бог“, што предизвикува реакции во јавноста.  Како е прифатена „Вечниот Бог“ за разлика од претходната песна „Коледе леде паднало греде“?

– Се радуваме на позитивните реакции, кои се многу, а со должно внимание ги примаме и негативните реакции, обидувајќи се да докажеме дека православната традиција се препознава во песните како „Вечниот Бог“, секако постојат и други. Слушнете го текстот на таа фамозна песна „Коледе леде“, која инаку никогаш не била дел од православната традиција, освен од народната фолклорна, и ќе стане јасно прво тоа дека во содржината на истата не се препознава ништо божикно, никаква терминологија што упатува на божикниот настан. Едно е народниот фолклор, а друго е тоа што низ годините наназад некои се обидуваа да направат фолклор од верата, или подобро речено – да ја прикажат како древна, како црковна традиција симбиозата што ја правеа од паганизмот и христијанството. Никогаш не отсуствувале низ свештената историја на Православието ваквите појави, како што не отсуствувала ни мисијата на Црквата да се врати изворното предание.

Кажете ни за обичаите и за заблудите околу Бадник и Божик

– Најважното е да се присуствува и учествува, од почетокот до крајот, во богослуженијата на Црквата, и на Бадник и на Божик. Ги советуваме верниците да не присуствуваат на т.н. „бадникови огнови“, зашто тие не се православна традиција. Бадниковото гранче, кое воопшто не е дел од древната православна традиција, нема поголемо значење за Бадник и Божик од самиот Христос, така што и доколку немаме, ништо не пропуштаме. Сите оние што постеле и планираат да пристапат на причест, треба да знаат дека се причестуваме со претходна соодветна подготовка – која подразбира присуство на светите богослуженија, молитва, покајание – исповед кај свештеник и благослов за причест од свештеникот каде што кој се исповедаме.

Што задолжително треба да се најде на бадниковата трпеза, затоа што таканаречената бадникова семејна вечер од година во година се надградува со изобилие?!

– Бадник е денот пред Божик и е последниот ден од божикниот пост. Како дел од постот, подразбира дека трпезата треба да биде и посна и скромна. Никогаш немало инструкции, зашто тоа и нема никаква смисла, што треба да има на трпезата или пак она дека трпезата не треба да се раскрева. Важно е како семејство да бидеме во Црква за време на вечерните богослуженија, а потоа служењето на Бога да го продолжиме како семејство на трпезата, во мир и со добра волја.

Лепче со паричка за Бадник или за Василица?

– Сѐ во православната традиција има смисла и има историја. Така е и со оваа традиција и таа смисловно и историски е поврзана со Василица. Значи лепче со паричка на Василица, а  не на Бадник. Имено, традицијата е поврзана со чудото што се случило за времето на свети Василиј Велики, чиј спомен го одбележуваме на Василица. Царот гонител на христијаните, Јулија Отстапник се заканил дека ќе го разурне христијанскиот град Кесарија во Кападокија кога ќе се врати од походот на Персија. Свети Василиј, кој бил епископ на градот, побарал од народот да го  соберат сето злато што го имаат во домовите и да му го дадат на среброљубивиот цар и така да го предомислат во лошата намера. Но царот загинал во походот на Персија. Свети Василиј требало да го врати златото на народот, но не знаел како секој да го добие своето. Па ги повикал своите свештеници и помошници и меселе лебови и во секој леб ставале одредено количество од златото, па лебовите ги поделиле на граѓаните. И секој кога го прекрил лебот, во него го нашол тоа што го дал. Во спомен на ова чудо, ние месиме лепче на Василица, кое се нарекува василопита, и внатре ставаме паричка.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот