Интервју со Наташа Кондрашова-Атанасоска, фан на Тоше Проески: Љубовта кон Тоше ме донесе од суровиот Арктик во Крушево

Фото: Приватна архива

Ова спаѓа меѓу оние приказни за кои велиме „животот пишува романи“. Наташа Кондрашова пред нешто повеќе од три години го замени животот во суровата арктичка руска Република Јакутија со живот во Крушево. Во оваа одлука најголема заслуга има нашиот сакан Тоше Проески, кој на денешен ден ќе навршеше 42 години, а кого го открила сосема случајно во 2011 и од првиот момент се вљубила во неговиот глас и харизма. Како се одвивала оваа чудесна животна приказна и како во Крушево го запознала човекот на својот живот? Каков бил патот од поларните мечки до Мечкин камен?

Љубовта кон Тоше пред нешто повеќе од една деценија Ве донесе во Македонија и наместо само посета, тоа се претвори во живот во Крушево. Кога и како се сретнавте со Тоше и неговата музика?

– Најпрво, сакам да ви се заблагодарам што бевте заинтересирани за мојата приказна и што ме избравте да го направите ова интервју.

Ќе почнам од почеток. На 9 јуни 2011 година, на Фејсбук прочитав коментар на еден од моите фејсбук-пријатели, православен свештеник, под објава со песна на извесен бугарски пејач Азис: „Зошто слушате ваква музика, ако сакате да слушнете нешто навистина вредно и убаво од Балканот, слушајте ги песните на македонскиот пејач Тоше“. Во коментарот не беше ни неговото презиме.
Бидејќи мислењето на овој пријател ми беше меродавно, отидов на Јутјуб да пребарувам. При пребарувањето на „Тоше“, веднаш ми се појави песната „Чија си“… Од првата секунда бев стаписана од овој глас, енергија, харизма. Неколку часа слушав сѐ што можев да најдам на Јутјуб од Тоше. Потоа решив да откријам кој е овој прекрасен млад пејач, отидов на Википедија и… за малку ќе се онесвестев кога дознав за тој проклет 16 октомври 2007 година.
И како резултат на мојот одговор на вашето прашање, овој ден, 9 јуни 2011 година, го сметам за мојот втор роденден, бидејќи Тоше целосно ми го промени животот.

Фото: Приватна архива

Каква беше Вашата реакција кога дознавте дека Тоше веќе не е меѓу нас?

– Па, што да кажам, солзите не можеа да престанат повеќе од една година, и тоа буквално. Целото мое семејство и пријатели рекоа дека нешто не е во ред со мене и дека ми треба психијатар. Ако некој ми кажеше дека ова ќе ми се случи, дефинитивно ќе ја сметав таа личност за малку луда. На крајот на краиштата, целиот мој свесен живот слушав само рок музика, читав интелектуална литература итн. А потоа ми се случи некој македонски поп пејач, и јас плачам по него повеќе од една година…

Дали претходно сте имале прилика да слушате наши пејачи? Македонската и руската поп музика немаат многу сличности.

– Не, никогаш дотогаш не сум слушала ваша музика, бидејќи, како што реков претходно, мојот интерес беше само за руската и светската рок музика. И само благодарение на Тоше, ми се отвори целиот тој свет на убавата балканска музичка култура.

Наташа во Јакутија/Фото: Приватна архива
Наташа во Јакутија/Фото: Приватна архива

Дали можевте да претпоставите дека посетите на Крушево ќе се претворат во живот во него?

– Како да ви кажам… Првиот пат кога летав за Македонија летото 2012 година, а потоа секоја година, само чекав да дојде следниот годишен одмор и повторно да одлетам во моето сакано Крушево. Ако сакате да замислите како е, замислете дека сте во затвор цела година и само чекате ослободување (се смее). Затоа, преселувањето во Македонија отсекогаш било мој сон. Затоа што овде навистина се чувствувам ДОМА.

Како Ви се случи романсата со Вашиот сопруг Драган?

– Со Драган имавме навистина неверојатна приказна. Ништо не ја навестуваше нашата романса, но… Се запознавме во живо на 9 мај 2019 година и од тој прв ден повеќе не се разделуваме. Уште од нашиот прв разговор сфатив дека тој е мојот човек. А една недела пред да се сретнеме тој бил во манастирот Свето Преображение и со солзи во очите ги замолил Господ и Тоше да му помогнат, да му се случи нешто во животот, да сретне некого за да не остане сам. И така се случи сѐ.

Наташа со сопругот Драган/Фото: Приватна архива

Беше ли тешка одлуката да дојдете да живеете во Македонија? Кажете ни нешто повеќе за арктичкиот регион во Русија од кој доаѓате.

– Долги години живеев и работев на Далечниот север, во градовите Тикси (Република Саха, Јакутија) и Воркута (Република Коми). Рускиот север е прекрасен, непредвидлив, опасен… Во зима, 3 месеци е во целосен мрак, тоа е поларна ноќ. А, во лето, 3 месеци, сонцето не заоѓа зад хоризонтот, тоа е поларен ден. Првите пет години, од 1988 до 1993 година, работев како аеролог-метеоролог на островските поларни станици во Лаптевското Море на северот на Јакутија. Поларни мечки, поларни волци, ирваси, арктички лисици. Убави и опасни владетели на дивиот север. Во принцип, има што да се запамети. Патувањето од Воркута до Скопје со сите очекувања, застанувања и преседнувања, ми траеше 4 дена. Но, не беше страшно, бидејќи одев во Македонија!
Одлуката да дојдам да живеам во Македонија за мене беше многу едноставна, но за моето семејство целосно неразбирлива. Само ќерка ми ме разбра и на мојата одлука да се преселам ми рече: „Оди мамо, таму е твоето место и само таму ќе бидеш среќна, бидејќи навистина го заслужуваш тоа“.

Колку го разбиравте македонскиот јазик на почетокот и дали за учењето на јазикот повеќе заслуга има Тоше или Вашиот сопруг?

– Кога почнав да ги слушам песните на Тоше во 2011 година, воопшто не разбирав ништо. За да разберам барем нешто, почнав да ги печатам стиховите на хартија и така, читајќи и слушајќи во исто време, полека почнав да разбирам барем нешто. Потоа купив македонско-руски речник и со него ми стана уште полесно. За една година почнав да разбирам македонски и можев повеќе или помалку и самата да зборувам.

Наташа со поранешниот градоначалник на Крушево и со чичко му на Тоше кај манастирот „Св. Преображение“/Фото: Приватна архива

Колку ви значи фактот што Тоше беше религиозен, па дури изгради и црква во близина на Крушево?

– Ова навистина многу ми значи. Во Македонија има многу подлабок и посериозен однос кон верата и православието отколку во Русија. Вистина е. Се сеќавам на мојата прва ноќ во манастирот Свето Преображение. Ми беше доверено да останам таму сама, ми ги оставија клучевите… Ова е неописливо чувство на единство, блаженство, некаква возвишена енергија што ја апсорбирав таму со секоја клетка од моето тело. И личноста на Тоше би била нецелосна без неговата длабока религиозност. На крајот на краиштата, личноста на секој човек се формира од многу делови. Тоа е како мозаик. И Тоше немаше да биде Тоше што го познаваме и сакаме да не беше овој значаен дел од неговиот живот, чие име е Вера.

Живеете во соседство на семејството на Тоше. Какви се контактите со нив?

– Да, се случи, благодарение на Бога и на Тошe, станавме соседи со неговото семејство. Зборовите се излишни овде. Почисти, посветли, поубави луѓе никогаш не сум сретналa во животот. Многу сум им благодарна што ми дозволија да бидам блиску до нив. Мама Доменика ме нарекува „златна“ и ова за мене е навистина бесценето! Ова го пишувам со солзи во очите… Единствено што можам да кажам е дека никогаш во животот нема да можам да ги изневерам, за мене секогаш нивното мислење, нивните мисли, нивните зборови биле, ќе бидат и ќе останат на прво место. И ова е како темел на темелите на мојот живот, кој нивниот син радикално ми го промени.

Наташа со кучето на Тоше, Бас/Фото: Приватна архива

Вие сте активен фан на Тоше, па како функционирате и комуницирате со неговите многубројни фанови од Македонија и од странство?

– Сите ние што го сакаме и го почитуваме Тоше учиме од него да бидеме искрени, љубезни, трпеливи итн. И затоа, меѓу обожавателите на Тоше од целиот свет со кои комуницирам сите овие години, нема и не може да има лоши, бесчувствителни, рамнодушни луѓе. Најточниот и најсоодветен збор овде е „СЕМЕЈСТВО“. Веруваме дека каде и да сме, во која земја и да живееме, сите сме биле и остануваме жители на земјата, чие име е Тошедонија. Постојано комуницирам со околу 50-60 фанови на Тошка. Најинтересно е што зборувам македонски, ми одговараат на српски, хрватски, бугарски, словенечки, а притоа сите совршено се разбираме, бидејќи заедно нè поврзува бескрајната љубов кон нашиот Тошe.
И до крајот на мојот живот ќе бидам неизмерно благодарнa што ме поврза со толку огромен број прекрасни и вистински пријатели. Мисијата на Тоше продолжува и по крајот на неговиот земен живот, бидејќи неговиот Мост на љубовта продолжува да ги обединува луѓето во светот. И за ова ти се поклонуваме, Тошe, Ангел наш!

Наташа со фановите, граѓани на Тошедонија/Фото: Приватна архива
Наташа со фановите, граѓани на Тошедонија/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот