Интервју со Јелена Јованова: Бракот треба да е круна на љубовта, а не заљубеност во идејата за брак

Фото: Ерина Богоева

Актерката Јелена Јованова, една од најистакнатите кај нас, зад себе има богато портфолио со многубројни театарски и филмски улоги. Сепак, на публиката ѝ легна при срце со улогата на рецепционерката Јелена од Драчево во хит-серијата „Преспав“. Во годината што измина, Јованова го сврте вниманието и со улогата на Каја во филмот „Нешто слатко“, за која доби награда на Мостар филм фестивал.

За сличноста со Јелена од Драчево, до љубовта што ја најде како Каја, за мајчинството и бракот, љубовта кон книгите, за естетските корекции, времето за себе и идните планови, зборуваме во интервјуто за „Слободен печат“.

Седмата сезона на „Преспав“ дефинитивно помина во знакот на Јелена, која и покрај големата желба да се омажи, на крај кажа „не“. Низ сите овие години како актерка што го живее својот лик, кои се твоите впечатоци, заљубеност во идејата за брак или вербата во вистинската љубов?

– Доceгa ниту една сезона, особено епизода немала толку позитивни коментари колку што стигнаа за „Свадбата на Јелена“. Реакцијата дојде и логично по седум години мечтаење за денот пред олтарот со елоквентниот, романтичен шеик кој за изненадување на публиката, а и на самата Јелена – воопшто тоа и не беше. Опседната со идејата за брак, верувајќи повеќе во неа отколку во вистинската љубов, се фати за првата наивна сламка што ја најде – Ниче, кој е дијаметрално спротивен од нејзиниот замислен формат за сопруг. Но, иако ликот на Јелена како и сите други ликови во пансионот е карикатура, сепак, постојано сме го барале и она човечното во секој од нив колку и тоа да било свесно или несвесно закопано. Токму тој момент ја разбуди Јелена да сфати дека бракот треба да е круна на љубов, а не на заљубеност само во идејата за брак. Јелена храбро кажа „не“ на можноста да избега од себеси, пансионот и од државата за искрено и непоколебливо да ја прифати сопствената вистина таква каква што е како апсолут.

Од душа ја отпеа легендарната „Woman in love“. Тешко ли беше да се изведе една ваква песна?

– Благодарам на комплиментот. Не е тајна дека мјузиклот како форма ми е љубов и нешто на што со уживање му пристапувам. Драго ми е дека тој момент е препознаен и прифатен кај публиката.

Фото: Ерина Богоева

Луѓето често ликовите на актерите што ги играат, ги поистоветуваат со реалноста, па имаше ли ти такви ситуации и колку имаш сличности со Јелена?

– Ликовите секогаш се во одредени дози детерминирани и од актерите што ги толкуваат. Едноставно кога работиш на оформување на ликот, поаѓаш од себеси и од твоето разбирање и негово прифаќање. Со Јелена од Драчево освен името и директноста што сѐ повеќе ја прифаќам од неа, речиси и да не делам ништо друго. Таквата разлика, всушност, ме полни најмногу и ми дава најголема актерска слобода.

Филмот „Нешто слатко“ ги наполни киносалите и кај нас и во регионот. Колку си среќна поради овој филм и како помина процесот на создавање, особено што двајца македонски актери играат во словенечки филм?

– Непредвидлив, луд, забавен, понекогаш тешко неизвесен беше процесот на создавање на „Нешто слатко“, филм што зборува за последните шанси на ликовите да се вратат во колосекот на сопствениот живот. На тој ролеркостер непланирано го наоѓаат она најслаткото – љубовта. Прекрасно е што постојат луѓе како Тин Водопивец со искрена, нерасипана желба за создавање филмско дело! Лудо е да се впуштиш во таква авантура на една скапа играчка како што е филмот, но понекогаш, ако не и секогаш, за да се создаде нешто добро, не се битни највисоките доделени средства од фондовите туку работата со срце, искреноста и храброста.

Фото: Ерина Богоева

За ликот на Каја ја доби специјалната награда на Мостар филм фестивал, за која рече: „Ова е филм во кој вложивме и сѐ што имаме и сѐ што немаме.“ Колкав беше влогот за овој филм, особено што се снимаше во текот на пандемијата?

– Kaja ми е еден од омилените ликови и покрај Сашко ја одиграв со леснотија и уживање, што на драго срце гледам дека се препознава. Доказ за тоа е и наградата на Мостар филм фестивалот. Благодарна сум на селекторите што, пред сѐ, селектираа независен филм, уште повеќе што го наградија. Мојот влог е еднаков во секоја арена, било да е таа зависна или независна продукциски. Денес ретко се тргнува од желбата да се направи нешто и од тоа не нужно да се заработи. Денес е сѐ по обратен пат – најпрвин се мери потенцијалната добивка, па отпосле се твори. Затоа и многу творби завршуваат неславно, никој ниту ги видел, а уште побитно – ниту ги препознал.

Како успеваш да ги усогласиш кариерата и мајчинството? Всушност, како успевате со сопругот, затоа што и двајцата сте актери?

– Познавајќи ја природата на нашата работа, што бара таа, работното време што не е стандардно – сигурно ќе донесеше поголем предизвик да не го делев животот со човек што е од истата бранша. Не само од аспект на родителство. Нам сѐ уште ни успева да се следиме еден со друг каде и да нѐ носи работата. Свесно го правиме тој избор. Не ми се допаѓа кога ќе слушнам како мајката го фали таткото дека ѝ помагал со децата. Нема што да помага. Погрешна е перцепцијата. Едноставно детето е и негово и обврските се еднакви. Се трудиме да бидеме рамноправни членови во секој сегмент, секој да го испочитува сопственото слободно време, но да си го дозволиме и заедничкото.

Фото: Ерина Богоева

Убаво изгледаш. Како ја одржуваш линијата?

– Благодарам! Се трудам да бидам здрава, пред сѐ, однатре. Си го земам слободното време што ми е потребно и го трошам како што сакам. Дневни прошетки во парк, joгa и пилатес, судоку, книги, музика, подготовка на сирови торти и колачи се само некои од малите големи нешта што се мои и кои ме полнат.

Те плашат ли годините и сметаш ли дека ако не се естетските корекции, тешко може да се задржи младешкиот изглед?

– Не се радувам преентузијастично на брчките, но не тешко и ги прифаќам. Го имаме моментот на „хејтање“ зошто баш мора да ги имаме, но брзо доаѓаме на зелена гранка, што би се рекло. Сметам дека секој треба да го прави она што го исполнува и доколку се тоа ситни корекции што ќе изродат поголема самодоверба и среќа – зошто да не!

Фото: Ерина Богоева

Имаш ли време да прочиташ некоја книга и што најчесто читаш?

– Имам мали периоди кога ме интересира белетристика, додека во поголема мера уживам во публицистика, биографија, автобиографија, популарна психологија и наука.

За крај… по „Преспав“, што да очекуваме од тебе?

– Си ги мерам силите со монодрама за чие сценско битисување ќе зборуваме се надевам наскоро, кратка играна хрватска серија „Виенска школа“, долгометражниот филм „Трета смена“ на Ана Опачиќ, втора сезона на ирската серија „Триаголник кој го снемува“, Глумците пеат… се надевам се само некои од убавите нешта што ме чекаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот