Интервју со Јана Манева Чупоска, претседател на ДЛУМ: Надлежните институции се глуви на нашите барања

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја реализираше својата годишна изложба со дела на своите членови, а на отворањето беа актуализирани повеќе проблеми со кои се соочува најстарото здружение на ликовни автори кај нас.

Годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставувале голем културен настан во нашата средина. Така беше и оваа година, кога ДЛУМ ја отвораше својата годишна изложба, но на отворањето покрај делата беа истакнати и транспаренти што укажуваат на сите проблеми со кои се соочува здружението.

Тоа беше доволен повод за средба со актуелната претседателка на ДЛУМ, ликовната уметница Јана Манева Чупоска.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја реализираше традиционалната годишна изложба на своите членови. Колку сте задоволни од одзивот на уметниците и од квалитетот на изложените дела?

– Да бидам искрена, не сум целосно задоволна од одзивот на уметниците, бидејќи оваа година учествуваа 54 автори. Во споредба со некои минати години мислам дека имало многу поголем одзив. Мислам дека има повеќе причини за тоа. Една од причините е економската, односно финансиската состојба, бидејќи многу често го забораваме моментот дека авторот вложува материјални средства во форма на боја и платна или материјал за скулптура за да го изработи делото. Токму таквиот влог влијаеше врз бројот на пријавените учесници на изложбата.

Во однос на другиот проблем што е поврзан со бројот на учесниците, станува збор и за нивните очекувања од Друштвото на ликовни уметници на Македонија и професионалните можности што тоа ги нуди во организацијата на една изложба. Знаеме дека не можеме да правиме селекција на изложените дела на Годишната изложба за да се види пресекот на активните членови, насоката во која творат, нивните интереси и очекувања. Тоа е еден реален пресек, целосно со ризик што ДЛУМ јавно го манифестира со сите различни дела и стилови, квалитетни и помалку квалитетни. Квалитетот на делото е ризик и на самиот автор, бидејќи знае дека настапува во јавен галериски простор.

На традиционалната годишна изложба инсистирав кон членовите и кон сите управни тела, едноставно, да излеземе со поагресивни барања

Отворањето на изложбата беше проследено со протестни пораки од самите учесници на изложбата. Барањата што ДЛУМ ги упати до надлежните институции се повеќе, но во суштина, кои се проблемите на ДЛУМ?

– На традиционалната годишна изложба инсистирав кон членовите и кон сите управни тела, едноставно, да излеземе со поагресивни барања јавно бидејќи е добро место за манифестирање за тоа што ДЛУМ го бара веќе подолго време. Морам да признаам дека тоа не е само мое барање, не сум првата што јавно ги манифестирала тие барања, но тоа што е важно е дека навистина, благодарејќи и на медиумите, имаше огромна поддршка. Се надевам дека овие барања ќе стигнат до надлежните институции.

Имаме три главни барања. Првото барање, кое се однесува до Владата, е сериозно да разговараат за поништување на долгот на ДЛУМ кон Градскиот трговски центар. Станува збор за долг кон ГТЦ од 5-6 милиони денари од времето кога ДЛУМ ја имаше галеријата на кејот на Вардар. Тоа се целосно нереални долгови и ДЛУМ не може да ги врати тие финансии. Второто барање исто се развлекува со години, а се однесува до Министерството за култура. Бараме да ни биде доделен некој од просторите што се во владеење на Министерството за култура за кој ќе потпишеме договор за долгорочно користење. Сметам дека тоа ДЛУМ го заслужува, бидејќи не сметам дека ДЛУМ е Здружение, туку е многу повеќе од тоа. Третото барање, исто така, е до Министерството за култура и се однесува на можностите да се дозволи едно вработување во ДЛУМ.

Пред три години годишната изложба на ДЛУМ беше со црна лента низ целата галерија. Дали тоа значи дека истите проблеми се провлекуваат со години и дека е потребно поинакво системско решение?

– Пред три години на годишната изложба беше обвиена целата галерија со црна лента во знак на протест и на револт. Истите проблеми се провлекуваат со години и со децении наназад. Тоа се случува постојано, бидејќи надлежните институции се глуви на нашите барања. Поинакво системско решение не постои, освен на уште поагресивен начин да се настапува, а доколку се случи ДЛУМ да отиде во стечај поради финансиска неодржливост, тогаш тоа ќе остане како белег на институциите кои дозволиле тоа да се случи.

Поседувањето на сопствен галериски простор, исто така, е проблем што повеќе години се провлекува во активностите на ДЛУМ. Има ли идеја како тој проблем да се разреши?

– Поседувањето сопствен галериски простор може да се реши многу едноставно преку потпишување долгорочен договор со Министерството за култура, каде што тие би можеле да ни дадат простор, а кој е во негова надлежност. Проблемот е во тоа што веројатно во Министерството за култура сметаат дека ДЛУМ како Здружение треба самото да си обезбеди простор. Можеби некој мисли и дека ние немаме право да го бараме сето тоа, но мислам дека тоа не е така, бидејќи ние не сме само Здружение, туку сме културна и ликовна историја која трае веќе 75 години и носи ликовна меморија од македонски автори.

Во меѓувреме, сите изложби на ДЛУМ и на членовите на ДЛУМ се одржуваат како „кираџии“ во некоја од националните или јавните установи за култура. Колку средствата што се добиваат од Министерството за култура се доволни во целост да се реализира една групна или индивидуална изложба?

– Поради сите овие проблеми што не се решаваат со години, сите програмски изложби на ДЛУМ мора да се реализираат како „кираџии“ во националните или јавните установи за култура. ДЛУМ редовно ги плаќал сите режиски трошоци за поставувањето на своите изложби. Средствата што се добиваат од Министерството за култура за нашите програмски цели не се доволни, но од друга страна Министерството редовно ги покрива. Значи редовно се финансираат програмските активности на ДЛУМ, што е добро, но тоа е јавен конкурс на кој секој може да се пријави, а ние со тие финансии придонесуваме за културниот живот во Македонија со години наназад. Реалните трошоци се и поголеми од тие што се одобрени од Министерството и затоа мислам дека не треба да се заблагодаруваме, бидејќи чесно работиме проекти кои придонесуваат за македонската културна сцена, но и надвор од Македонија.

Со каков предизвик Вие ја прифативте претседателската функција во ДЛУМ?

– Искрено, ја прифатив функцијата од едно мое чувство на општествена одговорност. Познато е дека сите раководни функции во ДЛУМ се волонтерски и не следуваат никакви финансиски средства за таа работа. За функцијата се пријавив на Вонредно годишно собрание на ДЛУМ, кое беше организирано заради несогласувања на Уметничкиот совет со тогашниот претседател на ДЛУМ.

Каква е актуелната финансиска и кадровска состојба во ДЛУМ и со каква стратегија ќе се обидете да ја надминете сегашната ситуација?

– Актуелната состојба во ДЛУМ е катастрофална. Затоа се обраќаме до надлежните институции. Ќе почнам од тој огромен и надреален долг што ДЛУМ не може да го врати. Ќе го спомнам и долгот кон ЕВН, со кои имавме, исто така, надреална ситуација. Во времето на користење на кафе-галеријата во Турската чаршија некои „паметници“ се вклучиле на броилото на ДЛУМ и со години ја користеле струјата на туѓа сметка. И тоа е долг што мораме да го вратиме кон ЕВН и со нив преговараме со надеж дека ќе ја увидат големата неправда што му е направена на ДЛУМ. Имаме финансиски долг и кон Телеком. Во моментов канцеларијата на ДЛУМ не може да работи како што треба. Нема интернет, нема телефон. Техничките лица на ДЛУМ сега ги користат приватните телефони за комуникација. Практично, цело време се импровизира околу извршувањето на работните обврски. Веќе го гледаме дното и од таа причина мислам дека ова е последен обид ДЛУМ да се спаси од стечај. Целата ситуација може да се надмине само со добра финансиска инјекција од надлежните институции. Без нивната поддршка ДЛУМ нема да може да функционира.

Меѓу првите активности што ги реализиравте како претседателка на ДЛУМ беше работната средба со ДПМ и СОКОМ, здруженија кои исто така зависат од финансиската поддршка на државата. Со каква цел беше одржана средбата и кои беа заклучоците?

– Меѓу првите активности што ги реализирав како претседател на ДЛУМ беше работната средба со двете значајни здруженија, ДПМ и СОКОМ, со кои, на моја иницијатива се сретнавме за да споделиме искуства бидејќи тие се во далеку подобра состојба од нас. Разговаравме и во делот на просторот и во делот на финансиите. И тие си ги кажаа своите проблеми. На таа работна средба беше присутна и министерката за култура, која дојде на средбата, ги сослуша проблемите на трите здруженија. По средбата дефинитивно ми се потврди фактот дека единствено ДЛУМ е во ваква неповолна состојба.

Целта на средбата, меѓу другото, беше во иднина да пробаме да направиме и соработки, односно да иницираме проекти кои може да се работат во една интердисциплинарна насока, кога уметностите ќе се спојат. Апсолутно верувам во тој спој на уметностите, а се многу актуелни денес како современ концепт. Верувам дека може да се направат одлични проекти. Заклучоците од средбата беа во насока на потпишување на официјален меморандум за соработка помеѓу трите здруженија и идејата да се прошири со потпишување меморандуми за соработка и со други здруженија од културата. Истражувањето покажа дека има здруженија на музичари, на џез-музичари, на историчари на уметност и други. Мислам дека многу полесно би можеле да ги исполниме нашите барања кога ќе настапиме како еден културен фронт.

Функцијата на ДЛУМ не ја гледам само како здружение што прави изложби, туку има и други аспекти на работата, кои се впишани во неговиот Статут

Колку активности на ДЛУМ се предвидени до крајот на годината и со каков план ќе аплицирате на Годишниот конкурс за 2023 година на Министерството за култура?

– Ние и годинава ќе конкурираме на двата стандардни годишни конкурси. Веќе аплициравме на конкурсот што го објави Град Скопје. Во овој период сме во процес на подготовка на апликациите за годишниот конкурс на Министерството за култура. Во однос на програмските содржини сакаме да направиме некакви промени. Сакаме да излеземе малку и надвор од Република Македонија, со целата таа криза и ризик што се прави во однос на финансиите. Не се откажуваме од работата и тоа е една од главните обврски на ДЛУМ, да го негува ликовното творештво преку традиционалните изложби што ги правиме, но размислуваме и за различни работилници и семинари, коишто можат да донесат и еден малку поразличен формат во ДЛУМ. Би сакале да организираме и дебати со луѓе од културата што би имале придонес во подигнување на квалитетот на членовите на ДЛУМ.

Тоа што како активност на ДЛУМ го предвидувам е да се актуализира прашањето за промена на Законот за авторство, бидејќи секојдневно има конкретни, таканаречени фирми, коишто велат дека можат да испечатат какво било дело за многу ситни пари. Мислам дека тоа под итно мора да престане, бидејќи тоа е атак врз нашата професија. На тој начин за ситни пари се руши интегритетот на нашата професија. Преку таквите фирми се кршат авторските права на индивидуалците, на уметниците, на фелата. Покрај програмските активности и презентацијата на ликовното творештво, ДЛУМ мора да се заштити од вакви сериозни аномалии кои се случуваат заради личен профит на некои луѓе. Не сакам никого да обвинувам, бидејќи тоа е работа на државата и на Министерството за култура, а особено на Централниот регистер, којшто ако ограничи да се основаат такви фирми ние како уметници ќе можеме да се спасиме од таа неволја.

За да објаснам посликовито, наместо некој да купи слика од уметник – член на ДЛУМ, тој може да отиде во некоја од тие „фирми“ и да побара да му се испечати некоја од сликите на Мартиноски, на пример, да ја стави во рамка и на тој начин да го има Мартиноски дома. Тоа е целосно деградирање на она што значи сериозен пристап кон уметничката професија. Тоа би сакале да го актуализираме како сериозен проблем во општеството. Значи, функцијата на ДЛУМ не ја гледам само како здружение што прави изложби, туку има и други аспекти на работата, кои се впишани во неговиот Статут.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 152, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот