Интервју со Иван Беќковиќ: Блаже Конески секогаш бил длабоко во ДНК-кодот на македонскиот народ

Компакт-дискот „Блаже Конески – Проста и строга македонска песна“ е во рацете на читателите на „Слободен печат“, а зад идејата за реиздание во дигитален формат на грамофонската плоча со ист наслов, објавена од „Југотон“ пред 40 години, стои супервизорот на „Кроација рекордс“ за Македонија, Иван Беќковиќ.

Долгогодишниот новинар и уредник Иван Беќковиќ во јавноста најмногу е познат како рецензент на музички изданија. Практично, целиот свој живот тој го посвети на музиката. Затоа воопшто не е случајно што од пред две и пол години токму тој е супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија. Но, со проектот „Блаже Конески – Проста и строга македонска песна“ откриваме дека во неговото срце чукаат и поетски дамари.

Во денешниот број на „Слободен печат“ читателите можат да го најдат и компакт-дискот „Блаже Конески – Проста и строга македонска песна“. Како се појави идејата за реиздание на материјалот од истоимената грамофонска плоча, објавена пред 40 години од „Југотон“, сега како компакт-диск?

– Идејата се роди одамна, со самиот факт дека 2021-ва година е важен и значаен јубилеј – сто години од раѓањето на нашиот книжевен великан Блаже Конески. Со оглед на тоа што го паметам винилот „Проста и строга македонска песна“, каде композиторот Љубомир Бранѓолица музички ги илустрираше песните на Конески, кои актерката Цветанка Трпкова феноменално ги има интерпретирано, за мене немаше дилема дека токму ова треба да ни биде појдовна точка преку која ќе му се оддолжиме на нашиот голем книжевник. Понатаму, сѐ ни одеше од рака – и тоа дека Македонија годинава слави 30 години независност, и тоа дека од винилот кој го спомнав, поминаа 40 години. Знаејќи дека поранешниот „Југотон“, а сегашната „Кроација рекордс“ целата своја архива одамна ја има дигитализирано, беше неминовно овој феноменален албум за прв пат да се најде на компакт-диск. За сегашнава генерација, но и за идните поколенија.

Самиот винил „Проста и строга македонска песна“ претставува вистински „свет грал“ меѓу ваквите изданија во регионот. Не постои тонски запис со поезија на Конески, и воопшто на целото македонско поетско творештво, кој е поважен од ова издание. Освен тоа, тука остана забележан и гласот на самиот Конески, како кажува неколку свои песни, меѓу кои и „Везилка“, која толку многу е сакана во народот. Фактот дека токму сега, кога е најтешко, ни е потребен Блаже Конески, кој преку своите песни одамна го опиша сето она што го боли македонскиот народ, кој повторно и повторно се бори за своите правдини, милион пати докажувајќи го веќе докажаното, и дека помогнавме сега, макар симболично, преку овој проект Конески да се врати дома, е нешто што предизвикува особена гордост и важност – дека сме придонеле во зачувување на трајни национални културни вредности.

Која беше првичната реакција кога им кажавте за идејата во „Кроација рекордс / Југотон“, кои се познати како дискографска куќа која, главно, објавува музички изданија?

– „Кроација рекордс“ е најголемата дискографска куќа во регионот. Податокот дека следната година „Кроација рекордс“, која настана на темелите на некогашниот „Југотон“, прославува 75 години постоење е доволен показател за тоа колку таа е важна за регионалната сцена. Секако, златните години фирмата ги имаше токму во периодот кога сите бевме во заедничката држава Југославија. И денес, во периодот кога сѐ се гледа низ комерцијална призма, „Кроација рекордс“ одвојува простор за македонските изведувачи. Влатко Стефановски 15-ина години е ексклузивец на „Кроација рекордс“, која неговите компакт-дискови и винили ги дистрибуира во цел регион. И последниот албум на Каролина Гочева, како регионално издание го објави токму „Кроација рекордс“, потоа најголемите хитови на „Љубојна“ и други. Лани за прв пат на компакт-диск беше објавен албумот на Зафир Хаџиманов, „Македонија пее“, од 1986 година, за кој тој сметаше дека е врв во неговата кариера. Неодамна го исполнивме аманетот на Зафир, албумот да го промовираме во Скопје, во рамките на „Денови на Кроација рекордс“ во Македонија.

Самата идеја да се реиздаде поезијата на Блаже Конески, овој пат на компакт-диск, во Загреб ја прифатија со воодушевување, сметајќи дека тој албум му припаѓа на македонскиот народ. Особено Наталија Цајиќ, од белградската канцеларија на „Југотон / Кроација рекордс“, со чиј напор и заслуги лани беше објавен и албумот на Зафир Хаџиманов – „Македонија пее“. Со своето несебично ангажирање, Наталија придонесе „Проста и строга македонска песна“ повторно да се најде кај Македонците.

Самата идеја да се реиздаде поезијата на Блаже Конески, овој пат на компакт-диск, во Загреб ја прифатија со воодушевување, сметајќи дека тој албум му припаѓа на македонскиот народ / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Колку време требаше да се реализира идејата и кои институции и личности се вклучија или соработуваа во целиот проект?

– Кога во проектот е вклучена екипа професионалци, сѐ оди брзо. Веќе кажав дека од дирекцијата на „Кроација рекордс“ во Загреб немаа дилеми дека овој албум треба да се врати во Македонија. Директорот Желимир Бабогредац потенцираше дека тоа е многу важно. Од таму сугерираа дека проектот треба да биде што помасовен, дека треба тоа да биде подарок компакт-диск во дневен печат, па соработката со „Слободен печат“, како најтиражен македонски дневен весник беше сосема природна. Инсистираа на брзо регулирање на авторските права, кои се испочитувани преку ЗАМП. И, секако, замолија на изданието да стои логото на „Кроација рекордс“, која ја поседува снимката. Откако сето тоа беше средено, оваа наша замисла, која е креирана заедно со „Инфомедиа системи“, со помош од нашата Влада, како дел од еден поголем проект „МК 30“ за компании кои се занимаваат со организирање настани, можеше да биде реализирана.

Освен објавување на компакт-диск, роденденски подарок на Македонија, а во чест на Блаже Конески, проектот има и втор дел. Тоа се четири настани на кои младите и мошне успешни македонски уметници – пијанистот Дино Имери и актерката Симона Спировска, на еден модерен начин ја претставуваат „Проста и строга македонска песна“, како некогаш Бранѓолица и Трпкова. Нешто како „Конески за 21-от век“. Перформансот веќе беше изведен во Струга, а до крајот на септември ќе го видат и скопјани на два пати, и прилепчани еднаш. Станува збор за големи настани во чија реализација се вклучени десетина врвни професионалци.

Годинава се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, а државата бележи 30 години независна Македонија. Колку овие јубилеи помогнаа да се реализира Вашата идеја?

– Јубилеите се одлична можност некои работи да бидат реализирани. Ние, родените во втората половина на 20. век, сме привилегирани што, освен што бевме современици со Конески, што живеевме во неговиот век, ја имаме и можноста достоинствено, како што му доликува на великанот, да ја одбележиме стогодишнината од неговото раѓање. Во текот на реализација на проектот, со соработниците, често знаевме да потенцираме дека само оваа година се „сто години Конески“, и дека немаме премногу време за реализација на проектот. После празникот Свети Никола, денот на кој е роден Блаже Конески, практично и завршува годината во која го славиме неговото име, ликот и делото.

Мојата мајка, која беше професор по книжевност, уште од најмали нозе ми ја всади љубовта кон поезијата, а меѓу Лорка и Миљковиќ беа и песните на Блаже Конески / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Познато е значењето на севкупното творештво на Блаже Конески за македонската држава, јазик и култура. Какво е Вашето лично чувство за неговото творештво, со претпоставка дека ако не ви значеше, немаше воопшто ниту да добиете идеја за реиздание со негова поезија?

– Мојата мајка, која беше професор по книжевност, уште од најмали нозе ми ја всади љубовта кон поезијата. Меѓу Лорка и Миљковиќ беа и песните на Блаже Конески, што значи дека таа љубов трае од мали нозе, од кога знам за себе. Мојот чичко, пак, познатиот белградски академик Матија Беќковиќ, беше близок пријател со Блаже Конески, и денес често со многу почит и љубов зборува за великанот. Сепак, чувството дека постои можност еден раритетен винил од 1981 година, сега, во годината на големите јубилеи, да биде повторно актуелен на друг формат, а со тоа да ја добие масовноста, е немерлива во однос на сѐ друго. Мислам дека направивме една голема работа. Конески го вративме дома, поетски кажано, иако тој практично никогаш и не заминал од тука. Секогаш бил длабоко во ДНК-кодот на македонскиот народ.

Колку време сте супервизор/ претставник на „Кроација рекордс“ и што точно се Вашите работни задачи?

– Мојот ангажман на позицијата супервизор – експерт на „Кроација рекордс“ за Македонија трае веќе две и пол години. Јас сум задолжен сѐ што е важно како издание на „Кроација рекордс“ најбрзо што може да дојде во македонската јавност, како информација и како музика. Особено изданијата на легендарните изведувачи од „она време“ на Југославија, домашните изведувачи и изданија, но и на „некои нови клинци“, чие што време допрва доаѓа, а јавноста заслужува да ги дознае, а и тие заслужуваат да станат познати.

Исто така, сум задолжен во Загреб навремено да бидат информирани за сѐ важно што се случува на музичката сцена во Македонија. Да помогнам во медиумското претставување на ексклузивците, да организирам промотивни активности кои се планирани за Македонија… Лани, на пример, пред пандемијава да земе замав, во Скопје го промовиравме актуелниот албум на „Дивље јагоде“ – „Џубокс“, а за таа прилика во Скопје допатува дел од бендот и легендарниот Зеле Липовача, кој место планираниот еден, заради медиумските активности остана три дена во Скопје. Таа промоција и тоа дружење беше последно нешто убаво од оваа сфера која се случи во градот во тоа време. Потоа настана корона-лудило, а некои луѓе кои тогаш нѐ дружеа, за жал, веќе не се меѓу нас.

Неодамна „Кроација рекордс“ ја промовираше својата најнова издавачка продукција во Скопје. Меѓу другите, беше промовиран компакт-дискот „Зафир пее – Македонија пее“. Тука е дискот со поезија од Конески. Какви се можностите од архивата на „Кроација рекордс / Југотон“ да се појават и други вакви изданија?

– Во иднина, секако, ќе гледаме, што е можно побрзо, македонските изведувачи кои некогаш како дискографска куќа ја одбрале „Кроација рекордс“, повторно да ги актуелизираме, вадејќи ги нивните албуми од архивите на „Фабриката за музика во Дубрава“, како што се нарекува „Кроација рекордс“. Годините кои доаѓаат се години на големи јубилеи, а можам да кажам дека и времето е нашиот сојузник во намера да направиме нешто значајно во културната сфера. Нешто заради што во иднина некој би можел и да ни биде благодарен.

Следната година е важна, бидејќи тогаш е стогодишнината од раѓањето на Александар Сариевски. Во 2023-та, пак, ги славиме сто години од раѓањето на Васка Илиева. Во 2018-та беа објавени „Македонски народни песни – 50 оригинални снимки“, на три компакт-диска, извонредна колекција која ја состави македонскиот новинар Зулфи Назифовски, и кој веќе го подготви и вториот дел. Многу би сакал обединети, тие два дела да излезат како целина, во познатата едиција на „Кроација рекордс“ – „100 оригинални снимки“. Секако, го сонувам денот кога култниот албум на „Конкорд“ – „Have The Blues“, објавен за „Југотон“ во 1984-та, повторно би можел да биде реиздаден на винил и, за прв пат, на компакт-диск. Но, тоа се само дел од плановите, желбите и можностите. Ќе ни треба сила, знаење и упорност за да ги оствариме нашите замисли. Но, верувам дека сме способни за такво нешто.

Познато е дека Влатко Стефановски објави неколку свои албуми под етикетата на „Кроација рекордс“. Постои ли можност и други македонски групи да ги објавуваат своите изданија за истата дискографска куќа?

– Не сакајќи да се повторувам, но морам да кажам – „Кроација рекордс“ е најголемата, најсериозната и најважната дискографска куќа во регионот. Посакувам широко отворени врати за сѐ што е добро од Македонија. Таму се чуваат важните музички артефакти – снимки на македонските доајени, од тие кои ја одбележаа народната музика до македонската гордост „Леб и сол“, но и музичарите кои доаѓаа потоа. Кога го спомнавте Влатко, во најава е неговиот двоен винил, кој, ако сѐ биде како што треба, светлината на денот би ја здогледал до крајот на оваа година. Станува збор за неговиот избор на филмски теми. Веќе во најава, тоа ќе биде уште еден бисер во издание на „Кроација рекордс“, ако се знае дека паралелно со својата гитаристичка, рокерска, блузерска и џезерска кариера, композиторска и авторска, Влатко успешно ја градеше и кариерата на филмски композитор. Од култната „Country“ за филмот „Шмекер“, кој ние во Македонија го преведуваме како „Манга“, преку „Џипси сонг“ од филмот „Џипси меџик“ на Столе Попов, до „Деца на сонцето“, напишана за истоимениот филм на Антонио Митриќески. И, што уште не…

Неодамна, на прес-конференцијата во рамките на „Денови на Кроација рекордс“ во Македонија, специјално ги поканивме членовите на македонскиот состав „Фанк шуи“, кои се актуелните финалисти за регионалната награда „Милан Младеновиќ“, потоа Дориан Јовановиќ од „Стринг форсис“, а на филмот за „Новиот бран“ со своето присуство не почести и Мијата. Тоа е само мал показател за отвореноста на „Кроација рекордс“ за сѐ квалитетно што доаѓа од Македонија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот