ИНТЕРВЈУ СО ИНДИРА КАСТРАТОВИЌ: Без вложувања не можеме да имаме нов „Кометал ЃП“ или нов „ЖРК Вардар“!

фото/фејсбук/zrkvardar

Индира Кастратовиќ, која остави голема трага во македонскиот женски ракомет на репрезентативен и клупски план, во интервју за „Слободен печат“  вели дека само со верба и поголема упорност можете да ги реализирате и најголемите спортски цели.

Со неа разговараме за славните моменти со Кометал Ѓорче Петров со кој успеа пред 17 години да ја освои титулата во Лигата на шампионите и за посебното чувство кога се бранеа боите на македонската репрезентација на првото Светско првенство.

Кастратовиќ е координатор во Вардар на женските ракометни категории. Во интервјуто таа открива како да се искористи шансата за што подобра промоција на ЕП 2022, а говори и за тоа која е разликата меѓу денешниот и ракометот кој што се играше во нејзино време.

Бевте дел од шампионската генерација на Кометал Ѓорче Петров и освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во сезоната 2001/2002. Еден огромен успех кој не се заборава така лесно…

– Апсолутно секако е едно убаво сеќавање, затоа што и многу девојки се тука, се среќаваме, заедно со Трифун Костовски (тогашниот спонзор и сопственик на клубот) се собираме, не можат тие моменти да се забораваат, сите тие нешта се за спортот. Секој посакува да го освои трофејот во Лигата на шампионите, нешто што е врв на секој спортист.

Верувате ли дека ни недостастуваат вакви големи резултати, кои ни се потребни, без разлика на кое спортско поле станува збор?

– Секогаш велам, не само ракометот, туку и во било кој спорт, многу ни недостасуваат вакви убави моменти. Мислам дека и кога самите луѓе кога го гледаат и следат спортот се поисполнети, посреќни. Со нашите успеси, луѓето во Македонија се чувствуваат многу горди, на некој начин се добива на мотивација.

Вие сте координатор во Вардар на женските ракометни категории…

– Околу тоа сум опфатена, наутро обврски, попладне тренинг, за викенд натпревари и се трудиме да направиме нешто од македонски ракометарки да имаме еден чекор погоре, да се врати женскиот ракомет на оние патеки што беа.

Верувате ли дека има доволно ракометни центри во нашата земја?

– Мислам дека не се доволно, тоа е моето лично мислење. Порано кога јас играв, кога дојдов во Македонија имаше многу центри, беа поквалитетни. Еве можам да кажам дека од аспект на женскиот ракомет, тие беа  Кичево, Струга, Битола, Прилеп, во Св. Николе со многу посилни натпревари. Не сакам да се мешам, но мислам дека треба и државата да вложува не само во ракометот, туку и во сите спортови, затоа што мислам дека надвор од Скопје луѓето не можат да си дозволат тоа што ние можеме тука во главниот град.

фото: zrkvardar.mk

Своевремено на репрезентативен план го освоивте седмото место на Светското првенство во 1997 година во Германија, што е досега најдобар пласман на една репрезентација во женска сениорска конкуренција. Воедно на тој Мундијал бевте најдобар стрелец со 71 гол, а по тој повод добивте и 71 ружа…

-Тие се исто така убави моменти, ние отидовме на тоа СП во Германија како „аутсајдери“. За првпат еден национален тим да учествува во било кој колективен спорт од Македонија од осамостојувањето, бевме токму ние. Мислам дека тоа е некое посебно чувство кога цела Македонија е сплотена, се чувствувавме горди на тоа. На почетокот, не ни верувавме искрено, секој спортист нормално кога верува, ама кога одиш таму и покрај тие големи велесили, ние сме „нови“ во светот. Кога направивме таков резултат, кога победивме една Данска, светски и олимписки шампион, мислам дека од тој момент почнаа сите во Македонија, што се вели од седма до 77 година да гледаат ракомет. Мислам дека ние бевме тие кои ја покренавме таа „машинерија“ на луѓето да го сакаат тој спорт, да ја сакаат уште повеќе држава. И денес се сеќаваме и луѓето го спомнуваат тоа, тоа е одраз дека се гледаше, дека живееше од тоа, се чувствуваа горди на тоа што ние го направивме. И денес имаме некоја обврска спрема луѓето кога ќе не видат, кога ќе се сетат, тоа е нешто што навистина исполнува секој спортист.

Македонија има по пет учества на ЕП и СП, на нов настап на континенталните собири чекаме седум години, додека ново учество на Мундијал чекаме 12 години.

фото: РФМ

Сегашната женска сениорска репрезентација предводена од селекторот Симе Симовски ги започна квалификациите за ЕП 2020 со два порази од Шведска и Чешка. Но, нашите мисли како веќе да ни се насочени кон Европското првенство 2022 година кое што ќе го организираме заедно со Црна Гора и Словенија. Како гледате на овој настан, како да се искористи таа шанса за што подобро да се претставиме?

– И јас цело време велам дека треба да се фокусираме на тоа Европско првенство 2022 година, секако не да се забораваат, да се исклучат сегашните квалификации што се за ЕП 2020, односно таквите натпревари да се искористат за ракометарките кои ги планираме за 2022. Да се вклопат, да се што покомпактни, да направиме нешто на што можеме да се гордееме, еве нека не биде тоа седмо место, нека биде уште подобар пласман. А мислам дека имаме време, дека можеме, само треба сите во Македонија да се сплотиме како едно. Сите една репрезентација, сите да работиме за таа цел за една многу убава наша промоција.

фото:твитер

Што е потребно за повторно во европскиот крем да имаме женски ракометен клуб на меѓународната сцена евентуално во блиска или далечна иднина, да имаме нов „Кометал ЃП“ или нов „ЖРК Вардар“?

– Без финансиска поддршка, ништо не успева во животот. Не е само тоа во спортот, тоа е за сè. Мислам дека треба повеќе да се вложува, да се вложува во жените, во ваков случај денес не може да се ослони само на домашните ракометарки, тоа е реалноста, тоа е секаде во светот. Така е и за ракометарите и воопшто во било кој спорт. Колективен спорт, ретко кој колективен спорт, еве гледаме фудбалската Бундеслига, една многу добра лига во светот, па знаеме колку странци таму има. Пак треба пари, вложувања, и со самото тоа ќе се добие на квалитет, доаѓање на странците и нашите спортистки, нашите ракометарки, ракометари, сите други спортисти ќе напредуваат со самото тоа што другите ќе ги креваат, така и Кометал ЃП кога сите дојдовме и ние почна да се крева, значи ок јас сакам, треба да ги форсираме, нашите најмногу сакаме, но и нашите треба да бидат во склоп со нешто да се и оние кренат, да се издигнат.

Како гледате на денешниот современ ракомет, во делот на играта, споредено со вашето време?

– Не сакам да се враќам во мое време, туку човекот треба да гледа на сегашноста, да се гледа напред, да не се враќа назад, но убаво е да се извлечат добрите работи од порано. Мислам дека сега спортот е повеќе за физикалии, кој е поцврст, кој посилен. Во нашето време „можеби се играше побавно“, но имаше повеќе надигрување. Тоа би го истакнала како нешто што, денес гледаме сите екипи 60 минути мора да издржат едно страшно темпо, едно трчање, знаеме дека сега има и брз центар, промена на голман, „6 на 6“, помалку „6 на 5“. Кај нас имаше повеќе надигрување, „еден на еден“. Спортот денес е кондициски пофизички, подготвеноста е посилна.

vardarfans.mk

Што би им препорачале на помладите кои сакаат да се занимаваат со спортот, со цел да ги избегнат негативните појави (дрога, алхохол, цигари), но и технологијата, како компјутерите и мобилните телефони?

– Секогаш велам, не само во ракомет, туку и во било кој спорт. Прво треба да веруваат во себе, да бидат поупорни, но и истовремено треба да размислуваат и сфатат дека преку ноќ не се станува ѕвезда. Треба многу пот, солзи доколку сакате да остварувате врвни резултатати. Читав една статија за фудбалер од Србија (Лука Јовиќ) кој игра моментно во Реал Мадрид. Таткото зборуваше за еден свој стар автомобил и вели вака: „Овој автомобил нема да го заборавам, нема никогаш да го продадам, затоа што моето дете кога бевме млади, кога одеше во Белград јас го возев со овој автомобил. Немавме време да се враќаме од Белград назад за дома, спиевме во автомобилот. Се сеќавам еден викенд имаше два натпревари (сабота попладне, недела наутро).  Го оставав автомобилот пред стадионот и тука ја поминувавме ноќта. Не се исплати да се вратите преку Дрина. Носи перница од дома, да се загрее автомобилот, да не му биде ладно“. Значи, треба прво особено родителите да се на прво место, затоа што од друга страна, во спортот имаме многу големи „проблеми“ со родители и нивните деца кои сакаат со 18 години да бидат славни, многу пари да земаат и да бидат големи спортисти. Не може, нереално е, треба да се даде многу, да се откажеш од многу убави работи, што ние спортистите мораме да се откажеме од матури, ни екскурзии, ни родендени, ни забави за да направиме за да стигнеме до целта.

Додевме ние одевме во школо, предметот физичко беше задолжително, сите се качувавме на греди, скокавме колут напред, колут назад. Тоа треба да го има сега во самите школи, на што треба и државата да се фокусира, затоа што верувајте многу деца одат и доаѓаат со рамни табани, со искривени `рбети, значи тоа е од мали нозе, што е најголем проблем. Во наше време, ние израснавме на улици, реално како деца ние игравме и фудбал, кошарка, одбојка, и ластик, а сега никој не излегува надвор, туку сите се пред компјутери и со мобилните телефони. Ова е сега ново време, јас го разбирам, така и треба и ние родителите, да ги натераме децата да излезат надвор, да не бидат нон-стоп дома.

фото:твитер

Што ве инспирира во животот?

– Јас сум човек кој што сака многу дружење, голем оптимист сум, сакам позитивни луѓе околу мене. Луѓето да бидат весели, сакам на цел живот да гледам позитивно. Знам дека е тешко, дека има тешки моменти во животот, и јас ги имав, но сакам да ги надминам со луѓето кои се блиски и кога ќе станеме треба да си кажеме еве денеска е убав ден, ајде да направиме нешто најубаво што можеме за себе и за луѓето околу нас.

Каква музика ве релаксира?

– Сакам песни од поранешни ју простори,  значи сè можам да слушам. Зависи и од ситуацијата, и во какво друштво се наоѓате, јас сакам претежно забавна музика. Како на пример песни од Дино Мерлин, „Бијело Дугме“, Жељко Јоксимовиќ, а дефинитивно ги слушам и песните на нашиот Тоше Проески со кого бевме пријатели. Секоја музика која е убава, сакам да ја слушам. Понекогаш можам, иако сите велат не слушаме турбо фолк, а сите слушаме, и велиме не. Зависи и од моментот, и турбо фолк сакам да слушам, зошто да не. Јас сум од БиХ, таму севдалинката е многу позната и исто така си ја сакам.

Поборник сте за здрав живот во Македонија, спортистите одат на тренинзи, воопшто луѓето од општеството вежбаат во фитнес салите, но воедно се соочуваме со загадениот воздух којшто може лошо да влијае по здравјето на лицата од најмлада до најстара возраст. Како гледате на тоа?

– Ова е прашање за иднината на нашите деца. За нас нормално, под итно треба да смениме нешто, бидејќи навистина е загаден. Ние дома можеме сите да купиме, и јас прва го купив оној прочистувач за воздух, но и често се навраќаме на тоа дека треба да излеземе надвор. Така што, мораме да размислуваме на глобално ниво, не само ние спортистите, туку тоа треба цела држава.

По што ќе ја паметите 2019 година и кои се вашите желби за во 2020 година?

– На приватен план, 2019 година ќе ја паметам по тоа што мојата ќерка славеше матура, наполни 18 години, воедно отиде да студира во САД, а јас со мојот сопруг Зоран прославивме 25 години брак, тие се убави моменти кои ќе ми останат оваа 2019 година. Се собраа сите мои пријатели од цела поранешна Југославија, бевме тука, летово направивме убав собир. За во 2020 година прво на секого му посакувам пред сè здравје, што е најважно, а сè останато ќе направиме сами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот