ВИДЕО | Противкандидатот на Перез им го вети Халанд на навивачите, па доби „студен туш“ – Сити најави и тужба
Кандидатот за претседател на Реал Мадрид, Енрике Рикелме, предизвика вистинска бура во шпанската јавност откако јавно вети дека ќе го донесе Ерлинг Халанд на „Сантијаго Бернабеу“ доколку победи на претстојните избори за прв човек на клубот.
Препорачано
Рикелме во телевизиското шоу „Ел Хормигеро“ откри дека норвешкиот голгетер е неговото големо засилување за новиот проект во Реал Мадрид. Тој пред камерите покажа дрес на „кралскиот клуб“ со презимето Халанд и бројот 9, испраќајќи јасна порака до навивачите.
🆕 Riquelme asegura que HAALAND será jugador del REAL MADRID si gana las elecciones.
💸 Se compromete a pagar la cuota anual de todos los socios si incumple sus promesas.
vía @El_Hormiguero pic.twitter.com/a0KFyCJFDB
— El Chiringuito TV (@elchiringuitotv) June 3, 2026
За дополнително да ја засили веродостојноста на своето ветување, бизнисменот презентираше и нотарски заверен документ со кој се обврзува дека лично ќе ја плати годишната членарина на сите членови на Реал Мадрид доколку не успее да го реализира трансферот.
Сепак, само неколку часа по неговата изјава пристигна експресен демант од таборот на напаѓачот. Таткото на Ерлинг Халанд, Алфи Халанд, и неговата агентка Рафаела Пимента кратко порачаа:
„Сето ова е многу забавно, но не е вистинито. На двајцата кандидати им посакуваме среќа.“
Од тимот на Рикелме потоа појаснија дека нивниот кандидат никогаш не тврдел дека веќе постои потпишан договор, туку дека има план и уверување дека Халанд во иднина ќе го облече дресот на Реал Мадрид.
Во меѓувреме, шпанскиот весник „Ел Мундо“ објави дека Рикелме со години работел на можноста за евентуален трансфер на норвешката ѕвезда. Според истиот извор, минатата недела во Марбеља се одржала средба меѓу кандидатот за претседател и таткото на фудбалерот, на која биле разгледувани потенцијални услови за идна соработка.
Но најсилниот одговор пристигна од Манчестер сити. Англискиот клуб категорично ги отфрли сите шпекулации за заминување на својот напаѓач.
„Приказните кои доаѓаат од Шпанија во врска со иднината на Халанд се неточни. Не постои никаква можност ова да се случи и нема договорна клаузула што би го овозможила тоа. Размислуваме и за правни чекори поради користењето на имиџот на нашиот играч во овој контекст“, соопштија од редовите на Манчестер сити.
Така, големото изборно ветување на Рикелме засега останува без потврда од главните актери, додека и Халанд и неговиот сегашен клуб јасно ставаат до знаење дека трансфер во Реал Мадрид во моментов не е на маса.
View this post on Instagram


