Интервју со филмскиот монтажер Мартин Иванов: Константно барање ред во хаосот
Повеќе играни и документарни филмови својот „финален рез“ го добија на монтажерската маса на Мартин Иванов во последниве неколку години, а најактуелен во овој период е документарниот филм „Патување пеш“ на режисерката Тамара Котевска.
Филмската монтажа е процес во кој најчесто се вклучени само двајца филмски автори – режисерот и монтажерот. Ако во процесот на снимање одреден филм се вклучени стотина лица – режисер, снимател, продуцент, актери, филмски и сценски работници, а динамиката на работата некогаш може да изгледа хаотично, ред во хаосот внесува монтажата, каде што режисерот и монтажерот ја сложуваат приказната според однапред предвиденото сценарио.
Монтажерот Мартин Иванов во последниве неколку години имаше исклучително плоден и креативен период. Неговиот потпис стои во шпицата на повеќе играни филмови што имаат забележителен успех на филмските фестивали. Меѓу нив се филмовите „Сестри“ на Дина Дума, „Хомо“ на Игор Иванов, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, „Налепница“ на Георги М. Унковски, „Сите против сите“ на Андреј Кошак, „Копање“ и „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ и други. Во овој период најактуелен е долгометражниот документарен филм „Патување пеш“ во режија на Тамара Котевска.
Македонската премиера на документарниот филм „Патување пеш“ („The Walk“) на режисерката Тамара Котевска се одржа на 15. „МакеДокс“. Каков предизвик за тебе беше монтажата на филмот?
– Со оглед на тоа што моравме да прегледаме нешто повеќе од двесте часови видеоматеријал и во тие двесте часови да пронаjдеме смисла, драматуршки тек и емотивна динамика, за на крај да ги компресираме во час и дваесет минути – „Патување пеш“ беше повеќе од предизвик. Пред „Патување пеш“ доминантно имам работено играни форми што се далеку поорганизирани за работа. Постои сценарио според кое е снимен филмот, постои одредница каде почнува и каде завршува драмската целина.
Во овој случај, за првпат се најдов „затрупан“ со материјал на кој му требаше систематично прегледување и константно барање ред во хаосот. Со Тамара Котевска денови и ноќи решававме аудиовизуелен ребус со небројни потенцијални решенија. Безброј пати се соочувавме со ќорсокаци и некаде во средина на процесот ментално се рестартиравме и почнавме одново да ги бараме одговорите на трите вечни прашања кои секој треба да си ги постави кога работи нешто креативно: што?, зошто? и како?. И полека замрсеното клопче од кадри почна да се одмотува.
Пораката на филмот има повеќе слоеви. На кој начин се одвиваше нивното раслојување во текот на процесот на монтажа на филмот?
– На почетокот, раскажувањето (монтирањето) се одвиваше заедно со снимањето. За првиот наративен слој, единствени координати за ориентација ни беа почетокот и крајот на патувањето на куклата Амал. До крај и тие координати се видоизменија како што „пешачевме“ во монтажа. Во првиот месец, додека патувавме заедно со куклата Амал и кукларскиот ансамбл, Тамара ги забележа личните приказни на кукларите што ја следат Амал. Неверојатно беше како тие приказни се поклопуваат со бегалската судбина на нашиот главен лик. Кукларите Муајад и Фида, буквално и симболички беа десна и лева рака на Амал. Нивните приказни како спирала кружат околу главната тема и ја поддржуваат нарацијата исто како што ѝ „помагаат“ на Амал низ своето патешествие и така филмот доби уште една дополнителна хумана нота.
Според мене, најважен слој во филмот е нарацијата, зашто преку тоа изразно средство Амал се отелотворува и станува повеќе од кукла. Некои од тие реплики во конечната верзија датираат уште од првите неколку денови на снимање и монтажа во Турција (сега Туркије). Тоа што моравме да го измонтираме како скица, со нарацијата што Тамара ја смисли инспирирана од самите локации, ни го наметна стилот на филмот уште на самиот почеток.
Во креативниот процес од огромна помош ни беа и продуцентите Хари Грејс (Harri Grace) и Орландо ван Ајнсидел (Orlando von Einsiedel) од „Грејн Медиа“ (Grain Media). На сето ова се надоврзуваше и музиката на композиторот Дуке Бојаџиев. Дуке помогна да го доразвиеме емотивниот полнеж на филмот и во моментите кога имавме кризи, музиката ни помогна полесно да ги премостиме сите креативни препреки.
Ако за филмските сниматели обично се вели дека се десната рака на режисерот, тогаш што се вели за монтажерите на филмот?
– За тоа ќе треба да ги прашате режисерите и продуцентите. А јас ќе се послужам со еден цитат на Шон Пен, кога во едно интервју на шега изјави: „Вештите монтажерски раце може да го спасат режисерот од самоубиство“ (The Cutting Edge: The Magic of Movie Editing, 2004).
Процесот на монтажа често трае и по неколку месеци. Каков амбиент и каква комуникација помеѓу режисерот и монтажерот е неопходна за да се добие успешен финален продукт?
– Режисерите и монтажерите мора од почеток да бидат подготвени и ментално нагодени на маратонски начин на делување и размислување. Замислете си како двајца луѓе седат во пустина во која, можеби, има градежен материјал за мозаик. Прво треба да се најде материјалот, па дури потоа да се гради мозаикот. Тоа одзема многу време, а времето поминато со пријателите и блиските најбрзо поминува.
Пријателската комуникација е основа за монтирање на било каков филм. Ако третина од денот ја поминувате на едно место, со еден човек, тогаш единствена опција е таа третина да биде помината во мир и пријатна атмосфера. Секако дека има креативни расправии и негодувања, на крајот на краиштата сите ние сме луѓе со различни проблеми, трауми и различни приватни премрежија. Во таквите моменти трпението е главна монтажерска валута. Квалитетот на обостраната комуникација секогаш се гледа на филмското платно.
По што се разликува процесот на монтажа од процесот на постпродукција на одредено филмско дело?
– Монтажа на филм е составен дел од процесот на постпродукција. Со монтирање се обликува драмско-ритмичка целина на филмот, додека постпродукцијата се состои од повеќе фази, како: монтажа, обработка и дизајн на звук, компонирање музика, визуелни ефекти, корекција на боја, изработка на најавни и одјавни шпици, превод и адаптација и конечно – произведување финални копии за кино, ТВ или стриминг-прикажувања.
Постпродукција е процес во кој режисерот или режисерката не „брка“ зајдисонце за да улови кадар, не стравува од прогнозите за невреме, не добива сончаница од снимање на плус 40 степени, туку напротив, седи на удобен двосед, јаде добра храна, пие убаво кафе и ја има таа привилегија да сведочи како филмот излегува од кожурецот.
Во твоето портфолио веќе има документарни, краткометражни и долгометражни играни филмови, телевизиски серии. Има ли разлика во монтажерскиот пристап кон секој жанр поединечно?
– Секако дека има. Секој филм бара посебен третман, како од технички така и од креативен аспект. Доколку монтираме игран филм, тогаш приказната ни е позната и е веќе на хартија во форма на сценарио, актерите се „замрзнати“ во времето и потоа ни останува само да „жонглираме“ со снимениот материјал.
Документарната форма е послободна и честопати снимањето оди паралелно со монтирањето и сценариото се допишува во монтажата. Но, на крајот на краиштата, крајната цел за било кој род и жанр е да се раскаже приказната на најдобар можен начин.
Покрај Тамара Котевска, досега имаш соработувано со повеќе различни режисер(к)и, како Дина Дума, Игор Иванов, Ѓорче Ставрески, Ивица Димитријевиќ, Андреј Кошак, Трифун Ситниковски. Какви искуства имаш стекнато во комуникацијата со различни човечки карактери при работата на филм?
– Сите режисери и режисерки со кои сум работел влијаеле врз моето монтажерско искуство. Различни табиети – различни пристапи, стилови и жанрови. Тоа е како да сте басист или тапанар во повеќе музички состави што третираат различни стилови на музика, како, на пример, метал, поп, панк, рок, џез, фолк итн… Перспективата постојано се шири со искусување различни ситуации и пристапи кон режирање и монтирање и тоа ми помогнало и сѐ уште ми помага да го видам светот од повеќе гледишта.
Ова проширено гледиште ми развива способност да пристапам кон проблемите со „смирен ум“ и ми ја има зголемено самодовербата и способноста да се адаптирам на нови ситуации и нови табиети. Оваа адаптабилност е клучна во променливата природа на филмската монтажа. Интеракцијата со различни групи луѓе во различни креативни средини ми го има отворено умот и тоа не само што придонесува за мојот личен светоглед, туку, се надевам, и позитивно придонесува за филмовите што ги правиме.
Што беше пресудно да ја одбереш монтажата како професионална определба?
– Интересна ми беше помислата дека ќе можам да си редам сложувалки со подвижни слики, актери, музика, приказна…
Какви совети им даваш на младите филмски автори, имајќи предвид дека работиш и како ментор на филмската школа „Докуникулци“ на „МакеДокс“?
– Онакви совети какви што сум добивал од моите ментори: да не се плашат да се впуштаат во работа. Со што и да се занимаваат во иднина, да не чекаат и да немаат страв за тоа што сакаат да го прават. Ги советувам дека подобро е да направат лош филм отколку воопшто да не го направат. Подобро е да ги критикуваат за филм отколку да немаат дело за критикување. Да бидат отворени за критики, да соработуваат меѓусебно, да прашуваат, да „тропаат на врати“ и љубопитно да работат. Идеите не паѓаат од Марс, на нив се работи. Така се расте и така се учи.
Кои проекти во овој период се наоѓаат на твојата „монтажерска маса“?
– Во моментов работам паралелно на два документарни и на еден игран филм. Насловите не би ги кажал затоа што сигурно би се смениле до крајот на постпродукцијата, па така овој одговор нема да биде релевантен по некоја година.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 246, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 07-09.09.2024)