Интервју со д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија: Клиника „Жан Митрев“ има потенцијал да биде „Мајо“ клиника за Европа

Фото: Промо

– Се трудам секојдневно да сум физички активен и притоа ја користам секоја можност да се движам наместо да бидам пасивен. Независно од годишното време, наместо автомобил секојдневно на работа одам со велосипед или, пак, одредени обврски ги исполнувам со велосипед. Со тоа го избегнувам долготрајното седење во автомобил и го намалувам стресот и нервозата предизвикани од градскиот сообраќаен метеж. Целата трансформација на здравствениот статус треба да почне со отфрлање на штетните навики и менување на секојдневната рутина. Така почнав јас и промените ги применив во секој дел од секојдневието – вели д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија во Клиника „Жан Митрев“.

Фото: Промо

Кои се најчестите заболувања на кардиоваскуларниот систем меѓу Македонците? Дали се тоа типични заболувања за нас Македонците?

– Видот и типот на заболувањата на кардиоваскуларниот систем кај нас се исти како и во останатиот дел од светот, можеби зачестеноста, односно преваленцата е малку поголема. Тоа се должи на вообичаените ризик фактори, кои важат и за остатокот од светската популација. Најчести се: физичката неактивност, пушењето, неквалитетната и неправилна исхрана, зголемена телесна тежина, стресот. Овие случаи и луѓе со вакви симптоми, порано се појавуваа во напредната возраст над 50-тите и 60-тите години, меѓутоа сега со современиот начин на живот и со зголемување на ризик-факторите што влијаат врз секојдневниот живот на човекот, возрасната граница се спушта и сега сѐ почести ни се пациенти што имаат потреба и од оперативен третман, а се во петтата, па дури и во четвртата декада од животот.

Клиниката „Жан Митрев“ е првиот приватен кардиоваскуларен центар во Македонија, што ја прави оваа клиника денес веќе регионален центар за кардиоваскуларни болести?

– Клиника „Жан Митрев“ е регионален, па дури и пошироко во Европа, познат центар во третманот на кардиоваскуларните заболувања, пред сѐ поради пристапот во дијагностиката и третманот во овие заболувања. Овде се применува современа дијагностика и напреден третман на пациентите како резултат на континуираното надградување на докторите, бидејќи клучно е да се остане во чекор со новоприменетите техники и технологии. Сите овие квалификации во Клиника „Жан Митрев“ се ставени во функција на подобра и поефективна здравствена нега на пациентите. За најдобра клиника во регионот нѐ квалификува и добивањето Златен печат од Joint Commission International и тоа по третпат. Со овој сертификат се потврдува дека здравствената институција поседува највисоки стандарди од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, а се добива со детална анализа на капацитетите во операционите сали, експертизата на докторскиот кадар, посветеноста и професионалноста на лекарите и вработените кон пациентите. Според зборовите на комисијата, Клиника „Жан Митрев“ има капацитет и потенцијал да биде „Мајо“ (Mayo) клиника не само на Балканот туку и за Европа, а тоа зборува само по себе за значењето и улогата што ја имаме.

Што е најважно да поседувате за да сте дел од Клиника „Жан Митрев“, дали е доволна само специјалистичката вештина?

– Нашата болница според бројот на операции, резултатите и типот на патологија што ја третираме се рангира на исто ниво со водечките болници во Европа, па дури и во Америка. Во стекнувањето на овој статус, улога играле повеќе фактори, но пред сѐ тимот доктори специјалисти предводени од д-р Митрев, доктори со меѓународно искуство и реноме, со постојано надградувано портфолио со нови достигнувања и публикации. Како тим и како поединци многу често учествуваме во мултидисциплинарни проекти од истражувачка и иновативна природа, на меѓународно ниво, чија цел е поместување на границите на современата медицина. Сето тоа, теоријата и доедукацијата, заедно со континуираната работа, води до тоа да се справиме со најтешките случаи во кардиоваскуларната патологија.

Фото: Промо

Честопати докторите виталноста на кардиоваскуларниот систем делумно ја припишуваат и на физичката активност. Дали и каква физичка активност се препорачува?

– Точно е дека постојат студии дека многукратно се намалува морталитетот и морбидитетот од кардиоваскуларни заболувања кај лица што се физички активни. Но, потребна е секојдневна и континуирана физичка активност, пешачење, возење велосипед, па дури и качување по скали наместо користење лифт. Долготрајната физичка активност позитивно влијае и спречува појавување и развивање компликации за кардиоваскуларни заболувања и ги намалува ризик-факторите. Тоа е повеќекратно докажано и затоа една од препораките за лицата што имаат генетски предиспозиции за кардиоваскуларни заболувања да ги намалат шансите е физичката активност која треба да е секојдневна, а еднаш до двапати во текот на неделата да биде поинтензивна но краткотрајна, 10 до 20 минути до половина час.

Покрај посветената работа, наоѓате време и за рекреација која што премина во полупрофесионален велосипедизам. Колку сериозно е ова и што подразбира?

– Возењето велосипед, од рекреативна рутина кај мене се разви во една поголема пасија, така што сега го практикувам и на едно поинтензивно и посериозно ниво. Ова доведе до тоа да станам член на велосипедскиот клуб „Енерџи“ и во рамките на својата возраст да возам со поголема динамика и на подолги релации. Тоа подразбира барем 4 пати неделно возење на подолги и поинтензивни патеки, до Водно, во сабота дури и подолги тури како до тетовско Милетино, а во недела исто долги но и релаксирачки релации, кога практикуваме дури и да седнеме на кафе. И токму тоа е практикување на полупрофесионален велосипедизам, со релации и патеки но без натпреварувачки карактер. Сфатив дека овие спортови и рекреација во природна средина, на отворено, посебно ме привлекува, па покрај велосипедизмот, во последниве години, исто така, голема страст развив и кон скијањето, а како пандан на оваа сезонска активност се посветив и на друга сезонска активност познато како исправено веслање. На некои од овие авантури, чест придружник ми е моето куче, што го дополнува задоволството и уживањето. Сите овие мои преокупации произлегуваат од потребата да се излезе од урбаниот хаос, да се амортизира стресот и да се побара некаква канализација на негативната енергија што ни ја наметнува секојдневниот современ живот. Но, уживањето и позитивните чувства, промената во психофизичката состојба што ја увидов кај себе, ме тера да одам чекор понатаму или степен повисоко.

Доктор, велосипедист и уште љубител на вина, важите за одличен познавач на вината, како ја развивте оваа страст, дали само како љубител на вина или сте се посветиле поподробно, со специјализирана едукација?

– Освен што сум љубител на вино, посебно на црвено вино и во таа моја пасија самиот сум создал знаење и сум си го дефинирал вкусот, немам некоја посебна едукација. Иако сум присуствувал на многу вински работилници и дегустации за кои мислам дека се посебно искуство за сите љубители на виното и корисни барем во оној дел, кога сакам нешто барем да научам нешто повеќе. Лично преферирам црвени вина, а македонските црвени вина ми се посебна слабост.

Македонски сорти, иако не се автохтони, сепак се типични за кај нас, како Кратошија и Вранец создаваат уникатни вина и тоа е богатство што треба да го цениме. Сепак, во однос на консумирањето вино, едно кон што дисциплинирано и без никакви отстапки се придржувам е одговорно консумирање. Само во сабота, умерено и тоа на ручек за да има време алкохолот да се исфрли од организмот до недела наутро кога ги имам редовните велосипедски тури. Одговорноста кон пиењето е поттикната и од професионален аспект, односно никаков алкохол во работни денови и дежурства и ова е бескомпромисно.

Фото: Промо

Што е најдобриот лек за здраво срце?

– Мислам дека најдобриот лек за здраво срце е во балансот на сето ова што го споменавме, а тоа е доволно и добар сон, намалување на стресот, практикување физичка активност, целосно отфрлање на цигарите, менување на начинот на исхрана. Избегнување конзервирана и зачинета, солена или блага храна, затоа што тоа влијае врз крвниот притисок. За здраво срце потребно е баланс меѓу сите овие работи, да не се претерува ни со едно. Сето тоа кога ќе се комбинира во една умерена и добро скроена животна дневна рутина, има моќ да го продолжи животниот век. Ова е начин да се спротивставите и на генетските предиспозиции за појава на овие заболувања, затоа што се намалуваат ризик-факторите што дополнително влијаат врз генетските предиспозиции.

 

Фото: Промо

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот