Интервју со Благој Ламњов: Благородниот звук на кларинетот го привлече за цел живот

Љубовта кон кларинетот Благој Ламњов ја носи од најмала возраст, бил инспириран од свирењето на неговиот постар брат, а веќе 15-години гради свој многу чесен и неверојатно искрен музички израз.

Кларинетистот Благој Ламњов својот животен пат го почнува во Велес, средно музичко училиште завршил во Штип, почнал музички студии на ФМУ во Скопје, но ги прекинал и заминал во Шведска. Музички факултет завршил на универзитетот „Лунд“ во Малме. Извесно време престојува во Мичиген, САД, но повторно се враќа во Шведска, каде живее и работи во последниве 15-ина години. Вниманието на културната и музичката јавност го привлече со деби-албумот „Носталгична љубов“, но и со неговите успеси на музичко поле во Шведска.

Албумот „Носталгична љубов“ (2019) на Благој Ламњов е објавен во Шведска и носи англиски наслов „Nostalgic Love“ со намера полесно да допре до поширок музички пазар. Содржи десет нумери, од кои четири се директно инспирирани од македонската ризница на изворни песни. Композициите имаат одлични аранжмани, снимени се во „Гула студио“ во Малме, Шведска, комплетниот звук е на Давид Карлсон, а продукцијата на Благој Ламњов. Во снимањето на албумот учествувале шведски студиски музичари, додека со глас се појавуваат и Александар Сашко Кукулев и Благој Ламњов. Албумот содржи звучна панорама од македонски фолклорни мотиви до извонредни џез-композиции.

Многу убаво ја започна 2020 година со солистички концерт со Симфонискиот оркестар на Норшопинг, Шведска. Што тој концерт значеше за тебе?

– Имајќи го предвид фактот дека екстремно мал процент од кларинетистите во светот добиваат можност да свират како солисти со професионални симфониски оркестри, овој мој настап со шведски оркестар го доживеав како голем успех и потврда за уникатност и квалитет. Најмногу од сѐ ми значеше самата покана, особено тоа што оркестарот ме побара цели 10 месеци пред концертот, со цел да ја потврдат сериозноста на мојата улога на тој концерт, како што е случај и кога ги покануваат и многу попознатите солисти од мене.

На трите кратки проби и на самиот концерт научив многу. На концертот се чувствував преубаво, но во секој момент додека траеше мојот настап бев свесен за одговорноста која ја имам. Интересно е тоа чувство: Кога човек излегува на сцена како солист, тој е како гладијатор во борилиште: нема назад, мора да победи сѐ до последната отсвирена нота.

Практично, од кои композиции беше составена програмата на концертот?

– Концертот беше, така речено, колаж од разновидни стилови на музика. Оркестарот на Норшопинг секоја година во јануари прави ваков концерт, кој се нарекува „музика на твојот мајчин јазик“, сѐ со цел да им посака добредојде на доселениците. Оркестарот свиреше репертоар од класична до арапска музика. Јас свирев две дела: „Позајмениот фустан“, напишано од Суада Лакишич Башњак, и мојата инструментална верзија на велешката песна „Сербез Донка“, која беше аранжирана од Карл-Јохан Анкарблум.

Беше навистина убаво да се види задоволството и возбудата на публиката. Им беше дозволено да сликаат и снимаат со телефоните, што е строго забрането за време на вообичаените неделни класични концерти. Особено ми беше драго што имаа можност да слушнат македонска песна интерпретирана од аголот на класичната музика.

Како шведската публика реагира на музика со етно примеси од македонското подрачје?

– Шведската публика што посетува концерти почитува сѐ што е добро и професионално спремено и изведено на сцената. Во сите овие години во Шведска сум научил дека ако свириме македонска музика, тој настап мора да се подготви многу внимателно. Според мене, публиката мора да ја почувствува формата на музичкото дело, слушајќи ги почетоците и краевите на сите парчиња од кои е составено делото. Покрај тоа, аранжманот треба претпазливо да се состави за публиката да може убаво да слушне што е мелодијата, а што е хармонска подлога и придружба. Така што, кога сето тоа е убаво спакувано и квалитетно отсвирено, тие уживаат и би дошле повторно на таков концерт. Најверодостоен доказ дека им се допаѓа е тоа што го купуваат моето ЦД по концертот.

На крајот на минатата година во Македонија, во топла и срдечна атмосфера во кафулето „Метаноја“, го промовираше својот прв албум „Носталгична љубов“. Какви се досегашните реакции од публиката и во Македонија и во Шведска?

– Албумот досега го слушнаа неколку илјади луѓе, а тоа што го знам е дека таа бројка е составена од разновидни слушатели со различен социјален стил на живот, професии, сфаќања, разновиден вкус за музика итн. Еве ќе ви опишам накратко со примери за тоа што сум го добил како информација: блиски луѓе ми кажаа дека нивните деца се навикнале на мојот албум и сами барале да им го пуштаат. Добив порака од кларинетист од градот Каламазу (Мичиген, САД) дека неговото 10-годишно дете ја пуштало „на рипит“ втората лента од албумот и заспивало со неа. Потоа, луѓе кои цел живот слушаат гитари, рок, џез, блуз, сега интересен им е за слушање мојот албум, иако никогаш претходно немале желба за слушање на инструментот кларинет во својот дом или во кола. Освен тоа, еден навистина сладок факт е дека голем дел од кларинетистите во Македонија, особено основци, средношколци и студенти учат од мојот албум и ми кажуваат преку пораки дека сум бил нивен идол и дека сакале да свират како мене.

Во Шведска живееш и работиш веќе 15-ина години. Успеа да го прифатиш нордискиот менталитет, или, пак, можеби со топлиот звук што излегува од твојот кларинет Швеѓаните ги привлекуваш кон медитеранскиот амбиент?

‒ Апсолутно, мојот менталитет е драстично променет од кога се преселив во Шведска до сега, а тоа е затоа што јас самиот одлучив така. Многу научив од овој народ, не само за музиката, туку научив многу и за себе и за општеството во кое живееме. Шведска има многу интелигентна нација, полна со искреност, морал, емпатија, совест, достоинство, трпение, разбирање, одговорност, и сѐ друго што е потребно да го има мнозинството од народот на овој свет за едно попитомо општество. Ова убаво шведско општество, за кое ние на Балканот сме слушале со години наназад, е изградено баш врз овие карактеристики што ги набројав. И кога човек од Балканот ќе ја вкуси таа искреност и тоа питомо однесување на друго човечко суштество, сфаќа дека тоа е тоа што ни недостасувало во нашата родна земја и затоа сме си заминале. И така го прифаќа шведскиот менталитет и учи, затоа што навистина има што да се научи од шведскиот народ.

Секако дека им се допаѓа и енергијата од јужноевропските и балканските земји и се отворени за делумно прифаќање на нашиот менталитет, сѐ додека тој нивни висок морал и детска искреност не почне да паѓа на нивото на Балканскиот.

Тука стигнуваа информации дека Шведска има најлиберален однос кон пандемијата со коронавирусот. Дали навистина беше така?

‒ Да, навистина е така. Сѐ функционира нормално, освен факултетите, театарските претстави и концерти, и такви слични случувања каде што се собира поголема бројка луѓе во една просторија. Исто така, слушнав дека оние на кои работата им е на компјутер, сега работат од дома. Секој е оставен слободно да живее како што сака, но треба да е свесен за целава ситуација и ако е болен да нема контакт со други луѓе. Интересно е што на доктор не им прават тестови на сите болни со симптоми на корона, туку само на тие што се во полоша состојба. Интересна земја е Шведска.

Како лично ја прифати неможноста да го посетиш родниот Велес поради затворените граници во овој период?

‒ Искрено, тоа воопшто не ме погоди, затоа што мислите повеќе ми беа зафатени со грижа кон целиот свет и некако немав време целиот овој период да сфатам дека не можам да си дојдам дома. Тоа не ми создава никаква грижа и нервоза. Некако се програмирав да живеам од ден за ден и мислам дека таа теорија е многу добра. Благодарение на модерната технологија, контактот со најблиските се одржува како и вообичаено. Но, кога ќе заврши ова и ќе си дојдам дома на одмор и ќе ми биде мило да ги видам позитивните промени кај луѓето. Се надевам, ќе владее поголема трпеливост, толеранција, меѓусебна поддршка, љубов, разбирање.

Тешко е да се зборува за концерти, но правиш ли некакви планови за концертна промоција на твојот албум во Македонија? Или, можеби, овој период го користиш за подготовка на втор албум?

‒ И едното и другото. Планови за неколку концерти во Македонија веќе подолго време правам и се надевам дека во наредниве две години ќе успеам да ја реализирам таа мала турнеја. Ми недостасува да свирам дома, ми недостига таа македонска енергија и возбуда што публиката знае да ја створи, било да е во концертна сала, или некој клуб или паб. Таа е една од главните причини кои ми ја зајакнуваат желбата за повеќе настапи во Македонија во иднина.

Вториот албум го подготвувам веќе четири месеци и се надевам да го снимам во 2021 година, рана пролет. Албумот ќе се движи во истиот правец како што беше „Носталгична љубов“, ќе го задржам чистиот звук и нема да употребувам никакви помошни електронски алатки. Сметам дека еден албум во кој главна улога има акустичен инструмент, во случајов кларинет, треба да звучи исто како кога музичарот свири концерт во живо. Електронски ефекти и студиско дотерување и „шминкање“ на тонот, како и помош од електронски звуци од синтисајзер не почитувам. Мислам дека затоа првиот албум е така добро прифатен, поради таа чистина и искреност во свирењето.

Кларинетот го сакаш затоа што…

– Мислам дека сите професионални музичари почнале да свират одреден инструмент поради некој постар музичар кој им го привлекол вниманието и станал нивни идол. Тој мој идол беше мојот постар брат, кој почна да свири кларинет кога јас имав четири години. Така го засакав кларинетот. Кога имав девет години веќе сакав едноставно да бидам како брат ми. „Сакам да свирам како бато!“, реков на приемниот испит во основното музичко училиште во Велес. Потоа следеа други предлози од страна на комисијата, но јас не попуштив сѐ до моментот кога сите се насмевнаа и се согласија да ме запишат на инструментот кларинет. Ете ден-денешен, 27 години подоцна, јас сум овде каде што сум и го живеам овој возбудлив живот полн со почит од страна на општеството кон мене, благодарение на мојот брат Кирил. И секогаш кога некој ќе го изговори зборот „кларинет“, првата асоцијација ми е брат ми.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 34, во печатеното и електронското издание на „Слободен печат“ на 5-7 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот