Интервју со Бети Котовчевска: Не треба да ги криеш чувствата, солзите се чистилиште за нашите души

Фото: Приватна архива

„Во ноември си поставив предизвик секојдневно да се капам во студена вода и го именував ‘За сите мажи во овој свет’. Поразителна е бројката на самоубиства кај мажите, поразително е тоа што мажите се толку потиштени, а не се искажуваат.“

Бети Котовчевска е 28-годишна девојка од Ресен, која ја следи работата на светски познатиот холандски спортист Вим Хоф. Таа вели дека неговата филозофија на учење и капење во студена вода, му го променила животот.

„Ледената Македонка“ го собори својот личен рекорд во март годинава, нурнувајќи во вода чија температура беше минус 34 степени, во Лапонија. „Тогаш животниот пат ме однесе до Занзибар“, патување за кое вели дека било незаборавно искуство.

Во ноември, кога се спроведува една од најважните кампањи насочени кон машката популација и нивното здравје, таа се предизвика себеси секој ден да се капе во студена вода, подвиг што им го посветува на сите мажи во светот.

Фото: Приватна архива

Бети, веќе сте најголемиот македонски амбасадор на методот Вим Хоф, човекот што држи неколку светски рекорди во подвизи на студена издржливост. Какво беше чувството кога неодамна Вим Хоф Ве објави на неговиот профил на Инстаграм?

– Искрено, мојата најголема желба беше Вим Хоф да ја слушне мојата презентација. Сакав да знае дека неговиот метод ми помогна да се родам повторно, буквално. Да навлезам длабоко во себе, кога го поминав дното, по мојата сообраќајна несреќа. Кого моето внатрешно хиперактивно дете го врзало за кревет, тогаш не можам да се носам со тие емоции. Тоа беше преголем залак за 18-годишна девојка, која го градеше својот сон 10 години. Сите мои соништа пропаднаа, лекарите ми рекоа дека ќе останам со некаков инвалидитет. Ме скрши на милион парчиња. Патот не беше лесен, се мотивирав, а во црните денови си реков: „Ако ме стават на оваа планета, тогаш ќе се борам до крај. Морам да ја вратам старата Бети“. На крајот ја избрав најсилната и најмоќната верзија од себе, со помош на методот на Вим Хоф.
Во врска со неговата објава, моите емоции сè уште се измешани. Ја објави единствениот човек на планетата Земја, кој постави 26 светски рекорди за да им докаже и да им покаже на сите дека природата може да ги излекува нашите болести. Ние не сме природа. Штом завршив со капење во ладна вода, видов дека сум означена од официјалниот профил на Вим Хоф. Не можев да верувам што гледам – плачев, се смеев, плачев и ги доживеав сите можни емоции во еден момент. Сонот стана реалност. Имав можност да разговарам со него и да му кажам дека тој е мојот втор татко и со гордост им го пренесувам своето знаење на многу луѓе околу мене. Денес Бети мотивира милиони луѓе низ светот.

Фото: Приватна архива

Во меѓувреме, веќе го постигнавте Вашиот нов личен рекорд – капење на минус 34 степени Целзиусови во Лапонија. Кој е Вашиот следен предизвик?

– Мојот следен предизвик е да го соборам сопствениот рекорд. Единствената личност со која можам да се натпреварувам сум јас. Јас сум единствената жена што се спушти на минус 34 и гордо ја носам титулата „ледена кралица“. Кога можев да направам на минус 34, мислам дека можам многу повеќе. Една од моите најголеми желби е да го посетам Сибир.

Фото: Приватна архива

Во текот на летото поминавте неколку месеци во Занзибар, дестинација што во многу нешта се разликува од другите. Какви се впечатоците и искуствата носите оттаму?

– Додека ја одржував мојата работилница за капење во студена вода во Лапонија, добив понуда да работам во Занзибар. Искрено, не очекував дека годинава ќе се преселам од Лапонија, но така треба.
Занзибар беше уникатно и незаборавно искуство за мене. Во Африка ги отворив срцето и душата. Секојдневно гледам луѓе што немаат ништо материјално и сум пресреќна. Во Африка ја научив најважната лекција во мојот живот – да бидам задоволна и среќна за сè што имам и за сè што немам.

Фото: Приватна архива

Како изгледаше Вашето секојдневие на оваа тропска дестинација? Како беше да се живее со локалните жители таму?

– Занзибар е многу динамичен остров, каде што живеат околу два милиона луѓе. Во записите не е толку многу, но реално можеби е и повеќе (се смее). Секојдневно истражуваш и посетуваш прекрасни локации, чувствувајќи се како во сон, природата им дала сè. Уживав во длабочините на Индискиот Океан, во песочните плажи и незаборавното тропско овошје. Уживав во културата, во сите позитивни страни, а најмногу во секојдневните разиграни луѓе околу мене, го вратив заборавеното дете што сака да танцува. Мештаните ме прифатија како локалец уште од првиот ден. Тие секогаш се желни да ви помогнат и да ви служат колку што е можно повеќе. Таму добив нов прекар – Беатрис.
Прошетав низ Танзанија, па отидов во Кенија, убави луѓе насекаде.

Фото: Приватна архива

Ако мора да изберете – Лапонија или Занзибар?

– Искрено, досега сум била во 33 држави во светот, но мислам дека ќе ѝ се враќам на Лапонија до крајот на животот. Иста љубов чувствувам и за Африка. Лапонија го има моето срце, а Занзибар има дел од мојата душа.

Фото: Приватна архива

Ноември беше месец на машкото здравје, а по тој повод Вие си дадовте предизвик да се капете секојдневно во студена вода. Која е Вашата порака до мажите?

– Во ноември си поставив предизвик секојдневно да се капам во студена вода и го именував „За сите мажи во овој свет“. Поразителна е бројката на самоубиства кај мажите, поразително е тоа што мажите се толку потиштени, а не се искажуваат. На Балканот постои едно погрешно уверување: „Ти си маж, не смееш да покажуваш чувства“.
На мојот инстаграм-профил мотивирав многу мажи да се приклучат на овој предизвик. Искрено, чувството е прекрасно. Покрај мажите, и многу жени ја искажаа својата поддршка.
Мојата порака до сите мажи е: „Сите луѓе на оваа планета се составени од чувства и емоции, најбитно е сите тие чувства да не ги затрупуваме во нашите тела, затоа што психичката состојба го диригира нашето физичко здравје. Зборувајте за вашите чувства без страв, чувствувајте без срам. Солзите се чистилиште на нашата душа – плачи, смеј се, врескај. Сѐ е дозволено, ова е слободен свет, и тоа не те прави помалку маж. Тоа те гради во еден прекрасен маж“.
Нема машки и женски работи кога станува збор за емоција, сите имаме право да чувствуваме и да зборуваме за тоа.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот