Интервју со Александра Јовановска, новинарка и водителка: Сѐ повеќе безначајни содржини на Јутјуб и на Тикток ги засенија вистинските вредности
Новинарката Александра Јовановска речиси 18 години е препознатлив лик од телевизијата. Водител и автор на познатата музичка емисија „Стисни плеј“ и дел од Македонското радио. За музиката, предизвиците, состојбата на естрадата, но и по нешто приватно, разговараме во интервју за „Слободен печат“.
Препорачано
Како за почеток на разговорот, ќе те прашам како си, дали беше на одмор и кога сме кај патувањата, кое е твоето омилено место каде што си била?
– Благодарам многу за ова интервју, одлично сум, се надевам и вие и сите драги читатели на „Слободен печат“. Ова лето сè уште не сум била на класичен летен одмор, тоа го оставив за во август. Но, интересно, досега не помина ниту еден месец од годината без да отидам на едно или повеќе патувања. Последно ме воодушеви Полска, земја што ја нарекуваат Кина во Европа со оглед на економскиот напредок. Германска дисциплина и словенски дух, совршена комбинација.
Прво патување на кое бев во улога на дадилка на мојата внука Евгенија. Навистина уживав.
Речиси 18 години си препознатлив лик од МРТ, а „Стисни плеј“ е твојот заштитен знак… Како сето ова изгледа низ твојата призма?
– Како една убава прва половина од мојата медиумска кариера, исполнета со многу учење, истражување, еуфорија, ентузијазам, напорна и пожртвувана работа. „Стисни плеј“ е токму одраз на сето ова, засекогаш мојот омилен ТВ-проект преку кој се градев и растев. Годинава го достигнав моето новинарско полнолетство во МРТ, верувам дека најдоброто допрва следува, се чувствувам подготвена за уште поголеми предизвици.
Што е поголем предизвик – да се работи на радио или на телевизија, и како почна приказната за „Стисни плеј“?
– Радиото беше мојот влез во МРТ, таму ја добив првата шанса и поддршка да се занимавам со новинарство, но телевизијата секогаш била за мене поголем предизвик и моја прва љубов. На радиото му се враќам на покана на тимот од Македонското радио, Радио 2, кој не се откажува така лесно од мене, па „Стисни плеј“ доби и две радиски сезони во периодот од 2021-2023 година, а никогаш не се знае, можеби ќе се обединиме повторно. Што се однесува до „Стисни плеј“, емисијата почна како потреба на редакцијата да се презентира новата музичка продукција и секако како резултат на мојот интерес за македонската музика и љубовта кон неа.

Како шеф на македонската делегација на Евросонг во 2021 година сама замина во Ротердам, какво искуство носиш од таму? Кој е твојот став што Македонија веќе две години не настапува на Евровизија?
– Да, тие промени настанаа во последен момент, досега не се случило само еден претставник од МРТ да ја предводи целата делегација. Тогаш бев шеф на прес, но за Ротердам требаше да ја заменам Мери Попова како шеф на делегацијата, па бев таму и работник и свој надзор. Во исто време добивав информации и насоки од организацијата за двете позиции, што е исклучително напорно. Тоа беше Евровизија во услови на пандемија. Сепак е драгоцено искуство, во кое за нас како тим беше неопходно да останеме позитивни и да си дадеме поддршка.
Што се однесува до нашето учество на Евровизија, сметам дека не треба да им се одзема можноста на нашите изведувачи да се докажуваат, да се трудат повеќе и да имаат предизвик пред себе да стигнат до едно големо меѓународно претставување. Од друга страна, гледајќи како се развива шоуто, какви вредности промовира и колку ресурси бара, сè помалку верувам дека припаѓаме таму. Ние немаме ниту еден пристоен фестивал, ниту едно ТВ-шоу, ниту национален избор каде што пејачите може да го стекнат потребното искуство за таа сцена. Додека изведувачите од другите земји настапуваат од деца со леснотија на такви сцени, нашите изведувачи мора допрва да стекнуваат искуство со пеење, каде ќе ги следат камерите, да танцуваат и заминуваат со огромен притисок, а се враќаат со трауми.
Ајде малку, приватно, 20 години си во љубов со Ангел, како почна вашата приказна?
– Почна сосема спонтано, а така се одвива и до ден-денес. Нè запознаа заеднички пријатели… Ангел е секако мојата најголема поддршка, човек што ме расположува, смирува, советува и ме инспирира да бидам подобра личност секој ден. Тој е решение за сите мои расположенија и состојби.
Колку време поминуваш пред огледалото и како ја одржуваш линијата?
– Го сакам огледалото и често се загледувам во него и се анализирам, ха-ха. Важно е кога ќе се погледнете, да се сакате и да се прифатите. Јас никогаш не се откажувам од себе и постојано сум во некоја мисија на себеподобрување. Прошетките во природа ми се секојдневие, а од скоро и посериозни кардио-тренинзи. Физичката активност пред сè, балансирана исхрана и грижа за менталното здравје.

Што има задолжително во твојата козметичка торба и на што најмногу трошиш пари?
– Квалитетна пудра, виткач на трепки и малку бронзер. Во деновите кога не снимам или немам емисија во живо, избегнувам шминка и фризура, односно ги одмарам лицето и косата. Корејската козметика и мене ми е избор како и на многу дами во последните години, но најмногу пари трошам на храна и патувања, а не на скапа облека, накит и козметика.
Имаш ли време за читање книги и која ти е омилена?
– Имам време и сакам да читам, тоа беше мое секојдневие порано, бидејќи студирав општа и компаративна книжевност. Сега читам поретко, со оглед на тоа колку многу занимации имаме со социјалните медиуми, стриминг платформи и слично, но романот на 20-тиот век останува мојата омилена белетристика.
За крај, кој е твојот став за домашната естрада, што ни недостасува, а со што може да се пофалиме?
– Ни недостасува организирана музичка индустрија, не верувам дека ни недостасува квалитет и креативност, но никако да блесне естрадата и македонската музика да го добие заслуженото место. Ентузијазмот не е одржлива категорија на долги патеки, затоа со текот на времето музичарите се демотивираат и полека се откажуваат, а и публиката ја одвикнавме да слуша македонска музика, бидејќи е ретко застапена во македонските медиуми. Нема соодветни концертни простори, мора да слушаме поп-рок свирки во филхармониски простор без никаков дополнителен декор, не постои музичка критика, фестивалите колку што ги има служат повеќе за сеир на ТВ публиката, отколку како вечер за музичко уживање, нема ниту едно сериозно талент шоу. Кај нас има малку продуценти и креатори на музика, букинг агенции, менаџери, луѓе што сакаат да вложуваат во музиката. Од друга страна, има сè поголем број луѓе што креираат безначајни содржини на Јутјуб, Тикток и слични платформи и го одвлекуваат вниманието на публиката од вистинските вредности кои произлегуваат од културата, уметноста, насочувајќи ја кон сеир, ниски страсти, агресија… Поважно е кој направил некоја глупост отколку кој објавил книга или направил изложба.


