Интервју | Слаѓана Јовановиќ, мејкап артистка: „Малата линија е голема уметност“
Во разговорот за „Слободен печат“, Јовановиќ зборува за успехот, како и за тоа кои се придобивките од трајната шминка, која е популарна во светот, а и кај нас.
Слаѓана Јовановиќ од Скопје го освои третото место на Балканскиот натпревар за перманентна шминка (World’s Balkan PMU 2025), кој неодамна се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, во категоријата сенчан ајлајнер (soft liner).
Препорачано
Со тоа, таа е првата Македонка што освоила награда воопшто во оваа категорија, на натпревар на кој учествуваа познати имиња од светот на трајната шминка од Балканот.
Во разговорот за „Слободен печат“, Јовановиќ зборува за успехот, како и за тоа кои се придобивките од трајната шминка, која е популарна во светот, а и кај нас.

l Слаѓана, честитки за големиот успех! Какво беше чувството да бидеш меѓу најдобрите три на целиот Балкан во категоријата сенчан ајлајнер (soft liner)?
– Ова чувство не се опишува лесно, тоа е мешавина од огромна благодарност, возбуда и гордост! Да се биде признаена меѓу најдобрите значи дека целиот труд, посветеност и љубов кон оваа уметност имаат смисла. Чувството кога твојата креативност и вештина светат на балканско ниво, тоа е вистинска потврда дека со страст и напор сè е можно!
l Кажи ни малку повеќе за натпреварот Светскиот Балкански натпревар за перманентна шминка (World’s Balkan PMU). Каква беше конкуренцијата и атмосферата таму?
– Натпреварот беше вистинска фестивалска атмосфера на енергија, талент и нови техники! Конкуренцијата е огромна, таму се среќаваат уметници од сите страни на Балканот, секој со свој уникатен стил. Тоа навистина инспирира да го дадеш најдоброто од себе и да покажеш дека и нашата земја има што да понуди во светската сцена за перманентна, трајна шминка.

l Кога и како започна твојата љубов кон естетиката и уметноста на трајната шминка?
– Мојата љубов кон естетиката и уметноста започна уште од рана возраст, секогаш ме фасцинираше како една линија или боја може да го трансформира целото лице и израз. Со трајната шминка најдов начин да ја изразам сопствената креативност, но и да ги направам жените посигурни и посреќни со нивниот изглед. Тоа беше љубов на прв поглед, и секој ден ја чувствувам истата страст кога седнувам да работам.
l Што, според тебе, ја издвојува твојата изработка на сенчан ајлајнер од другите?
– Мојот пристап е секогаш индивидуален и инспириран од природната убавина на секоја клиентка. Техниката што ја применувам е деликатна, безболна и создава природен, мек ефект, кој ги истакнува очите без прекумерна драматичност. Кај мене, секоја линија е мала уметност полна емоција и прецизност, затоа мојот сенчан ајлајнер изгледа уникатно и современо, а сепак бесконечно женствено.
l Колку време и труд бара подготовка за едно вакво престижно натпреварување?
– Подготовката бара недели интензивна работа, постојано вежбање, учење нови техники, следење светски трендови и детално планирање на секој сегмент од изработката. За мене, секој натпревар е нов предизвик и доказ дека страста, дисциплината и посветеноста се клучот за успехот. Секој ден вложувам дел од срцето во оваа професија и токму тоа ме донесе дотука.

l Зошто мислиш дека трајната шминка стана толку популарна меѓу жените во последните години?
– Современата жена живее брзо и динамично, сака да изгледа негувано без да губи време секој ден пред огледало. Трајната шминка овозможува природен изглед, самодоверба и слобода. Воедно, новите техники се толку фини и дискретни што го разбија старото табу, денес таа е уметност блиску до природната убавина, а не драматично тетовирање.
l Кои се актуелните трендови во перманентната шминка?
– Моментално најактуелни се техниките што ја нагласуваат природната убавина, сенчан ајлајнер (soft liner) за мек, романтичен поглед, пудрасти веѓи (powder brows) за нежни веѓи и lip blush за свежи, природни усни. Тренд е персонализираниот пристап – секоја изработка е уникатна, креирана според формата на лицето и желбите на клиентката. Најважно е резултатот да изгледа современо и ненаметливо!

l Колку е важен личниот пристап и природниот изглед при секоја изработка?
– Тоа е најважното! Секоја клиентка е приказна за себе и уметникот мора да го препознае тоа. Персоналниот пристап и акцентот на природноста носат хармонија меѓу желбите и најдобриот резултат. Моја цел е секоја жена да се препознае себеси, само малку поспремна, малку посигурна и многу посреќна.
l Што би им препорачала на жените што размислуваат за трајна шминка, но сè уште се двоумат?
– Мој совет е, информирајте се, изберете искусен артист и дајте си шанса да го почувствувате тоа олеснување и радост што ја дава овој третман. Трајната шминка не е само естетика, туку инвестиција во секојдневната самодоверба и удобност. Ако се двоумите, вратата е отворена, а вашата трансформација е само еден чекор поблиску.


