ИНТЕРВЈУ | Пивоваров: Царината, полицијата и шпедицијата е „светото тројство“ на корупцијата на граничната линија

Во Брисел предложив да се донесе директива за користење полиграф на граничната линија за да утврдиме дали се тие таму чесни. Знам дека тоа е тешка мерка, но избираме дали ќе ја спасиме државата или ќе ја закопаме. Тоа е единствено решение во овој момент, вели Пивоваров за „Слободен печат“

Заканата по државата од корумпиран полицаец или цариник на гранична линија е многу поголема од заканата во една разузнавачка служба. Двајца такви корумпирани службеници можат на граница да ви пропуштат еден баталјон терористи, тони и тони наркотички супстанци или пари во кеш. Сите видови на криминал може да се одвиваат преку таа гранична линија, оценува Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување во разговор за „Слободен печат“.
Националниот координативен центар за гранично управување, кој што го води токму Пивоваров, е одговорен за размена на информации меѓу институциите во реално време и за случувањата на граничната линија во реално време да ги извести надлежните институции за спроведување на натамошна истрага за она што е забележано. Околу 95 отсто од размената на информации е меѓу полицијата и царината, како најзастапени на граничната линија, но вклучени се 7 министерства и пет дирекции. Размената на информации, според Пивоваров, функционира одлично, но проблем е крајниот резултат, одговорите од институциите или доцнат или се небулозни.

Има конкретни примери за ова што го говорите?

-Кога се работи за случаи на корупција и кога надлежната институција ќе ви се обрати дури после 6-7 месеци свесни сте дека нешто не е во ред. Ништо од начелото на експедитивност. Како минува времето, корист има само оној кој што го извршил кривичното дело. И во тој временски период на необезбедување докази, непостапување и неможност да се води истрага, останува само констатацијата дека нешто е забележано како кривично дело и нема докази дека тоа е завршено, освен во одредени случаи. На пример, лани имаше успешна акција на полицијата во врска со корупција на полицајци на граничниот премин Табановце, но до денеска никој не доби одговор што е со тие кривични пријави, до каде е постапката. Не можеме да живееме со агендата на обвинителството „истрагата е во тек“. Сите истраги треба да бидат реализирани. Во спротивно завршуваат како застарени предмети, со смешни пресуди, како во случаи на корупција во кои полицијата одлично ја заврши работати, обвинителството исто така, а на суд се носи пресуда за 2 години условно за четири за процесуирани финансиски средства. Условни казни за коруптивни дела на граничната линија, а лицата се враќаат во истата институција бидејќи не лежеле во затвор повеќе од 6 месеци. Таквиот закон мора да се менува.

Овој случај што го споменувате е во царина или во полиција?

-Во царина. Полицијата ја спроведува истрагата по наредба на обвинителот, а на судење и првостепениот и Апелацискиот суд ја потврдуваат условната казна две години за четири. Во случајот се работи за мито од 45 евра со заштитен сведок и со ПИ-мерки.

Полиграф за утврдување на чесноста

Според вашите сознанија колкава е корумпираноста кај полицајците?

-Тоа е претпоставен факт, перцепција на граѓани. Царината спроведе истражување во 2019 кое покажа фрапантни податоци во однос на перцепцијата на граѓаните кон оваа институција на граничната линија и нивните внатрешни испостави. Од друга страна, факт е дека во МВР досега не е направено такво истражување и би било добро тоа да го направи, меѓутоа овој проблем е генерално европски проблем. Со оглед дека безбедноста на границите не е во најдобра состојба, при мојата посета на Брисел предложив да се донесе директива за користење полиграф пред сѐ е на гранична линија со што ќе утврдиме дали се тие чесни или не се. Знам дека тоа е тешка мерка, но имаме избор дали ќе ја спасиме државата или ќе ја закопаме. Тоа сметам дека е единствено решение во овој момент, а претседавачот на Националниот совет министерот Спасовски ја поддржа идејата да се отвори општествена дебата за заеднички да се реши овој,  во моментов број 1 проблем во секое општество, па и во нашето.

Има ли позитивен одѕив на тој предлог?

-Кај луѓе од фелата да, има. Но оваа иницијатива на нож е дочекана кај оние што се на гранична линија. Јас реков дека како национален координатор прв ќе седнам на полиграф пред камери, но и сите да седнат. Не гледам причина некој овој предлог да го одбива. Така ќе го решиме проблемот што го имаме, наводно царина и полиција велат дека народот лаже дека се корумпирани, а со ова ќе докажеме дали народот лаже или не.

Дали е корумпирана нашата полиција на граничните премини, според ова што го зборувате?

-За да донесеме таква констатација треба да имаме сериозни докази, а оние докази со кои располага државата покажуваат дека состојбата не ни е најдобра. Меѓутоа, колку што сум упатен МВР презема мерки за решавање на проблемите, но апсењето не ги дава очекуваните резултати. На пример, три дена после она што се случи лани на Табановце имаше снимка од грчка ТВ каде полицајка бара мито и таа е суспендирана, се води кривична постапка, а овде веќе седум месеци нема епилог за нашите полицајци. Но она што го добиваме од Макамтранс на пример за нашите, но и за границите во странство, секаде се зборува само за корупција при преминување на гранична линија претежно за товарен сообраќај. Истото го кажуваат и автобуските превозници.

Бакшиш на граница од 10 евра па нагоре

Што кажуваат, колку пари се бара за да се помине?

-Генерално нашите за да добијат побрз премин, ако некој документ не му е во ред, даваат од 10 евра па нагоре, во зависност од тежината на проблемот за да се мине државната граница и притоа се користи измислен проблем и змислени законски акти кои го доведуваат во заблуда на пример возачот на камионот за да мора да плати и побрзо да мине. Превозниците велат подобро ќе платам 10-15 евра мито побрзо ќе ја минам границата и наместо 5-6 часа на граница ќе поминам 300-400 километри пат. Тоа е проблем на целото општество, не само на институциите и треба да се охрабрат сите оние на кои им се бара мито тоа да го пријавуваат, а институциите да преземат мерки и случајот да заврши со судска осудителна пресуда. Сепак, морам да кажам дека на граница во делот на криминалот има „свето тројство – царина, полиција и шпедиција“. Се разбира има чесни, но оние нечесните го користат ова тројство, па така за корупцијата се изнаоѓаат различни начини. Се кријат пари, се префрлаат на сметка, на картичка, се користат посредници, се оставаат пари во кафеани, кај пријатели, познаници, а многу малку се дава кеш на самата граница. Затоа, пак, има плаќање годишен одмор и платено школување на деца за израмнување на сметките.

На граница стои голема налепница „Пријавете корупција на 197“, а корупцијата се случува таму…

-Апсолутно. Луѓето ја изгубиле довербата во институциите поради ваквите случаи за кои зборуваме. Замислете вие сте превозник и 5-6 пати пријавувате корупција, а нема епилог. Но, проблемот почнува од оние кои даваат свесно и намерно мито, и тоа е кривично дело. Различни студии покажуваат дека пријавувањето од цариници и полицајци на гранична линија на кои им се нудело мито е минимално и може годишно да се изброи на прсти, што е еден индикатор дека нешто се случува. Претседателот на Стопанска комора, Азески пред извесно време говореше за сива економија во вредност од една милијарда евра. Не знам дали оваа бројка е точна, но факт е дека сивата економија почнува од граничната линија, со лажни декларации, неточна тежина и слично и тука имаме сериозен проблем со наплаќање на давачките.

Кога зборувате за неплатени давачки, имате ли податок колку возила од странство, на пример од Бугарија, се внесени без платени давачки?

-Бројката е многу голема, не можеме да кажеме точно, но зборуваме за илјадници возила поминати без давачки. За нив не е издадена усна царинска декларација која предвидува во наредните 180 дена возилото да биде оцаринето, а тие во државава немаат никакви давачки. Загрижува фктот дека секое пропуштање на вакво возило е на штета на буџетот и тоа е кривично дело. Потоа имаме ставка англиски возила кои најчесто се носaт за вадење делови и носење на отпад за кои прв пропуст е што немаат зелен картон и наместо царинење со некој бакшиш се пропуштаат во нашата држава. И тука зборуваме за илјадници возила, и автомобили и камиони. За нив, наводно зо вложена една фунта се добиваат три фунти. Толку носи овој бизнис.

Како се решава проблемот со увозот и извозот на канабис?

-Во однос на канабисот имаме забележано аномалии и треба превентива за да не дојде до наплив на можно доаѓање на марихуаната на црниот пазар во Македонија. Експерти врлат дека не секоја марихуана е погодна  за изработка на масло за медицински потреби. Но, Законот не предвидува со кој квалитет треба да биде тој канабис што ќе се увезе во Македонија, па постои опасност да се увезува под еден тарифен број за цедење масло, а да заврши на црниот пазар. Затоа има простор да се зборува за нов правилник и она што се увезува за цедење масло навистина да заврши како масло. Со тоа нема да се дозволи Македонија да стане Колумбија во Европа.

Криумчарите на мигранти се еден чекор пред државата

Еден од проблемите на граничната линија, но и на територијата на државата е и криумчарењето мигранти. Како се справувате со ова?

-Тука имаме пофални зборови, бидејќи статистиката покажува 300 посто зголемување на откриени мигранти и кривични пријави за организатори. Но, организаторите ги менуваат модусите на „работа“. На пример транспорт на еден мигрант на мотор од Богородица до Табановце чини 700 евра и ако имате 10 мотори на 10 луѓе им плаќате по 100 евра и видете колкав е ќарот. А мигрант со кацига на мотор може релативно лесно да помине без да се открие дека е мигрант. Криумчарите секогаш имаат нови модуси и еден чекор се во предност пред државата. Сега на пример, користат дронови за да извидат каде има полициски контроли и пунктови.

Има ли вклучени полицајци во овој бизнис?

-Имаше и неколку кривични пријави и нема пардон за никого. Но, не можеме да коментираме коментираме конкретни случаи зашто не ја знаеме завршницата на суд. И на крај се носат условни казни за корупција. Значи слабата алка е завршницата. Вие давате сѐ од себе, работите и на крај имате со години „истрагата е во тек“ и ослободителни пресуди. Тоа е алармантно. Еднаш треба да се почне да се работи согласно законите.

На Националниот совет пред извесно време разговаравте за соработката со министерствата и институциите. Што беше заклучено?
-Зборувавме искрено и чесно за сериозните проблеми кои се детектирани и за секоја точка има конкретни предлог мерки по кои институциите треба да се изјаснат и да дадат свои предлози, зашто навистина прашањата кои беа поставени треба да се решат што поскоро.
Ако се следат директивите на ЕУ, конкретните проблеми се во однос на побрз проток на патници и стоки. Зборувавме за проекти што се поздравени од меѓународната заедница. Првиот е зелена лента, а тоа значи сите оние кои превезуваат зелена стока и жива стока, како и експлозиви и течности да имаат предност на минување на граничната линија. На почетокот беше предвидено да функционира на Табановце, а сега не знам зошто не функционира. Заклучивме дека треба да има прошоирување на граничниот премин и да се постави соодветна сигнализација да се знае кој камион каде ќе се престрои. Да не дојде до злоупотреба, односно оние камиони што превезуваат железо на пример да влегуваат на зелена лента, па полицијата треба да контролира на самата гранична линија, а не да стои пет километри претходно за да ги прегледува документите.

Ротација и во царината и во полицијата како европско правило

Ротација на службениците на граничните премини е европско правило и е едно од решенијата. Додека службеникот на новото место влезе во „шема“ ќе поминат 90 дена и ќе мора да оди на друг граничен премин, вели Пивоваров.

За тие 90 дена му треба време да се прилагоди на ситуацијата, да создаде група и да продолжи да го работи она што го работел. Според Пивоваров, ваквата ротација ќе се практикува во Царината, а добро би било истото да го има и во полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот