ИНТЕРВЈУ | Нина Ангеловска-Станков: Отворање инстаграм-профил не е трговија, мит е дека ова е лесен бизнис
Влегуваме во нова ера каде што AИ-асистенти ќе пребаруваат, ќе споредуваат и ќе и предлагаат производи на потрошувачите – вели претседателка на Асоцијацијата на е-трговија на Македонија
Македонија сè повеќе купува, плаќа и комуницира онлајн, но и покрај растот на е-трговијата, земјава сè уште е далеку од вистинска дигитална економија. Недовербата кај потрошувачите, сивата економија, недоволната дигитална писменост и неподготвеноста на дел од компаниите остануваат најголемите предизвици за развојот на онлајн пазарот.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“, Нина Ангеловска-Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, вели дека земјава е во процес на дигитална трансформација, но сè уште постои голем јаз помеѓу користењето интернет и вистинското дигитално економско учество.
– Македонија постепено станува сè повеќе онлајн економија, но би рекла дека сè уште сме во транзиција кон вистинска дигитална економија. Податоците покажуваат дека граѓаните масовно користат интернет, социјални мрежи и дигитални комуникации, а онлајн купувањето и дигиталните трансакции континуирано растат – вели Ангеловска.
Ангеловска предупредува дека еден од најголемите митови е верувањето дека е-трговијата е лесен бизнис.
– Не е доволно само да се отвори веб-страница или инстаграм-профил. Успешната е-трговија бара сериозна организација, логистика, маркетинг, корисничка поддршка, анализа на податоци и постојано подобрување на корисничкото искуство – вели таа.
Сивата економија создава недоверба
Ангеловска смета дека сивата економија и нерегистрираната продажба преку социјалните мрежи е еден од главните фактори што создаваат недоверба кај потрошувачите.
– Онлајн понудата од нерегистрирани субјекти што продаваат преку социјалните медиуми дополнително го подгрева проблемот. Има многу успешни и професионални е-трговци, но сè уште има компании што гледаат на е-трговијата како на дополнителен канал, а не како сериозен бизнис – вели Ангеловска.
Дополнителен проблем, според неа, е недоволната подготвеност на дел од компаниите.
– Кога корисникот ќе добие лошо искуство, доцнење на достава, производ што не одговара на сликата или невозможност да стапи во контакт со продавницата, тогаш се создава недоверба – посочува таа.
Плаќањето при достава е доминантен модел
Според последните податоци на Евростат, 60,33 проценти од интернет-корисниците во Македонија во 2025 година купиле онлајн барем еднаш во последните 12 месеци. Но, и понатаму сме под европскиот просек од 77,82 проценти, потенцира Ангеловска и додава дека голем дел од потрошувачите сè уште сакаат физички да го видат производот пред да го купат, особено кај облека или мебел.
– Кај дел од граѓаните и понатаму постои страв од злоупотреба на картички, измами или недоверба дали производот навистина ќе биде испорачан. Дополнително, долгогодишната навика за плаќање кеш при достава сè уште е силно присутна во регионот – вели Ангеловска.
Според анализите на Асоцијацијата за е-трговија, за повеќе од 70 проценти од компаниите токму плаќањето при достава и понатаму е доминантен модел.
Според податоците на Народната банка, вредноста на онлајн трансакциите во Македонија во 2025 година достигнала 950 милиони евра, што претставува раст од 32 проценти во однос на претходната година. Ангеловска вели дека особено е важно што расте не само купувањето од странски платформи, туку и бројот на домашни компании што продаваат онлајн. Најголем раст бележат категориите како облека, обувки, електроника, козметика, производи за домот, супермаркети и достава на храна.

Претседателката на Асоцијацијата истакнува дека влегуваме во нова ера каде што AИ-асистенти ќе пребаруваат, ќе споредуваат и ќе им предлагаат производи на потрошувачите.
Ангеловска Станков ја објави и својата прва книга „Ништо случајно“, во која отворено пишува за личниот и професионалниот пат, од создавањето на Групер, преку политиката, до животните предизвици и лидерството.


