ИНТЕРВЈУ Горан Кунгуловски: Непријателот треба да се декодира за да не се пука во темница

Македонскиот “сој” на коронавирусот е сличен со тој во Европа, а се разликува од кинескиот, но секој пациент си носи свое уникатно портфолио на мутации, вели д-р Кунгуловски.

Непријателот треба да се декодира за да не се пука во темница, вели младиот научник д-р Горан Кунгуловски, кој како прв човек на „Биоинженериг“ и на лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во „Жан Митрев клиника“ ги направи првите генетски испитувања на новиот вирус ковид-19 кај нас. Истражувањата покажуваат дека кај нас циркулира тип на ковид-19 кој е позаразен од оној во Кина, но и дека секој пациент си носи свое уникатно портфолио на мутации. Со д-р Кунгуловски разговараме и за вакцината и терапијата за новиот вирус, за неговото враќање од Германија каде заврши докторски и постдокторски студии, како и за тоа што е важно за младите луѓе да успеат во животот.

На пациентите сте им познат по генетските истражувања на кои работите во лабораторијата за во „Жан Митрев клиника“, додека меѓу колегите важите за одличен млад научник со импресивно образование и искуство. Последно со што ја предизвикавте љубопитноста на јавноста е научниот труд поврзан со ковид-19. Што констатирате во истражувањето за генотипот на вирусот, дали ова ваше истражување е дел од некоја поголема студија?

– Истражувањето не претставува дел од поголема студија и е целосно финансирано од нашата лабораторија како резултат на нашата лична љубопитност, бидејќи примарно сме научници и нашата муза е првенствено науката. Уште на самиот почеток се спремавме за секвенционирање односно декодирање на генетскиот материјал на новиот коронавирус SARS-CoV-2 и во меѓувреме развиваме комбинација на протоколи (дел развиени кај нас) коишто ќе овозможат најбрзо секвенционирање на вирусот. Откако го дефиниравме концептот, од стартот на експериментот во следните 5 часа ги добивме и првите секвенци на вирусот. Тие ни кажаа една интересна приказна, а тоа е дека секој пациент си носи свое уникатно портфолио на мутации, но и дека сите пациенти коишто ги тестиравме се носители на D614G (промена од аминокиселината D во G на позиција 614) мутацијата, којашто се смета дека ја зголемува заразноста на вирусот. Или што би се рекло дека македонскиот “сој” на коронавирусот е сличен со тој во Европа, а се разликува од кинескиот.

Велите дека S протеинот е еден од главните таргети за развој на вакцина против вирусот, а додека пак RdRp генот претставува еден од главните таргети за развој на терапија против вирусот. Што тоа значи за подготовка на вакцината која целиот свет ја очекува со нетрпение и за развој на соодветна терапијата особено што досега се применуваа некои експериментални третмани за кои имаше различни мислења?

– S (spike) протеинот е еден од најуникатните елементи на вирусот бидејќи тоа е клучот со којшто вирусот влегува низ клеточната врата. S протеинот исто така е еден од елементите коишто најлесно се препознаваат од имуниот систем и со тоа воедно претставува одличен таргет за дизајнирање на вакцина. Тоа значи дека при процесот на дизајнирање на вакцина треба да се имаат предвид мутациите како D614G, односно да се направи вакцина која би била ефективна и на “кинескиот” и на “европскиот сој.” Во однос на третманот, најбрзата шанса лежи во лекови коишто иницијално биле наменети за третман на други типови на вирусни инфекции или болести, но покажале некакви резултати и кaj SARS-CoV-2 и ги поминале сите клинички студии за безбедност.

Дали истражувањата покажуваат дека генотипот на вирусот кој циркулира кај нас и во Европа побрзо се шири отколку оној коj циркулираше во Кина?

– Сегашните студии укажуваат дека D614G сојот којшто најверојатно произлегол во Европа некаде во февруари, иницијално претставувал малцински сој, но за кратко време се намножил повеќе од оригиналниот и станал доминантен. Тоа значи дека вируси со G614 секвенца (европски сој) многу полесно се пренесуваат од вируси со D614 секвенца (кинески сој) или пак генетската конституцијата на Европјаните е посклона кон инфекции со G614 мутацијата. Идни контролирани и систематски студии ќе покажат која е точната хипотеза.

Од она што досега се знае, дали овој вирус е склон кон почести мутации или не и што тоа ќе значи за заштита со вакцина?

– Поради брзата делба, сите вируси се склони кон добивање на нови мутации. Прашањето не е дали вирусот ќе добие нови мутации (сигурно ќе добие), туку дали тие мутации ќе имаат некаков ефект врз биологијата на вирусот, како преносливоста, симптоматологијата што ја предизвикува и слично. SARS-CoV-2 вирусот според иницијалните студии е помалку склон кон мутации од influenza вирусот, што е добро и се смета дека една вакцина би водела до заштита на подолг временски рок. Причината за тоа е што геномот на вирусот е поголем отколку на други типови на вируси и во него има “лекторски” ензим којшто ги корегира грешките во РНК при неговата делба и со тоа се намалува неговата мутабилност. Но ова се само претпоставки и оставаме на времето да покаже дали навистина ќе биде така.

Вие сте биоинженер кој работи персонализирана медицина. Може ли да ни кажете во кратки црти кои се предностите на овој пристап во третманот на сите болести кои ја мачат денешницата?

– Мојот пристап во биомедицината, филозофијата и животот е дека секогаш е подобро да се знае отколку да не се знае. Подобро е да го знаете вашиот генетски ризик за развивање на одредени болести, да знаете однапред како би реагирале на одредени лекови, отколку да не знаете. Доколку знаете дека имате ризик за кардиоваскуларни болести, можете да преземете проактивни мерки за да ги неутрализирате. Доколку имате зголемен ризик за канцер, исто така можете да преземете проактивни мерки со цел навремена детекција и третман. Само доколку го знаете вашиот “непријател” можете да преземете нешто во врска со него и да го пробате да го сузбиете. Сличен е контекстот и со геномот на коронавирусот, многу полесно ќе стане кога поинтимно ќе се запознаеме со овој невидлив непријател отколку да пукаме во темница – единствен начин да се запознаеш со некој вирус е преку декодирање на неговиот генетскиот код.

За време на докторските и пост-докторските студии на Универзитетот во Штутгарт сте живееле и работеле во Германија. Но сега сте тука, може ли да ни кажете зошто се вративте во време кога сите заминуваат и дали се уште мислите дека сте донеле добра одлука?

– Човековата психологија функционира на тој начин што секогаш мислиме дека одлуките што сме ги донеле се подобри од некои други алтернативни одлуки. Моите причини за враќањето во Македонија беа лични и семејни и воопшто не се каам за истите. Спротивно, се гордеам што со мојата фирма Био Инженеринг сме успеале да најдеме модус на соработка со Жан Митрев клиниката и преку лабораторија сме успеале да изградиме нешто ново, функционално и супер корисно и за болните и за здравите луѓе. Со сите пречки, уникатности и “интересности” коишто ги нуди нашата напатена земја. Младите луѓе треба да знаат дека најважна е едукацијата, формална и неформална. Поставување на прашања и критичко, здраворазумно решавање на проблеми. Критика на лоши идеи, без разлика од каде доаѓаат. Скептицизам кон авторитети. Љубов кон природата и сите нејзини тајни и интригантности. За разлика од денешните политичари, да бидеме рационални, да размислуваме за доброто на сите и нашите одлуки да ги базираме на насоките дадени од нашиот морален компас, а не ситнодушни интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот