ИНТЕРВЈУ Душко Гошевски, адвокат и експерт за криптовалути: Изминатата 2021 беше година на биткоинот!

Душко Гошевски, експерт за крипто валути
Душко Гошевски, експерт за крипто валути, фото: Слободен печат

На 7 декември 2021 година, на системот на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) беше поставен за јавна дебата новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам, а деновиве изминуваат 30 дена од објавата. Овој закон во голема мера ќе придонесе за регулација на повеќе значајни сегменти од новата дигитална економија кај нас.

Изминатата 2021 година беше година на биткоинот! Таа за првпат стана национална валута во една држава (Ел Салвадор), во еден момент достигна и пазарна капитализација од 1 трилион, односно 1.000 милијарди американски долари

За настанокот, за актуелната состојба и за иднината на светскиот финансиски феномен, разговараме со Душко Гошевски, адвокат и експерт за криптовалути. Изминатата 2021 година биткоинот за првпат стана национална валута во една држава (Ел Салвадор), а во еден момент достигна и пазарна капитализација од 1.000 милијарди американски долари.

Историјата на овој (најнов) феномен сепак не е толку скорешна колку што изгледа?

– За да го разбереме континуитетот, добро е да се навратиме на генезата, на времето пред настанувањето на биткоинот, како прва криптовалута. Точно е дека биткоин и блокчеин технологијата е одговор на финансиската криза од 2009 година, но уште поточно е дека е плод на речиси дводецениски обид на одредена (криптографска) заедница чијашто, ако сакате, идеолошка цел била да се намали традиционалната концентрација на моќта во традиционалната власт. Овие идеи датираат од почетокот на 90-тите, па и пред тоа, уште од пронаоѓањето на криптографската технологија на американските универзитети Стенфорд и МИТ, со чија помош и обичните луѓе можеле да ги шифрираат/криптираат своите информации.

Претходно, системот на готовински пари со векови функционирал на класичен, општопознат начин. Можеби ќе звучи контрадикторно, но токму дигитализацијата на модерниот финансиски и монетарен систем го предизвикала настанувањето на алтернативниот крипто-систем. Дигитализацијата на личните финансии, со комплетната централизација на сите податоци во еден центар на моќ почнала да станува закана за економската слобода на поединецот. Членови на одредени сајферпанк, либертаријански или анархистички кругови работеле на овие идеи, но меѓу нив имало и слободоумни луѓе, кои централизацијата на моќта во неолибералниот капиталистички систем ја сметале како закана за личната приватност, со девизата дека отвореното општество значи анонимност и на финансиските трансакции.

На почетокот од осумдесеттите години од минатиот век криптографот Дејвид Чаум – кој е креаторот на првите интернет-пари „дигикеш“ во 1995 година – сметал дека светот се соочува со губење на приватноста поради создавањето огромни бази на податоци и зголемената централизација во нивното собирање и обработка. Сепак, и изумот на Чаум, кој стигнал дури и до една банка во САД, имал централна организација и пропаднал заедно со банкротирањето на неговата компанија во 1998 година. Концептот на Адам Бек за хеш-кеш и принципот на дигитални токени се појавува во 1997 година, додека концептот за бит-злато на Ник Сабо се појавува една година подоцна. Хал Фини (подоцна вториот човек во биткоин низата) настапил со систем КРЕШ, кованица од крипто и кеш. Но, сите овие идеи што биле во развој имале одредени недостатоци и недоречености, чијшто најголем проблем била централизираноста на системите.

Пресвртот во целата приказна доаѓа во 2008 година кога мистериозниот Сатоши Накамото ѝ се обраќа токму на оваа криптозаедница со објавата дека измислил нов електронски систем, кој е децентрализиран и целосно и независно функционира од корисник до корисник. Својот изум го нарекол биткоин. Останатото е (дигитална) историја.

Но, на биткоинот му требаше повеќе од една деценија за да биде „препознаен“ како алтернативна валута и како посебен финансиски ентитет…

 – Така е, до 2012 година биткоинската криптозаедница е многу кревка и нестабилна. Со цел да се пробие мразот и да се признае како валута, пошироко се нудени дури и по 10.000 биткоини за една пица или за хартиени чинии. Значителен бил напорот на членовите на оваа заедница да докажат дека овој децентрализиран блокчеин-систем, кој е поддржуван само и исклучиво од своите корисници, може да успее и дека станува збор за технологија на иднината. Всушност, се работи за основниот постулат на легитимноста на секои пари, а тоа е бројноста и довербата на што поголем број луѓе нив да ги користат.

Минатата, 2021 година, се смета за најуспешната досега за ширењето на криптовалутите. Каков е „билансот“ во оптекот на криптовалутите лани?  

– Изминатата 2021 година беше година на биткоинот! Таа за првпат стана национална валута во една држава (Ел Салвадор), во еден момент достигна и пазарна капитализација од 1 трилион, односно 1.000 милијарди американски долари, а вредноста на биткоинот што се движеше под 30.000 долари на почетокот од 2021 година, рипна речиси и на 70.000 долари, за на крајот од годината да се стабилизира на 50.000. Многу важен момент што го поттикна растот е приклучувањето на Илон Маск и „Тесла“ во трговијата со биткоини. Секако, присутни се и другите криптовалути, како етериум, тетер, кардано, солана… Сите заедно придонесоа пазарната капитализација на криптовалутите да надмине 3 трилиони долари, што е фантастичен износ!

Каде сѐ може да најде примена оваа нова децентрализирана финансиска технологија? Кои други криптовалути можат да го продолжат развојот на оваа технологија?

– Нормално е криптовалутите првенствено да се поврзуваат со пари и финансии, но самата блокчеин технологија е многу повеќе од тоа и отворено навлегува во сите можни аспекти на живеењето: во културата, спортот, музиката, технологијата, видеоигрите… Веќе има колеџи и универзитети со програмски наставни единици од сферата на криптовалутите, „Стејплс центарот“ во кој игра НБА-тимот на Лос Анџелес „Лејкерс“ сега се вика „Крипто арена“, „Мастеркард“ ги внесе криптовалутите како дел од својот платежен систем…

Во моментов имаме борба за преобликување на новата дигитална економија, тоа е отворен судир помеѓу традиционалната и новата децентрализирана економија. Замислете, најавите се дека наредната еволуција на интернетот, наречена ВЕБ-3, ќе работи на децентрализирана инфраструктура, ќе се потпира на своите корисници, базирано на програмибилна блокчеин технологија! Што значи тоа? Ќе нема компании-посредници и сервери што го управуваат процесот, туку интернет-сообраќајот ќе се одвива без цензура, базирано само врз постапките и изборот на сопствените корисници!

Тука се и новите, таканаречени „незаменливи токени“ (НФТ) кои силно го привлекуваат вниманието на инвеститорската и финансиската јавност и се основа за развој на ДеФИ или „децентрализирани финансии“, слично на новата ВЕБ-3 генерација на интернетот.  Финансиските токени, кои вредеа 10 милијарди долари на почетокот на 2020 година, година-две подоцна имаат вредност од 100 милијарди долари! Содржат  елементи на „паметни договори“ со решени авторски права што ги задржува основачот/креаторот.

Очекувам оваа 2022 година да даде одговор на многу прашања поврзани со иднината на овој виртуелен финансиски свет што сѐ повеќе станува стандарден и мејнстрим.

Како е на „домашен терен“: дали во 2022 година треба, конечно, да очекуваме регулација на оваа сфера во Македонија?

 – На 7 декември 2021 година, на системот на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) беше поставен за јавна дебата новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам, а деновиве изминуваат 30 дена од објавата. Овој закон во голема мера ќе придонесе за регулација на повеќе значајни сегменти од новата дигитална економија кај нас. За првпат ќе бидат дефинирани криптовалутите, односно  „виртуелните средства“. Овој закон, покрај виртуелните средства, уредува и кои се давателите на услуги поврзани со виртуелни средства, размената и услугите поврзани со виртуелните средства, управувањето со портфолија на виртуелни средства, поставувањето криптомати, виртуелните паричници, организацијата на платформи за тргување со виртуелни средства, јавните понуди на нови криптовалути итн.

Онака како што е предложен овој закон, забранети се готовински трансакции со криптовалути над 500 евра, а секоја трансакција над 1.000 евра ќе се евидентира и ќе биде видлива за надлежните органи. Во секој случај, ова ќе го создаде неопходниот легислативен амбиент и за регулација, но и за позасилена економска активност во оваа сфера и верувам дека ќе биде вовед за нов, посебен (lex specialis) закон за криптовалути, по примерот од државите од регионот.

Значи ли тоа дека, во догледна иднина, може да се очекува и воспоставување на нов, независен банкарски криптосектор, со свои понуди и услуги изразени во криптовалути?

– Таа догледна иднина полека се претвора во сегашност и зависи од следното: дали целиот финансиски инженеринг на криптосекторот ќе се заокружи во една „вистинска“ економија? Доколку целата дигитализација и технологија се (до)оформи во тој сектор, врз база на децентрализација и транспарентност, системот ќе си е доволен сам на себе да ги овозможи сите можни финансиски понуди и услуги: од кредитирање, преку купување и продавање, до преобликување на целата економија и тоа со подобра технологија и по пониски цени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот